Според една книга

НЛО-ата можеби ги возат временски патници од човечкиот род

Големите растојанија што ги поминуваат посетителите „вонземјани“ можеби се временски, а не просторни, тврди една нова книга.

Неидентификуваните летачки објекти (НЛО) со децении го привлекуваат вниманието на Земјаните. Бидејќи откривањето егзопланети расте, зошто да не си помислиме дека по нашето пријателско небо можеби брмчат посетители што скокаат од ѕвезда до ѕвезда?

Од друга страна, можно ли е тие НЛО-пилоти да сме ние - нашите идни потомци што го совладале полето на времето и просторот? Можеби тие информации за луѓе што доаѓаат во контакт со чудни суштества ги претставуваат нашите далечни човечки потомци, кои се вратиле од иднината за да нè проучуваат во нивното сопствено еволутивно минато.

Идејата дека ние сме тие постоеше и досега. Но една нова книга, „Идентификувани летачки објекти: мултидисциплинарен научен пристап кон феноменот на НЛО“, фрла нов поглед на оваа теза и нуди неколку предлози што се вредни за размислување, вели Лајв саенс.

 

Мултидисциплинарен пристап

Книгата е напишана од Мајкл Мастерс, професор по биолошка антропологија на Технолошкиот универзитет Монтана во Бјут. Мастерс смета дека, со оглед на забрзаното темпо на промени во науката, технологијата и инженерството, веројатно е дека луѓето од далечната иднина би можеле да ги развијат знаењето и машините потребни за враќање во минатото.

Целта на книгата, рече Мастерс, е да поттикне нова и поинформирана дискусија меѓу верувачите и скептиците.

„Поставив мултидисциплинарен пристап со цел да се обидам да ги разберам необичностите на овој феномен“, изјави Мастерс за веб-сајтот Спејс. „Нашата работа како научници е да поставуваме големи прашања и да се обидеме да најдеме одговори на непознати прашања. Тука се случува нешто и ние треба да разговараме за тоа. Треба да го предводиме обидот да откриеме што е тоа“.

 

Човековата еволуција

Нарекувајќи ги овие наводни посетители „екстратемпестријали“ (вселенски патници што се враќаат низ времето), Мастерс забележува дека приказните за блиски средби обично ги опишуваат патниците во НЛО како двоножни човеколики суштества, без влакна, со големи мозоци, големи очи, мали носеви и мали усти. Понатаму, за суштествата честопати се вели дека имаат способност да комуницираат со нас на нашите сопствени јазици и поседуваат технологија што ја надминува денешната технолошка моќ, но очигледно се темели на неа.

Мастерс смета дека преку сеопфатна анализа на конзистентни модели на долгорочни биокултурни промени низ целата човечка еволуција - како и неодамнешните достигнувања во нашето разбирање на времето и на патувањето низ времето - можеби ќе почнеме да ја разгледуваме оваа идна можност во контекстот на во моментов необјаснет феномен.

„Книгата ги поврзува сите познати аспекти на нашата еволутивна историја со она што сè уште е недокажан, непроверен аспект на НЛО и вонземјаните“, вели тој.

Но зошто да не дебатираме дека И Ти всушност е патник од огромната вселена, од некоја далечна планета? Зарем тоа не би било поедноставен одговор?

„Јас би тврдел дека е спротивното“, одговара Мастерс. „Знаеме дека ние сме тука. Знаеме дека луѓето постојат. Знаеме дека имавме долга еволутивна историја на оваа планета. И, знаеме дека нашата технологија ќе биде понапредна во иднина. Мислам дека наједноставното објаснување, природно, е дека тоа сме ние. Само се обидувам да го понудам она што веројатно е најшкртото објаснување“.

 

Археолошки туризам

Како антрополог што работел и раководел многубројни археолошки ископувања во Африка, Франција и низ Соединетите Американски Држави, Мастерс забележува дека е лесно да се конципира колку повеќе ќе можевме да дознаеме за нашата сопствена еволутивна историја доколку во моментов ја поседувавме технологијата да го посетуваме минатото.

