Според кралските готвачи

Што сè јаде британската кралица во текот на денот

„Кралицата јаде за да живее, додека принцот Филип живее за да јаде“, вели поранешниот кралски готвач Дарен Мекгрејди.

Со тим првокласни готвачи, со пристап до најдобрата храна што може да се купи со пари и со дворски трпезарии низ цела Велика Британија, ќе помислите дека оброкот секогаш е престижна работа во домаќинството Виндзор.

Сега поранешниот готвач на кралицата, Дарен Мекгрејди, ја тргна завесата и ги откри приватните навики за јадење на Нејзиното височество, а зборува и за нејзините омилени пијалаци.

Главната улога на овој 58-годишник за време на неговиот 15-годишен престој во Бакингемската палата била личен готвач на кралицата Елизабета Втора, кој ја придружувал на две кралски турнеи во Австралија. Тој, исто така, готвел и за пет американски претседатели - Форд, Реган, Клинтон и двајцата Бушовци - за време на нивните државни посети.

Мекгрејди работел и за други членови на кралското семејство - вклучувајќи ја принцезата Дајана и нејзините синови Вилијам и Хари во Кенсингтонската палата. Тој готвел за Дајана ноќта кога таа загина - на 31 август 1997 година. Мекгрејди веќе ја имал готова вечерата и чекал таа да се врати.

Сега во својата книга „Кралско јадење: рецепти и сеќавања од кралската кујна“, Мекгрејди ги открива омилените јадења и навики на кралицата, како и работите што таа не ги обожава на трпезата.

Мекгрејди вели дека кралицата има четири оброци на ден - но јаде само по мали порции. Во серија јутјуб-видеа со прашања и одговори тој вели дека кога бил нејзин личен готвач помеѓу 1982 и 1993 година, кралицата јадела појадок, ручек, попладневен чај и вечера.

За појадок таа јадела едноставно. Кралската биографка Кејти Никол претходно има кажано: „Нејзиното кралско височество обично почнува со едноставна шолја чај и бисквити, проследено со чинија житарки“.

Ова е пред да премине на ручек од риба на скара со варен спанаќ или тиквички, вели Мекгрејди. Таа исто така го обожава едноставното пилешко на скара со салата - опција за ниско ниво на јаглени хидрати.

Потоа, доцна попладне, вели Мекгрејди, кралицата пие попладневен чај. (Кралицата секогаш јаде земички со џем и корнски згрутчен крем - а прво го мачка џемот).

Тој објасни: „Таа секогаш пиеше попладневен чај каде и да беше на светот. Ќе одлетавме во Австралија и ќе се сместевме на Кралската јахта. Ќе беше пет часот наутро, но за кралицата беше пет попладне, така што мојата прва работа беше правење земички“.

Кралицата имала 20 готвачи во кралската кујна во времето кога Мекгрејди работел таму, вели тој. Главниот готвач ѝ давал мени на кралицата двапати неделно, а потоа таа избирала оброци по свој вкус.

Мекгрејди вели дека иако кралицата никогаш директно не рекла дека нешто не ѝ се допаднало, се случило да остави порака во нотес за вработените. „Таа имаше мала книга на своето биро и само ќе напишеше 'Не го сакам пак ова' или нешто слично“, објаснува тој.

Кралицата наводно посебно обожава пијани ракчиња Моркам беј на тост. Во едно видео со прашања и одговори, Мекгрејди вели: „Тие се готват и се маринираат во тој зачинет путер, кој е тајна. Кралицата ги јаде со топол тост, а кога ќе ги намачкате на топол тост, путерот се топи“.

Кралицата можеби ужива во само мали порции солена храна, но Мекгрејди вели дека е лакома за слатко. Марките чоколади Шарбонел и Вокер, и Бендикс и Престат имаат кралски повластици, односно редовно го снабдуваат кралското семејство.

„Таа апсолутно е чокохоличар“, изјави Мекгрејди за списанието Хелоу во 2016 година. „Сè што ќе ставиме на менито а има чоколада, таа ќе го избере, особено питата чоколадно совршенство (слоевита чоколадна пита со бела и црна чоколада и струготини од чоколада)“.

Едно од омилените „грешни задоволства“ на кралицата во времето на Мекгрејди бил топол сендвич крок-месје, со стопено швајцарско сирење, шунка и матени јајца, рече тој.

