Ѕвездени војни рангирани

Некогаш одамна, во една галаксија далеку, далеку од тука

На 20 декември ќе излезе „Ѕвездени војни: Подемот на Скајвокер“, последното поглавје од она што сега „Лукас филм“ го нарече „Скајвокер сага“, кое ја затвора книгата за приказната што почна со „Ѕвездени војни: нова надеж“ од 1977 година.

И стварно е Сага - досега опфаќа осум култни играни филма, и две споредни приказни со истите ликови (вкупно 10 филма досега), а допрва следува последниот.

Но како се рангирани 10-те претходни филма? Пред да го видиме „Подемот на Скајвокер“, еве го официјалното рангирање на „Ѕвездени војни“ на Њузарама, од најлош до најдобар.

 

10. Нападот на клоновите

Њузарама не е тип на сајт што комплетно отфрла некој филм, но „Нападот на клоновите“ го предизвикува токму тоа.

Да, вториот филм од приквел-трилогијата си има обожаватели, а во него има и што да ви се допадне (Оби-Ван Кеноби на Јуан Мекгрегор секогаш е добредојдена глетка). Но нападната компјутерска заднина, изнасилениот дијалог преполн со објаснувања и сложеното (но сепак некако досадно) сценарио не содржат многу од добрите страни на „Ѕвездени војни“.

Целата Сага за клоновите има свои бранители, а секако има и светли точки во оваа ера од митологијата „Ѕвездени војни“, но што се однесува на играните филмови, „Нападот на клоновите“ лежи на дното на ридот.

 

9. Фантомска закана

Секој филм од „Ѕвездени војни“ е нечиј омилен, и секој филм од „Ѕвездени војни“ има работи што може да се сакаат - но ретко кој филм е исклучок од таа филозофија како „Фантомска закана“ од 1999 година.

Како некакво славно фијаско, на излегувањето на „Фантомска закана“ му претходеше речиси историски невидена возбуда поради враќањето на „Ѕвездени војни“ на големиот екран, како и поради објаснувањето на потеклото на Дарт Вејдер.

Но она што стигна во киносалите беше донекаде крута, честопати досадна прикаска, која се обиде да го анализира потеклото не само на Дарт Вејдер како некогаш-златно-младо-момче, туку и на Силата како хемиска реакција меѓу микросуштества од новата ера.

Пикнат во искомплициран заплет за трговски спорови манипулирани од ситот, „Фантомска закана“ ги преплетува најдобрите делови од својата извиена приказна со најлошите делови - со бескрајни комични ликови, неповрзан дијалог и чувство дека онаа „магија“ на „Ѕвездени војни“ на која обожавателите се надеваа едноставно ја нема.

Така, некои луѓе сепак го сакаат „Фантомска закана“ сосе неговите грешки, а за гледачите што беа помлади кога излезе филмот, или за оние што го видоа подоцна низ годините, тој останува едно прекрасно искуство поткрепено од свежината на ликовите како што се Дарт Мол и младиот Оби-Ван Кеноби, кои беа подобро претставени во подоцнежните филмови.

 

8. Одмаздата на Ситот

Со години „Одмаздата на Ситот“ изгледаше како најдобриот современ филм „Ѕвездени војни“ што обожавателите најверојатно ќе го добијат - по добро или по лошо.

И покрај тоа што удвои некои од мааните на приквел-трилогијата, „Одмаздата на Ситот“ успеа да ишмиргла некои од недостатоците на претходните филмови со поцврсто и поинтегрирано визуелно присуство и поголем фокус на главните ликови во пропаста на Анакин Скајвокер.

За обожавателите што чекаа филм со вистински фокус на џедаите, „Одмаздата на Ситот“ секако го исполни ова ветување со дузина битки со лајтсејбери, бескрајни конфликти во Силата и, се разбира, онаа конечна пресметка помеѓу Оби-Ван и Анакин, која, и покрај тоа што има моменти подложни на мемиња, сепак го содржи најбрутално-емотивниот климакс на долгото пријателство.

Ако има нешто со што „Одмаздата на Ситот“ придонесува во севкупната Сага на Ѕвездените војни, тоа е чувството дека во често збунувачката и доста клеветена приквел-трилогија постои важна приказна - само што детските болести ги прележува дури кога веќе е предоцна.

 

7. Соло

„Соло: приказна од Ѕвездени војни“ некако е црна овца во канонот на филмовите „Ѕвездени војни“. Тоа не е некој особено лош филм - неговата главна структура и акција се свежи, и има некаква лесна нота на хумор што ја спречува неговата пропаст.

Од друга страна, филмот едноставно не е ништо посебно - најобична научнофантастична авантура прошарана со класични криминалистички клишеа. Самата идеја воопшто не е лоша, но во процесот на неистакнување со ништо, проарчува некои од најлегендарните ликови на „Ѕвездени војни“ за филм што не само што не го збогатува нивното минато, туку и ги заматува работите.

Сепак, глумците - особено суптилниот Хан Соло на Алден Еренрајх, како и ноншалантниот Лендо Калризијан на Доналд Гловер - ако не моментот, успеваат да го доловат чувството. Можеби тие подобро ќе се вклопеа во некој филм што презема поголеми ризици со својот заплет, а помали со своите ликови.

 

6. Последниот џедај

Колку контроверзен и да го направија „Последниот џедај“ некои гласни обожаватели, неговиот најголем злочин е можеби тоа што не наликува на обележјата на типичните научнофантастични блокбастери.

Ситните ноти што режисерот Рајан Џонсон им ги додава на приказната и на кинематографијата се тоа што го прави „Последниот џедај“ толку привлечен филм, но и она што предизвикува чувство како да не припаѓа во сагата „Ѕвездени војни“.

