Осма сезона

Епизода 5 од Игра на престолите е само едно долго 80-минутно „ААААААААААА!“

Ако некој ве праша што се случи неделава во онаа серијата со змејови што ја гледате, дозволено ви е само гласно да врескате еден час и 20 минути. Бидејќи оваа епизода беше тоа. Само едно, долго 80-минутно „АААААААААА!!!“

Работите почнуваат доста мирно. Без Мисандеј да ѝ ја плете косата или да ѝ мачка коректор под очи, Денерис влегува во „предгеноцидна“ естетика, шуткајќи се околу Драгонстон. Таа му е лута на Џон, лута му е на Тирион, а особено му е лута на Варис затоа што го брбори по луѓе вистинското потекло на Џон. Се чини дека „мајсторот на шепотот“ стана „мајстор на гласното дискутирање смртоносни тајни“, и пред дури да стигнете емотивно да се подготвите за овонеделното крвопролевање, сите тие веќе стојат на плажата со стоички изглед, а Дени го осудува Варис на смрт, па се појавува Дрогон со своите 3.000 заби и уау, идеме јако.

Еден главен лик умрен, чекаме уште шокантно многу.

Тирион, полн со сомнеж и страв и дефинитивно ненавикнат на ниедно од двете чувства, го наоѓа Џејми, кој е фатен и затворен во Драгонстон. Двајцата браќа топло се прегрнуваат и Тирион му изложува на Џејми план да избега со Серсеи и да почне нов живот во Есос, каде што наводно се потолерантни кон инцестоидните убијци.

Ама прво, време е за војна. Атмосферата е напната во Кингс Лендинг, каде што внатре во Ред Кип се напикани цели сурии обични граѓани, а Златната компанија и Железната флота ги заземаат своите позиции несвесни дека набргу ќе му станат мезе на змејот. Ако генерално измачениот изглед на Дени не беше доволен знак, потоа добивме многу добри, топли сцени со невините граѓани на Кингс Лендинг што ги влечат своите деца со очи како срни. Според законите на телевизијата, емотивни сцени со обични граѓани добивате само ако треба да им се случи нешто стварно, стварно страшно.

И, тоа и се случи. Дрогон се втурна од небото како 10-тонски галеб и за неколку минути Железната флота, Златната компанија и целата опрема за убивање змејови на Ланистери беа комплетно спржени. Греј Ворм, кого го обзедоа толку длабоки чувства што комплетно си го заборави шлемот, му збрца копје на лидерот на Златната компанија, и потоа Беспрекорните и преостанатите живи Дотраки тргнаа во опустошување на градот.

Тоа е смешно лесна победа за Денерис и компанија. Дури и Серсеи го гледа тоа, качена на врвот на Ред Кип со загрижениот Кибурн. Мала дигресија: старата добра Серс сега веќе мора да е околу 500 месеци трудна, па зошто има стомак на некој што каснал пет залаци бурито за ручек?

Како и да е, таа е опколена и го знае тоа. Додека градските тврдини горат до пепел, а непријателските сили се приближуваат, почнуваат да бијат камбаните во знак на предавање. Една единствена солза се тркала по гордото лице на Серсеи. Дрогон и Денерис се смируваат, Беспрекорните и ланистерските сили срдечно се ракуваат и двете страни продолжуваат со мирен трансфер на власта.

Само се шалам! Дени комплетно се претвора во „Луда кралица“ и спржува СÈ ЖИВО. Невини деца? Добивате Дракарис! Цели градски блокови? Добивате Дракарис! Сите добиваат Дракарис! Лицата на Џон и Тирион кажуваат сè. Ова дефинитивно не е по план. Денерис Таргериен се одметна.

Сепак, немојте да мислите дека само поради тоа што илјадници луѓе се спалуваат живи, а Кингс Лендинг буквално се распаѓа, дека нема време за една мала тепачка за тоа кој ќе ѝ биде дечко на Серсеи. Некако, во екот на сè што се случува, Јурон, пијаната бубашваба на Вестерос, го наоѓа Џејми и тие се впуштаат во екстремно атлетско туркање на брегот на Блеквотер Беј. Сепак, тоа не е лошо: Џејми го убива Јурон, со што можеме да се согласиме дека сите сме во ќар.

А, да! Патем, Арја и Хаунд мора да ги баталиле коњите и да се качиле на некој брз воз, бидејќи и тие се тука во Кингс Лендинг. Хаунд ја тера Арја да бега додека уште може, и тие се разделуваат со најмаксималната нежност што може да се очекува од двајца емотивни убијци. Ништо не може да натера една девојка комплетно да ја заборави својата листа за убивање како апокалиптичниот змејски оган, па веднаш потоа Арја преплашено трча низ улиците како и сите други.

Во меѓувреме, во умот на Хаунд е одмаздата. Тој налетува на Серсеи, Кибурн и Маунтин додека овие бегаат од Ред Кип, и откако Маунтин како партал го фрла Кибурн кон задгробниот живот, почнува КЛЕГЕЈНТУРНИР. (Пак едно мало потсетување: сѐ живо гори! Сега ли најдовте да средувате лични сметки?)

