„Пикард“

Патрик Стјуарт за тоа зошто им се враќа на „Ѕвездени патеки“

Веднаш до фотелјата во дневната соба на Патрик Стјуарт во Бруклин има масичка, а на неа црна папка. 79-годишниот актер се навалува во фотелјата и ги склопува рацете додека раскажува за своето детство на северот на Англија. Станува и шета наоколу кога ќе го обземе жестина од темите како што се брегзитот или Доналд Трамп. Цело време пак и пак ја допира папката - тапка по неа, ѝ ги врти листовите, мавта со неа.

Во неа е сценариото за Стјуартовата адаптација на „Божиќна песна“, сценско дело од еден човек, која почна да ја изведува пред три децении, приближно во исто време кога почна со улогата на капетанот Жан-Лук Пикард во „Ѕвездени патеки: Наредната генерација“. Почетокот на декември е, а следната недела Стјуарт, за прв пат по 16 години, повторно ќе ја изведе „Божиќна песна“ - во која тој самиот глуми повеќе од 30 ликови. Ќе се изведува само две ноќи во театар со 99 седишта на 54-та улица.

„Ова е глупаво, да правите нешто вакво“, вели Стјуарт, наведнувајќи се нанапред на средновековниот стол, држејќи ја папката во едната рака. „Многу е лудо. Можев да најдам други работи што не беа толку огромни како ова. Но го избрав ова. Поминаа шеснаесет години, а светот сега е поинакво место од тогаш кога последен пат го направив тоа. Поинаку е, по ѓаволите“, вели тој во интервјуто за Вараети.

Така, не е изненадување што, по долго отсуство, Стјуарт ѝ се враќа на приказната на крајот на втората деценија на овој толку мизерен милениум. Неговите мотиви - да си постави нов предизвик, да ѝ се спротивстави на неправдата, да си даде чувство на спокој во едни немирни времиња - се истите тие што го поттикнаа да ѝ се врати на улогата што го направи еден од најомилените живи актери: Пикард.

На 23 јануари, Си-би-ес ол аксес ќе ја пушти „Ѕвездени патеки: Пикард“, серија во која Стјуарт го репризира благородниот, културен, ќелав ѕвезден капетан, кој седум сезони играше во „Ѕвездени патеки: Наредната генерација“ и во серијал од четири играни филма, која заврши во 2002 година. Новата серија е поинаква од својот претходник во речиси секој поглед - структурата, тонот, форматот, продукциската вредност, дури и по веројатноста некој од ликовите да каже „fuck“. Сето тоа е смислено. Од Стјуарт, вели Вараети.

Со понизок квалитет и малку необична според денешните стандарди, „Наредната генерација“ беше поуспешна од сите телевизиски серии „Ѕвездени патеки“. (Оригиналната серија, со Вилијам Шатнер и Леонард Нимој, имаше слаб рејтинг, па Ен-би-си ја откажа по три сезони.) Серијата вриеше од Еми-номинации, ѝ натрупа пари на телевизијата „Парамаунт“ и собра голема база фанови со неверојатната фигура на Стјуартовиот Пикард - Французин (со благороднички англиски акцент), кој пие чај, ги чита класиците и ги цени должноста и честа и пријателството. „Наредната генерација“ претстави една човекова иднина во која проблемите како што се сиромаштијата, расата и класата веќе долго време се решени, а конфликтите почесто се решаваат преку преговори и разговори отколку низ нишанот на пиштолот.

Стјуарт немаше желба повторно да оди таму.

„Мислам дека она што се обидуваме да го кажеме е важно“, вели тој. „Светот на 'Наредната генерација' веќе не постои. Различен е. Ништо не е навистина безбедно. Ништо не е навистина сигурно“.

Научната фантастика - жанр од кој Стјуарт немал голема корист пред да стане една од неговите најголеми фигури - одамна е начин на справување со анксиозноста на реалната сегашност.

„Тој игра многу силни ликови“, вели актерот Иан Меккелен за Стјуарт. „И изгледа моќно. Изгледа сигурно. Тој е момчето што сакате да го имате во тешка ситуација. 'Капетанот Пикард е тука, без гајле.' Но во центарот на таа сила има нежност, која реагира на љубов и наклонетост, и која им ги дава тие работи на луѓето што му се најблиски“.

