Игра на престолите

Ова е единствениот начин на кој може да заврши приказната на Денерис, па престанете да кенкате

Нема повеќе херои.

Океј, ај да разјасниме некои работи. За што и да беше овонеделната епизода на „Игра на престолите“, таа не беше за претворање на херој во негативец.

Ако оваа серија воопшто нè научи на нешто, тоа е дека нема херои, само протагонисти: луѓе со маани што се обидуваат да ја направат вистинската работа, или да им служат на сопствените интереси, и поголем дел од времето тие не ни прават разлика помеѓу тие мотивации. Начинот на кој структурата на шоуто ги држеше Џон Сноу и Денерис Таргериен на маргините сè до последниот чин може да ве наведе да верувате дека тие се хероите што Вестерос ги чекаше. Приказната на Џорџ Р.Р. Мартин отсекогаш восхитувала со испревртувањето на стандардниот наратив, и тоа нема да престане сега.

Значи, Џон Сноу е со чисто срце, вистински наследник на престолот и, во секоја смисла што е битна, комплетен факинг идиот: носи лоши одлуки, никогаш всушност не победил во битка и постојано мораше да биде спасуван, главно од неговите сестри. Ама другите ликови, како и дел од публиката, сакаат да веруваат во него, бидејќи очајно сакаат некој херој што ќе подобри сè.

Денерис, пак, е жена што последниве осум години ги помина во развивање на сè посилно чувство за сопствената судбина. Таа постојано преживуваше и напредуваше и покрај малите шанси за тоа, што предизвика да поверува во својата сопствена пропаганда, дека таа е родена за да го освои Вестерос и да седне на Железниот престол. Потоа, во моментот кога е комплетно подготвена да го стори тоа, таа благородно скршнува од својот пат, за прво малку да го спаси светот. Се разбира, таа мисли дека е спасителот.

Ама Вестерос не се согласува со тоа и Денерис никогаш и не беше херојот, бидејќи оваа приказна нема херој. Нејзиниот народ не ја пречекува со раширени раце. Таа гледа како нејзините најблиски советници умираат, а нејзините понови советници кикснуваат, или ја изневеруваат. Два од нејзините змејови се мртви.

И тогаш таа сфаќа дека целта на која ѝ е посветена целиот свој живот е лага, бидејќи таа не е дури ни вистинскиот наследник: таа титула всушност му припаѓа на нејзиниот љубовник, кој најслучајно ѝ е и внук, и кој, иако ја уверува дека не го сака престолот, со ова откритие се справува така што ѝ раскинува, оставајќи ја со чувство на поголема изолираност од кога било.

Уште кога таа мирно гледаше како нејзиниот сопруг го убива нејзиниот брат на половина од првата сезона, знаевме дека Дени е способна за суровост и насилство кога се чувствува загрозено, а фактот дека тие импулси честопати беа насочени кон лоши луѓе не го менува фактот дека постојат. (Освен тоа тие, како што би ви рекол Семвел Тарли, не беа секогаш насочени кон лоши луѓе.) И до моментот кога нејзините армии го напаѓаат Кингс Лендинг, Денерис е изолирана, исплашена и истрауматизирана.

Така, кога не го прифаќа предавањето на градот, тоа не е затоа што станала лоша, или зла, или која друга придавка и да сакате да ја употребите. Таа едноставно избувнува.

Но таа го контролира фантастичниот еквивалент на нуклеарно оружје: кога таа ќе избувне, илјадници луѓе умираат. Не сакаме да кажеме дека Дени цело време била негативец, бидејќи во оваа приказна нема негативци. Сакаме да кажеме дека не треба да ставате толку голема моќ во рацете на кој било ранлив човек, бидејќи тие еден ден може да бидат мотивирани од гнев или од страв или од осаменост.

Не мислам дека е случајно тоа што оваа епизода ни ја покажа Серсеи Ланистер во најранливото издание, па дури и симпатично, во моментот кога ја видовме Дени во најбруталното издание: целта беше да сфатиме дека обете завршија такви какви што се поради играта што ја играа. Ниту, пак, е случајно тоа што неколку други ликови тука исто така се мотивирани од одмаздата. Хаунд е опседнат од неа, но ја предупредува Арја, а таа, откако помина години и години во ц'цкање на својата листа за убивање, конечно сфаќа колку деструктивен импулс е тоа и се префрла на обид да спасува животи, наместо да ги одзема. Желбата за одмазда, вели приказната, е отровна. (Џејми Ланистер, што и да можете друго да кажете за него, барем до крај е мотивиран од љубовта.)

Уште пред да заврши емитувањето беше јасно дека многу луѓе ја мразат оваа епизода, поради нејзината бруталност или поради тоа што тие мислат дека таа ги изневерила ликовите или приказната. Но мене ми е една од најмоќните, најпрецизно вистинитите телевизиски часови што некогаш сум ги гледал. А критичарите не се во право во врска со изневерувањето. Ова отсекогаш беше приказната што серијата ја раскажува. Ова е единствениот начин на кој таа може да заврши.

Извор: НС

Македонските граѓани конечно го гледаат крајот на илузијата што им се продава од осамостопјувањето до денес.

повеќе

Министерот за финансии не треба да е кум, баџанак, шура, братучед или самиот тој, бидејќи треба да даде отпор на честите политички, но не и економски барања на членовите на владата.

повеќе

Зрелоста на еден народ е да препознае кога протестите за замена му ги продаваат како протести за промена. 

повеќе