Всушност, одговорот е да. Хаунд конечно му ја трга маската на Маунтин, откривајќи ни еден отечен мувлосан Дарт Вејдер на местото каде што порано бил брат му. Се борат. Величествено и крваво. Крвавествено? Очигледно, Маунтин е отпорен на буквално сè, вклучувајќи и на ножеви во мозок, па Хаунд го прави единственото нешто што му преостанува: го турнува преку ѕидот што се рони, кон жестока, здружена смрт.

(Патем, сè уште горат луѓе.)

Џејми и Серсеи конечно се најдоа, и да не беа обајцата толку невидено ужасни луѓе, кои извршија толку неописливи гревови и се уназадија во една сезона што заслужува добар развој на ликовите, нивната повторна средба ќе беше речиси слатка. Можеби ќе ви биде простено ако во една секунда се понадевавте дека можат да избегаат и да си прават чудни работи во Пентос до крајот на животот. Ама имате само една секунда! Сетете се на Бриен! И на Мисандеј! И на Марџери и на сите други што некогаш страдале и умреле од вкупно трите раце на овие луѓе! Џејми и Серсеи го заслужуваат поетското, значајно умирање што неизбежно ита кон нив!

А? Што е ова? Оф, тие се здробени под некакви урнатини додека пробуваат да избегаат? Двајца од главните негативци, кои ѝ го даваа карактерот на серијата уште од првата епизода од првата сезона, се само некако малку потсмачкани?

Е тоа е разочарувачки. Пуштајте ја „The Rains of Castamere“.

Конечно, Денерис олабавува со пржењето на земјата, а згрозениот Џон мора да се справува со она што станало од неговата кралица. Додека во воздухот висат милион прашања, завршуваме со Арја како бега на бел коњ што баш случајно си каскал околу изгорените тела на Кингс Лендинг. Каде оди Арја? Се надевам во Стормс Енд, бидејќи една девојка заслужува да си се опушти со ковачкиот лорд и да заборави на овој зажарен хаос. Океј, Валар Моргулис и сето тоа, ама... дајте ви се молам.

 

Горливи прашања

Ако треба да го проголтаме тоа што Дени се претвора во Луда кралица по многуте сезони нејзин развој како херој и револуционер, зошто доби околу 3,5 секунди време на екранот откако почна да пали сè околу себе?

Брен бајаги инсистираше дека Џејми има некаква важна улога кога овој дојде во Винтерфел, но освен што ѝ го скрши срцето на Бриен и загина како некое случајно прегазено куче... тоа некако не го видовме.

Дали имаше некакво значење „дивиот оган“ што се појавуваше меѓу пеколните пламени?

Зошто никој не носеше ШЛЕМОВИ?!

Што ќе направи Џон сега кога неговата тетка-кралица комплетно полуде?

Колку силна самоконтрола ќе ѝ треба на Санса за да не му се згази од смеење во фаца на Џон и да не му каже „Ти реков?“

Дали некој надвор од Северот или од Кингс Лендинг е погоден од нешто што се случи оваа сезона или тие сè уште само си гнетат и си љокаат пиво како и обично?

Кога сме кај тоа, дали Хот Пај е добро? Тој не беше во оваа епизода, ама онака, општо. Може ли некако да ни се каже тоа?

 

Најдобра реплика

Ништо не е важно. - Џејми Ланистер

Да. Истото важи и за тебе, Џејми.

 

Најдобрата сцена

Било оваа епизода да ви беше возбудлива или ужасна, сите може да се согласиме дека по сè што поминаа заедно, тоа што Арја го повика Сендор Клегејн по име и му се заблагодари е врвен емотивен материјал.

 

Број на жртви

1 Варис +

1 Јурон +

1 Кибурн +

1 Хаунд +

1 Маунтин +

1 Џејми Ланистер +

1 Серсеи Ланистер +

1 лидер на Златната компанија, кој немаше поим што го чека +

Поголем дел од неколку армии +

Поголем дел од еден милион жители на Кингс Лендинг =

---

1.000.000 луѓе, најверојатно. МИЛИОН! Ух.

Споредни опсервации

Зошто Драгонстон сите ги изнемоштува и ги тера да сакаат да палат работи? Не заборавајте дека Станис на истото место долги години си думаше мрачни мисли и си жртвуваше луѓе.

„Не дојдов тука за да бидам кралица на пепелта“, рече Денерис во сезона 7. Како оди таа работа?

Многу луѓе посочуваат дека коњот-такси што во последната минута ѝ се најде на Арја има некои библиски паралели:

„Погледнав, и таму пред мене имаше блед коњ! Неговиот јавач беше наречен Смрт, а Адот следеше веднаш зад него.“ - Откровение 6:8

 

Едно смело предвидување

Денерис некако не излегува негативецот на крај.

Што? Рековме СМЕЛО предвидување.

 

Автор: А.Џ. Вилингем

Извор: Си-ен-ен

САД денес остануваат држава со најнапреден систем на високо образование во светот, со најголем број на научни публикации, инвестиции во наука, патентирање на иновации и на добитници на Нобелова награда.

повеќе

(Реакција на колумната на Наум Кајчев, „За Гологанови и нашата заедничка историја“, 15 септември 2019, МКД.мк)

повеќе

Деликатна јазична авантура е ако се излезе од основното и утврдено значење на зборовите и се прејде во сферата на жаргонот и колоквијалноста.

повеќе