Стјуарт и Меккелен се дружеа додека работеа на филмовите „Икс-мен“, а и во театар. (Мекелен и го венча Стјуарт со пејачката Сони Озел во 2013 година.) Пред многу децении, пред двајцата актери да станат пријатели, тие се начекале на улиците во Лондон.

„Тој имаше одлична кариера работејќи го Шекспир и беше водечки млад актер овде, работејќи на класици“, вели Меккелен. „Рече дека го повикале да ја снима 'Ѕвездени патеки', а јас му реков: 'Внимавај. Тука имаш прекрасна кариера; ако ја прекинеш и заминеш на телевизија, тоа може да е многу опасен чекор.' Фала богу што не ми го послуша советот“.

Стјуарт прво не ја сакал многу улогата. Но една американска телевизиска серија давала „повеќе пари отколку што некогаш сум видел во мојот живот“. А неговиот агент го уверувал дека серијата ќе пропадне и тој ќе може да се врати во Лондон.

На патот на Стјуарт до капетанот на УСС Ентерпрајз, сепак, имало една огромна пречка. Било познато дека креаторот на „Ѕвездени патеки“, Џин Роденбери, не сака да го земе Стјуарт. Според него, британскиот актер бил премногу стар и премногу ќелав за успешно да го наследи Шатнеровиот наперчен Џемс Т. Кирк.

Стјуарт тврди дека Роденбери пуштил меморандум до Парамаунт: „Никогаш повеќе не сакам да го слушам името на Патрик Стјуарт во врска со 'Наредната генерација'“.

Но Роденбери попуштил пред продуцентите Роберт Џастман и Рик Берман, кои го сакале Стјуарт. Роденбери почина во 1991 година, додека „Наредната генерација“ сè уште се емитуваше. „Боже, посакувам тој да не умреше тогаш“, вели Стјуарт. „Имам голема почит кон Џин и, морам да кажам, и благодарност.“ Се смее и се сеќава како Роденбери доаѓал на снимањата еднаш неделно. „Знам дека често го фаќав како седи на својот режисерски стол и ме гледа, а знаев и дека си мисли: 'Како побогу завршивме со овој тип?'“.

До крајот на првата сезона, Стјуарт веќе целиот се внел во серијата. Се здружил со своите американски колеги, чиј полабав пристап кон работата во почетокот го нервирал. Присуствувал и на својата прва конвенција за „Ѕвездени патеки“, каде, како што вели, „се чувствував како Стинг“.

„Наредната генерација“ ја претвори „Ѕвездени патеки“ од еднократна приказна за Кирк и Спок во цела франшиза. Освен четирите филма, таа се прошири и на два дополнителни серијали, „Ѕвездени патеки: Длабока вселена девет“ и „Ѕвездени патеки: Војаџер“, вели Вараети.

Стјуарт долго време се противел на враќањето на „Ѕвездени патеки“. Кога во 2017 година во својата кујна се запознал со Алекс Курцман, креаторот и извршен продуцент на „Пикард“, и писателите Мајкл Чабон и Акива Голдсман, тоа го сторил од учтивост.

„Им објаснив дека сите оние елементи на 'Наредната генерација' ѝ припаѓаат на 'Наредната генерација' и зошто не сакам повторно да им се доближувам“, вели тој. „Но тие на толку интересен начин зборуваа за тоа. А зборуваа долго.“ Стјуарт им рекол на продуцентите „не, фала“ и ги испратил. Потоа веднаш се премислил. Му рекол на својот агент да го замоли Курцман да ги стави своите идеи на хартија. Четириесет и осум часа подоцна, Курцман му пратил пакет од над 30 страници со контурите на потенцијалната серија за Пикард.

Серијата почнува така што Пикард живее речиси изолирано на едно мошне невселенско француско лозје. Тој е во пензија и е отуѓен од „Ѕвездената флота“, на која ѝ посвети најголем дел од животот. Го прогонуваат пар катастрофи, едната лична, другата социјална - смртта на неговиот колега андроид, полковникот командант Дејта (како што видовме во „Немезис“) и бегалската криза предизвикана од уништувањето на планетата Ромулус (како што видовме во Џеј Џеј Абрамсовите „Ѕвездени патеки“). Кога тие две навидум неспоиви нишки од неговиот живот ќе се вкрстат, Пикард се враќа во акција, овој пат без поддршка од Ѕвездената флота, чиј морален центар е поместен.

