Авторот на книгите

За финалето на „Престолите“ се огласи и Џорџ Мартин

Последната ноќ, последната епизода. По осум легендарни сезони, серијата „Игра на престолите“ на Ејч-би-о заврши, напиша вчера на својата веб-страница Џорџ Р.Р. Мартин, авторот на серијалот книги „Песна за мразот и огнот“, по кои беше направена серијата.

Да бидеме искрени, тешко е да се поверува дека заврши. Годините поминаа додека да трепнеш. Дали е можно навистина да поминала повеќе од една деценија откако мојот менаџер Винс Џерардис ми договори состанок во Палм во Лос Анџелес и првпат седнав со Дејвид Бениоф и Д.Б. Вајс на ручек што траеше долго по вечерата? Ги прашав дали знаат која му е мајка на Џон Сноу. За среќа, знаеја.

Така почна сè. Заврши синоќа.

Немав поим, тоа попладне во Палм, дека ќе тргнам на патување што ќе ми го смени животот. Претходно имав можност за книги и приказни на телевизија и филм. Некои беа дури и направени. Немаше начин да се знае дека ова ќе биде нешто поинакво, дека оваа пилот-епизода не само што ќе биде снимена, туку и ќе стане најуспешната серија во историјата на Ејч-би-о, ќе освои рекорден број Еми награди, ќе стане најпопуларна (и најпиратирана) серија во светот и ќе претвори група талентирани, но главно непознати глумци во познати личности и ѕвезди. Уште помалку претпоставував дека и јас некако ќе станам славна личност... и ако сме искрени, сè уште не сум сигурен како се случило тоа.

Тоа беше одлична авантура, најблаго речено.

Сакам да им се заблагодарам на луѓето, но ги има толку многу. На премиерата на осмата сезона во градот Њујорк имаше четириесет и два члена на актерската екипа, а не беа ни сите таму. И персоналот, иако помалку видлив од глумците, не е ништо помалку важен. На оваа серија работеа неверојатни луѓе, за што сведочат сите тие Еми награди. Дејвид и Ден собраа шампионски тим. И режисерите беа неверојатни. Треба да почнам да редам имиња, ама така ќе пропуштам некого, ги имаше толку многу. Но мора да ги споменам Дејвид Бениоф, Ден Вајс, Брајан Когман (третата глава на змејот, како што реков во неодамнешниот текст во Венити фер за него), и секако одличниот тим на Ејч-би-о, предводен од Ричард Плеплер. Која било друга мрежа, и „Игра на престолите“ немаше да биде она што стана. Повеќето други мрежи, и оваа серија никогаш немаше да биде ни направена.

Можам да терам вака... и терам, зашто овој пост го пишував во мојата глава... но има навистина премногу да се каже. Разделбата е толку слатка тага, напиша Бардот. Во неделите и месеците што доаѓаат можеби ќе постирам за некои од моите омилени моменти од изработката на оваа серија... понекогаш, кога се чувствувам носталгично... ама токму во моментов има толку многу спомени и нема време сите достојно да ги одбележам.

Дозволете ми да го кажам ова - минатата ноќ беше крај, но беше и почеток. Никој нема во скоро време да се пензионира. Дејвид и Ден преминуваат на „Ѕвездени војни“ и потоа на други проекти. Амазон го зграпчи Брајан Когман и го впрегна да работи на развивање сопствени серии, како и да им помага во нивниот голем Толкин-проект. Нашата брилијантна актерска екипа се распрсна со четирите ветрови, ама во годините што доаѓаат ќе видите многумина од нив во секакви видови телевизиски емисии и филмови. Нашите режисери исто така се зафатени. Се сомневам дека последен пат го видовте Вестерос на вашите телевизори, но претпоставувам дека сето тоа зависи од тоа какви ќе излезат некои од овие серии-наследници.

А јас? Сè уште сум тука, и сè уште сум зафатен. Како продуцент, имам пет серии во развој на Ејч-би-о (некои немаат ни најмала врска со светот на Вестерос), два на Хулу, една на каналот Хистори. Вклучен сум во голем број филмски проекти, некои базирани на мои сопствени приказни и книги, некои на материјал создаден од други. Има и кратки филмови што се надевам дека ќе ги направам, адаптации на класичните приказни од еден од најбрилијантните, најексцентрични и најоригинални писатели што нашиот жанр некогаш ги произвел. Ме консултираат за видеоигра надвор од Јапонија. И тука е и „Мјау вулф“...

И пишувам. Зимата доаѓа, ви кажав, одамна... и така е. ВЕТРИШТАТА НА ЗИМАТА многу доцни, знам, знам, ама ќе биде готова. Нема да кажувам кога, го пробав тоа претходно, само за да ве спржам сите вас и да се урочам себеси... ама ќе ја завршам, а потоа ќе дојде СОН ЗА ПРОЛЕТ.

Како ќе заврши сето тоа?, ги слушам луѓето како прашуваат. Истиот крај како и серијата? Различно?

Паа... да. И не. И да. И не. И да. И не. И да.

Јас работам на многу поинаков медиум од Дејвид и Ден, никогаш не заборавајте. Тие имаа шест часа за оваа последнава сезона. Очекувам овие мои две последни книги да пополнат 3.000 страници ракопис пред да завршам... и ако се потребни повеќе страници и поглавја и сцени, ќе ги додадам. И, се разбира, во функција ќе биде и причинско-последичниот ефект; оние од вас што го следат овој мој Не-Блог ќе знаат дека зборував за тоа уште од првата сезона. Има ликови што воопшто не се појавија на екранот, и други што умреа во серијата, но сè уште се живи во книгите... па ако ништо друго, читателите ќе дознаат што се случило со Џејн Пул, Леди Стонхарт, Пени и нејзината свиња, Скахаз Шејвпет, Аријана Мартел, Даркстар, Виктарион Грејџој, сер Гарлан Галантниот, Егон VI, и голем број други ликови, големи и мали, кои гледачите на серијата никогаш немаа шанса да ги запознаат. И да, ќе има еднорози... некој вид...

Книгата или серијата, што ќе биде „вистинскиот“ крај? Тоа е глупаво прашање. Колку деца имаше Скарлет О'Хара*?

Ајде вака. Јас ќе го напишам. Вие ќе го прочитате. Потоа секој ќе може самиот да си одлучи и да се расправа за тоа на интернет.

 

*Скарлет О'Хара, хероината на „Однесено од виорот“, во книгите има три деца, а во филмот само едно.

(Текстот е одговор на колумната „Сите нации се модерни конструкти" од д-р Љубица Спасковска објавена на МКД.мк, 1 август)

повеќе

На мојот пријател, овчарот Митко му реков: „Дојде време ти, јас, сите граѓани на Македонија да си го вратиме суверенитетот на оваа наша држава".

повеќе

Неопходно е да се допрецизира законот со што би се овозможило одреден дел од финансиски средства да се пренасочат кон делот на општествена одговорност на приредувачите на игри на среќа со цел подобрување на спортската инфраструктура.

повеќе