Кит Харингтон - чиј стоички воин Сноу последен пат го видовме протеран од Вестерос во финалето на „Престолите“ - ќе го глуми главниот лик доколку се снима продолжението, објавија Холивуд рипортер и Вараети, цитирајќи анонимни извори.
ХБO одбило да коментира, а претставниците на Харингтон не одговориле веднаш на барањето на АФП за коментар.
Ако серијата добие зелено светло, таа би била само најновата во брзорастечкиот телевизиски универзум базиран на фантастичните романи на Џорџ Р.Р. Мартин.
Веќе се подготвуваат три играни приквел-серијали (меѓу кои и „Куќата на змејот“, која ќе се појави на екраните овој август), како и три анимирани приквели.
Но наводната серија за Џон Сноу ќе биде првата што ќе биде сместена по настаните од големиот хит „Игра на престолите“, со кој се збогувавме длабоко поделени поради последната сезона во 2019 година.
Додека неколку главни ликови умреа, Сноу - за кој беше откриено дека е Егон Таргариен, потенцијален наследник на Железниот престол - замина од Вестерос во егзил, кон ледениот и див Север.
Неговиот лик веќе беше убиен, па враќан во живот, откако го беа предале неговите сопствени „браќа“ во текот на серијата.
Веста за можното продолжение на интернет наиде на мешани реакции од обожавателите, при што некои се воодушевени што пак ќе го гледаат веројатно најистакнатиот лик од „Престолите“, а други ја доведуваат во прашање логиката на продолжувањето на разочарувачкото финале на оригиналната серија.
„Брат, во овој момент само одново направете ја последната сезона... Ние нема да ви се налутиме, а вие повторно ќе ги заработите сите тие пари и ќе имате шанса за компетентен крај“, се вели во една популарна објава на Редит.
Во текот на осумгодишното прикажување од 2011 година, „Престолите“ беа светски феномен, освојувајќи рекордни 59 Еми награди со своите завојувани семејства и змејови што блујат оган, жестокото насилство и постојаниот секс.
Во 2021 година Мартин потпиша петгодишен наводно осумцифрен договор со ХБO за развивање серијали и во и надвор од универзумот на „Престолите“.