„Вицепремиерот Љупчо Николовски, како надлежен за следење и примена на Кодексот за етичко однесување на членовите на Владата и носители на јавни функции именувани од Владата, испрати барање до независниот член на Одборот на директори на АД Македонски телеком, Шкодране Дардишта, да достави известување во врска со изнесените наводи во јавноста.
Од страна на Дардишта до кабинетот на вицепремиерот Николовски пристигна одговор во којшто таа изразува жалење за погрешно протолкуван статус, образложувајќи дека статусот содржи политички пораки, повик за политички натпревар, а не повици за војна. По добиеното известување, дополнително ќе се одлучува за понатамошно постапување“, се вели во одговорот од портпаролот на Владата.
Дардишта, како членка на ДУИ, на 6 ноевми на својот фејсбук-профил во врска со актуелните политички случувања и можното неучество на ДУИ во некоја нова владина коалиција напиша: „Сѐ уште ги имаме чизмите на таван во старата куќа, за час ги вадиме белите патики. Ние не сме сираци, ние сме никнале после војна. Не играјте со оган, затоа што на крај сами ќе изгорите во него.“
До Основното јавно обвинителство – Скопје денеска политичката партија Левица поднесе кривична пријава против актуелната владина членка на Одборот на директори на АД Телеком и поранешна директорка предложена од ДУИ на заедничките служби на Клиничкиот центар во Скопје – Шкодране Дардишта, поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело „предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа“.
A.Д.