Сепак, и покрај поделеноста, Последниот џедај се истакнува како дело на уметничката сила на режисерот Рајан Џонсон, кој ги отфрли не само типичните карактеристики на жанрот, туку и очекувањата за заплетот што на крај се извишува до рашомонска приказна за последните денови на Лук Скајвокер.

Не се вклопува беспрекорно во Сагата, но е достојно дело што покажува што сè може еден авторски режисер да постигне со „Ѕвездени војни“ како сликарско платно.

 

5. Силата се буди

„Ѕвездени војни: Силата се буди“ од 2015 година се покажа како достојно дело и моќно враќање за франшизата, која немаше издадено филм уште од млакиот „Одмаздата на Ситот“, во 2005, една деценија порано - но дел од она што го направи толку омилен за обожавателите, исто така и го спречи да стигне до повисок ранг.

Најголемата сила и надминливиот, но присутен клучен недостаток на „Силата се буди“ беше неговата спремност да го посетува оригиналот, одејќи толку далеку во тоа што својата главна акциона секвенца ја врами околу саботирање на мегаоружје на Првиот ред.

Но тоа е истата таа носталгија што ги поттикна топлината и возбудата од седмата епизода на Сагата, враќајќи ги Хан Соло и генералката Леа, Чубака и многу други, веднаш наплатувајќи ги недореченостите и ветувањата од „Враќање на џедајот“ во 1983 година, отворајќи ја вратата за мистериите што допрва треба да се одгатнат за армиите обожаватели.

 

4. Роуг уан

Додека актуелната сиквел-трилогија „Ѕвездени војни“ внимателно ги повтори темите и иконографијата на оригиналната трилогија, „Роуг уан: приказна од Ѕвездени војни“ директно се навраќа на најпопуларниот временски период на Сагата со директен приквел на оригиналната трилогија.

„Роуг уан“ не е без маани - а кој модерен филм „Ѕвездени војни“ ги нема? - но неговите моќни херои, морално сивиот тон и рамнотежата на интригите и акцијата го направија филмот забавен наследник на духот на Сагата.

 

3. Враќање на џедајот

„Враќање на џедајот“ од 1983 е комплициран концепт за некои љубители на оригиналната трилогија - неговите Евоци речиси се сметаат за Џар Џар на нивната ера - но исто така е и едно од најшироките и дефинитивни поглавја на Сагата, кое нуди сеизмички промени за сите свои главни играчи, истовремено оддавајќи им чест на ветувањата и темите поставени во претходните два филма.

„Враќањето на џедајот“ е речиси спијачот на Оригиналната трилогија - не дека му фали репутација, туку ретко е тоа името што прво се појавува во муабет, иако исто толку придонесе за присуството на „Ѕвездени војни“ во поп-културата како и другите два филма.

И, искрено, „Враќањето на џедајот“ останува златниот стандард за дуелите со лајтсејбери - клучен елемент на „Ѕвездени војни“, кој често ги вивнува или ги треснува од земја филмовите од франшизата.

 

2. Нова надеж

Не дека „Нова надеж“ од 1977 година не е доволно добра филмска приказна од „Ѕвездени војни“ (можеби дури е и прилично близу до совршен филм од сите аспекти). Не дека не го дефинираше модерниот концепт на научнофантастичните авантури и блокбастер филмови. Не, единственото нешто што го спречува „Нова надеж“ да стигне до првото место на оваа листа е филмот што веќе е таму - но ќе стигнеме до него за момент.

Засега ќе се фокусираме на филмот со кој почна целата работа, првата пресметка помеѓу бунтовниците и империјата на големиот екран, како и филм што го поплочи патот за петдецениските легендарни приказни.

„Нова надеж“ е најпрвото изненадување на современите киноблагајни, непроверен производ што го постигна неверојатното со непознати глумци и концепти, но кој редефинираше цела една киноера.

Дури и сега, по многу децении, кинематографијата и специјалните ефекти (од кои голем број мораше да бидат измислени специјално за „Ѕвездени војни“) изгледаат во исто време револуционерни, блиски и пристапни.

И, се разбира, безвременската приказна за доброто и злото во срцето на „Нова надеж“ го расветли секој влез во смислата на Сагата.

 

1. Империјата го возвраќа ударот

„Империјата го возвраќа ударот“ е тешко да се победи кога станува збор за филмовите „Ѕвездени војни“. Всушност, што се однесува до Њузарама, воопшто не можеш да го победиш.

Секако, постои силен аргумент дека првото место ѝ припаѓа на „Нова надеж“ како филмот што го почна сето тоа, и тоа е вистина - „Нова надеж“ ја вивна до небо целата галаксија на Ѕвездени војни. Но „Ѕвездени војни“ не беше комплетно оформена сè до „Империјата го возвраќа ударот“ - кога „Ѕвездени војни“ од филм стана сага.

Освен тоа, „Империјата го возвраќа ударот“ едноставно е еден проклето прекрасен филм и вечен преседан за тоа како да се прошири една приказна истовремено скротувајќи ја - континуираниот поход во „Ѕвездени војни“ како филмска франшиза. Има причина зошто секој можен режисер својот сиквел го споредува со овој филм - и веројатно со децении ќе остане така.

Толку убава, чиста земја, богата со шуми, планини и природни ресурси ја претворивме во Мордор.

повеќе

Сè повеќе се зборува за диверзификација на приходите, наместо фаворизирање само еден извор на финансирање.

повеќе

Пранкот врз премиерот го откри „гангот" кој управува со државата.

повеќе