„Наводните приказни за киднапирање се претежно научни по природа. Најверојатно тоа се идни антрополози, историчари, лингвисти што се враќаат за да добијат информации на начинот на кој ние во моментов не можеме без пристап до таа технологија“, вели Мастерс.

„Според тоа, мислам дека одредена компонента на тоа е и туризмот“, додава тој. „Несомнено во иднината има такви што ќе платат многу пари за да имаат можност да се вратат назад и да го набљудуваат својот омилен период во историјата. Некои од најпопуларните туристички места се пирамидите на Гиза и Мачу Пикчу во Перу… стари и праисториски места“.

Мастерс своето истражување за НЛО го нарекува „проект во развој“.

„Секако дека сè уште недостигаат парчиња од сложувалката“, вели тој. „Постојат аспекти на времето што сè уште не ги разбираме. Потребна е теорија за квантната гравитација и ќе можеме да ги споиме општата релативност и квантната механика. Јас само се обидувам да го изложам најдобриот модел што можам да го засновам врз тековните научни знаења. Се надевам, со текот на времето, ќе можеме да продолжиме да го надградуваме ова“.

„Мастерс поставува теза дека користењето мултидисциплинарен научен пристап кон феноменот НЛО ќе биде она што е потребно за да се реши оваа мистерија еднаш засекогаш и јас комплетно се согласувам“, вели Јан Харзан, извршен директор на непрофитната Заемна НЛО мрежа (МУФОН).

„Премисата дека НЛО-ата сме ние од иднината е една од многуте можности што МУФОН ги истражува за да го објасни феноменот на НЛО. Сè што знаеме со сигурност е дека не сме сами“, додава Харзан. „Сега прашањето станува: 'Кои се тие?' А Мастерс одлично ја аргументира хипотеза за патници низ времето“.

 

„Мошне сомнително тврдење“

Но, се разбира, не се согласуваат сите.

„Ништо во оваа книга не може да се сфати сериозно, бидејќи зависи од верувањето дека 'патувањето низ времето' не само што е можно, туку е и реално“, вели Роберт Шефер, угледен НЛО-скептик.

Да кажеме дека нашите далечни потомци го совладале патувањето низ времето, вели Шефер, и се вратиле назад во времето за да нè посетат. „Значи, според Мастерс, само треба доволно брзо да завртите нешто и тоа ќе почне да ја витка вселената, па дури и да испраќа работи назад во времето. Ова е многу сомнително тврдење“, вели тој.

Покрај тоа, Шефер вели дека Мастерс се обидува да дојде до еволутивната историја на вонземјаните само од описите на сведоците, „што укажува дека тој премногу буквално ги сфаќа ваквите приказни.“

 

Проблемот на „ако“

Дејвид Дарлинг е британски астроном и писател на научни дела, кој има напишано книги на широк спектар теми - од гравитацијата, зен-физиката и астробиологијата до телепортацијата и вонземскиот живот.

„Честопати мислев дека ако некои НЛО се 'вонземски' летала, исто толку е разумно да се претпостави дека тие би можеле да бидат временски машини од нашата иднина колку што и вселенски летала од други ѕвезди“, вели Дарлинг за Спејс. „Проблемот е во тоа 'ако'“.

Дарлинг вели дека, иако некои воздушни феномени не се успеало да се идентификуваат, едно од најмалку веројатните објаснувања, според него, е дека тие се неприродни и не се од овој свет.

„Надвор од популарните митови за летачки чинии и архетипски вонземјани со големи мозоци, постојат мал број скапоцени веродостојни докази дека тие постојат“, рече Дарлинг. „Значи, мојот проблем со книгата не е генијалноста на нејзината теза, туку фактот дека навистина воопшто нема потреба од таква теза“.

Граѓаните и општата јавност исто така се важен штит за укажувачите.

повеќе

Вчера оправдано доминираше веста дека „Макрон ќе поддржи преговори за Македонија и Албанија ако ЕК препорача во март“.

повеќе

Албанија мора отворено да каже, дека обидите на Софија за асимилација на Македонците во Албанија како Бугари не се добрососедство, туку отворен напад.

повеќе