Едно од најомилените јадења на принцот Филип е кулебјака од лосос, еден вид руска пита, па Мекгрејди вели дека секогаш имало многу лосос за јадење кога членовите на кралското семејство престојувале во Балморал затоа што често оделе на риболов.

„Сепак, има храна што ја сакаат и кралицата и кралското семејство и сето тоа е плод на нивниот имот, особено на замокот Балморал.“

Освен што ужива во четири оброци - монархињата сака и да си потпивне, според нејзината братучетка Маргарет Родос, која рече дека преферираните пијалаци на кралицата се џин и слаткиот аперитив дубоне, како и чаша шампањ.

Мекгрејди вели дека најпопуларниот оброк во седмицата секогаш бил петочната риба со чипс.

„Сите сакаа риби и чипс“, објасни Мекгрејди. „Целиот персонал, 300 вработени во Бакингемската палата, сите готвачи, имаа риба и чипс за ручек. Но баталете ги тартар-сосот и кечапот, ние го обожававме со салатен крем. Салатен крем на тој помфрит, на тие чипсови“.

Кралицата не ужива во силни вкусови, како што се лук и кромид, вели Мекгрејди. „Кралицата не сака лук... никогаш не можевме да го користиме во Бакингемската палата“.

Мекгрејди вели дека најважното нешто што треба да се запамети е дека - за разлика од готвењето во хотел или ресторан - тука готвите само за една личност, така што важен е нејзиниот вкус. „Сè се сведуваше на готвење јадења што ѝ се допаднале на кралицата - на пример, може да направите говедско строганоф и ако на неа не ѝ се допаднеше пиперот во него, тоа стануваше јадење без пипер затоа што готвите за таа една личност“.

Ова важело и ако принцот Филип вечерал со својата сопруга. „Кралицата јаде за да живее, додека принцот Филип живее за да јаде“, вели Мекгрејди. „Тој обожава кари-јадења со многу лук и зачини, вистински гурман. Но никогаш не смеевме да направиме две јадења, едното со многу лук, другото без лук, секогаш сè се сведуваше на кралицата, јадеш сè како што јаде таа“.

Мекгрејди вели дека додека принцот Филип е „неверојатен готвач“ и редовно ужива да готви на скара и да организира семејни скари на имотот Балморал, а помладите кралски членови како Вилијам, Кејт, Меган и Хари уживаат да готват, самата кралица се држи подалеку од кујната.

И не, кралицата никогаш не го сакала Мекдоналдс. „Кралицата никогаш не порача брза храна. А кога имате 20 готвачи во кујната, зошто би? Може да се јавите во кујната и да нарачате што сакате“, вели Мекгрејди.

Мекгрејди вели дека најсвечениот настан со храна во палатата е Божиќ. Сепак, тие одат со традиционалните опции. „Тоа беше истиот оброк секоја година“, рече тој. „Тие всушност се здодевни кога станува збор за свечености. Не јадат шунки и ништо такво, само традиционалните мисирки.“

„Правевме три мисирки за кралицата и за нејзиното семејство во кралската трпезарија, една за детскиот оддел, а потоа и уште повеќе за околу 100-те вработени, така што сите јадеа божиќен ручек“.

И не штедеа на десертот - божиќниот пудинг ќе беше „украсен во божиковина, полеен со бренди, а стјуардот ќе го внесеше, во пламени, во кралската трпезарија“.

За Денот на мајката, Мекгрејди вели дека кралицата „воопшто не слави“, но често одела во замокот Виндзор за време на викендот и сакала специјални јајца за појадок.

Кралското семејство не ја слави ни Ноќта на вештерките, потврди Мекгрејди.

Јас, Ангела Илиевска , учесник во повеќе протестни движења низ годините наназад, со себе го носам товарот на мојата личност и идеалите кои ги застапувам низ сите тие движења.

повеќе

Германија не го негира своетo фашистичко минато, ниту дека ја окупирала Франција, па следствено, не се ни менувани ни учебниците во обете земји, ниту се бришани делови од споменични натписи.

повеќе

Некогаш, долго после нашава посета на овој свет ќе се појави некој кој ќе го интересира нашиот престој тука.

повеќе