Роденбери веруваше дека во иднината, човечките суштества ќе напредуваат до тој степен што, во суштина, нема да влегуваат во меѓусебни конфликти. Нивните најголеми предизвици ќе бидат однадвор.

Стјуарт, кој е и извршен продуцент на „Пикард“, инсистира: „Ѝ остануваме мошне верни на идејата на Џин Роденбери за тоа каква би можела да биде иднината.“ Но тврдото придржување кон тој поим очигледно не е она за што тој е тука.

„На некој начин, светот на 'Наредната генерација' беше премногу совршен и премногу заштитен“, вели тој. „Тоа беше Ентерпрајз. Беше тоа безбеден свет на почит и комуникација и грижа и, понекогаш, и забава. Во 'Пикард' Федерацијата - унијата на планети поврзани со заеднички демократски вредности - тргнува во изолационистичка насока.“ Со новата серија, вели Стјуарт, „реагирам на светот на брегзитот и на Трамп и си мислам, ‘Зошто Федерацијата се нема сменето? Зошто Ѕвездената флота се нема сменето? Можеби тие не се толку безбедни и достојни за доверба колку што сите мислевме“.

Паралелите со реалниот свет не е тешко да се идентификуваат. Имаше само една недела до парламентарните избори на кои британскиот премиер и тврдокорните брегзитски конзервативци на Борис Џонсон ќе извојуваат неверојатна победа над своите ривали лабуристите. А Стјуарт не се чувствува оптимистички за блиската иднина.

„Не сум сигурен која од нив е во поголема неволја“, вели тој за Велика Британија и Соединетите Американски Држави. „Мислам дека тоа всушност е Британија. Мислам дека сме сјеб*ни, комплетно сјеб*ни“. Тој посочува на истражувањата што предвидуваат повеќедецениска економска штета од повлекувањето на земјата од Европската Унија. За САД вели: „Постои временски рок за вашата сјеб*на држава, кој ќе дојде за четири години.“ Тој изразува надеж дека „Соединетите Држави што ни ја дадоа администрацијата на Трамп“ може да се променат, но додава, „Тој најверојатно ќе биде реизбран“.

Ова не се ставови на некој што, на чекор до 80-тата година, се оддалечува од светот. Ветеранот од „Наредната генерација“ Џонатан Фрејкс, кој во „Пикард“ ја репризира својата улога на командантот Вилијам Рајкер и режираше две епизоди од првата сезона на новата серија, смета дека возраста само ја зацврстила моќта на Стјуарт.

„Патрик станува сè побудалест како што старее“, вели Фрејк. „Неговата смисла за хумор е дива. Неговата способност да биде разигран и ранлив ги прави него и неговата работа повеќеслојни. Тој има 79 години и има преполна биографија, така што неговата самодоверба во работата му дозволува, мислам, да биде самоуверен и во личниот живот. И тој е опуштен. Прекрасна е опуштеноста да се биде со него. Секој што е во овој бизнис како актер може да погледне во таа кариера и да каже: 'Е ова е успех'“.

Во претстојната недела, Стјуарт не само што ќе ја изведе „Божиќна песна“ првпат по повеќе од деценија и пол, туку и ќе ги прими Чабон и Голдсман во својот дом и ќе ги слушне нивните идеи за втората сезона на „Пикард“.

„Работам многу интересни работи последниве неколку години“, вели Стјуарт. Се навраќа на 1987 година, кога беше премиерата на „Наредната генерација“. „Немаше катче во мојот живот, јавно, приватно, што не беше допрено од таа ненадејна трансформација. И толку многу уживав. 'Икс-мен', 'Ѕвездени патеки' и потоа, откако пред 18 месеци се вратив да ја правам 'Пикард', јас некако… “

Паузира и ја става раката врз црната папка. „Боже, ова ќе биде тешко да се каже. Тоа е прекрасна работа, но не е доволно. Предизвикот е голем, но сакам нешто поголемо“.

Објавено

Сабота, Јануари 11, 2020 - 11:58

Најголемата закана од оружје засновано на ВИ не доаѓа од поединечни земји. Заканата ќе дојде од недржавни актери.

повеќе

Потребно е неодложно формирање на државен фонд кој ќе овозможи во прв момент преживување во оваа ситуација...

повеќе

Во време кога пандемијата на коронавирусот и понатаму е вон контрола, најдобар економски исход на кој би можеле да се надеваме е рецесија која ќе биде подлабока од онаа со финансиската криза во 2008 година. 

повеќе