Нашите 15 најголеми прашања за овонеделната Игра на престолите

Една работа е сигурна - ова најверојатно нема да има многу среќен крај.

Дали ги слушате камбаните, и дали тие воопшто се важни? Верно на форматот на Игра на престолите, претпоследната епизода „Камбаните“ ни го даде она што недостигаше во последнава сезона: неколку големи умирања. Конечно! Серијата што стана славна по лежерното убивање на своите најголеми ликови, го фрли својот сценариски оклоп и ни даде неколку величествени, ужасни сцени на умирања, кои најмногу ги очекувавме во последната сезона. Браќата Клегејн: мртви! Џејми Ланистер: мртов! Серсеи и нејзиното веројатно-не-бебе: мртви! Значи што, се осмелуваме да прашаме, останува да се разјасни кога ќе влеземе во последните 80-тина минути од оваа приказна?

 

Дали имаме симпатии кон Дени?

Нашата Мајка На Змејови не делуваше особено мајчински на овој Ден на мајката, претпочитајќи да истури пепел и оган врз луѓето што наводно дојде за да ги спаси. Но тешко е да не се види трагедијата на нејзиниот подем како Лудата кралица Дени, без оглед на дискутабилното банално и избрзано напишано сценарио што ја донесе таму. Запамтете: ова е жената што беше продадена како добиток и силувана откако изгуби сè. Дени долго, долго време сакаше да го скрши тркалото и сите синџири, за да им даде слобода на луѓето. Плус, тукушто ги изгуби сите свои најверни пријатели, уште едно змејско дете и се чувствува предадено од човекот што го сакаше и од Варис. Нели тоа се неколку особено лоши дена?

 

Како дојдовме овде?

Од гледна точка на читателот на книгите, полудувањето на Дени е сосема во склоп на приказната што Џорџ Р. Р. Мартин ја раскажува цело време. Јас, на пример, отсекогаш претпоставував дека Дени ќе полуди, мотивирана од некоја брза низа трагедии и од неможноста да ја сметаат за ништо друго освен за аутсајдер кај народот. (Плус целото тоа „Џон е Еги Таргс“.) Само некако е тиња тоа што целата таа прогресија во последните три сезони изгледаше мотивирана стриктно од потребите на сценариото, наместо од развојот на ликовите, што е начинот на кој Мартин отсекогаш ја пишуваше својата спирална верзија на приказната. Токму тоа ги правеше многу пореални и потрагични одлуките што водеа кон трагедии и скршени срца (Нед Старк), дури и кога беа шокантни. Ова е она што го направи „Игра на престолите“ феноменот што стана.

 

Дени скроз ќе умре следната недела, нели?

Баш изгледа така, ама повеќе за тоа подоцна.

 

Зошто Варис ги извади прстените пред да умре?

Добро прашање! Се надевам дека тие останаа таму за некој друг да ги најде, можеби во некој епилог каде што некој нов владетел, решителен, ќе се надева дека ќе доживее подем во името на правдата. Или можеби Варис едноставно знае дека ќе биде голема штета неговиот накит да оди јабана во огнот. Мислете малку на економијата!

 

Од кои седум пеколи побогу излегоа сите тие Дотраки?

Нели речиси сите Дотраки умреа во Винтерфел? Секако, минатата епизода чувме еден напрасен коментар дека има и „преостанати Дотраки“, ама дали некој тогаш си замисли дека сè уште има една толку голема орда? Баш згодно!

 

Некои од тие мали деца во Кингс Лендинг ќе бидат дел од следната револуција, а?

Во оваа епизода имаше многу кадри со деца и не може да не се прашате (со оглед на тоа колку многу од нашите ѕвезди беа буквално деца кога почна серијата) дали тоа води кон некој горчливо-сладок крај што ќе го добиеме. Можеби во некој епилог ќе видиме некои од овие деца како се опремуваат и тргнуваат на свои сопствени патувања, подготвени да ја вратат власта на Седумте Кралства за некоја кауза што е многу поправедна?

 

Како Џејми беше толку силен кога всушност умираше?

Што сè не правиме за љубов??

 

Ама озбилно, тоа што Арја го преживеа оној момент со големи шанси да биде жива спалена буквално фрла сомнеж на сè што се случи досега: дали Серсеи и Џејми се дефинитивно мртви? Само затоа што дефинитивно ќе ни треба некаква потврда.

Изгледаше дека се мртви, со оглед на тоа колку голем дел од замокот беше над нив (целиот). А нема подобар начин овие двајца да заминат заедно, во право сум?

 

Што беше финтата со дивиот оган?

Не, целиот тој зелен оган не беше од некој повештерен Регал што од морските длабочини му помага на Дрогон - тоа беа експлозии на див оган. Можеби отпрво сте помислиле, како мене, дека тоа беше резултат на некакво уништувачко сценарио на Серсеи во стилот „спалете сè живо“. Но потоа сфатив дека веројатно воопшто не е тоа, туку навраќање на гласините во романите на кои се алудираше и во серијата - подоцна потврдено од Тирион, кога му беше привремена Рака на Џофри - дека имало залихи на див оган складирани под поголем дел од Кингс Лендинг, кои таму ги ставил лудиот татко на Дени. Неговите последни зборови биле „спали ги сите“. Каков татко таква ќерка, претпоставувам!

 

Каде оди Арја?

Не многу далеку! Не, таа не се качи на брод за да види што има западно од Вестерос (сè уште), таа уште е во Кингс Лендинг додека ги чекаме последните минути од серијата. Нешто ни вели дека нема да биде презадоволна од начинот на кој тетката-девојка на Џон ја водеше војната, а во серијата претходно беше претставено пророштво од Црвената жена (Мелисандра), која ѝ рече на Арја дека засекогаш ќе затвори пар зелени очи (како тие на Дени), откако ќе затвори пар кафеави (Фреј) и сини очи (Ноќниот крал). Па изгледа дека тоа е добра теза: таа е тука за да ја убие кралицата! Ама можда ќе мора да се бори со некој друг за таа круна...

 

Кој ќе ја убие Дени?

Ах, да, најголемото од сите прашања. Неговиот одговор изгледа прилично очигледен: тоа мора да бидат Арја или Џон Сноу. Со оглед на пророштвото и колку добро излегоа тие работи, јас всушност не мислам дека Арја ќе биде таа што ќе ја убие. Таа чест ќе му падне на Џон Сноу, такво благородно копиле какво што е, и тој ќе ја носи одлуката како ѓердан околу својата душа, исполнувајќи ја својата намена во песната на мразот и огнот, и запечатувајќи го фактот дека овој несреќен ништо-не-знаач Џон Сноу засекогаш ќе остане навистина несреќен и тажен.

 

Ама дали може Дени и едноставно да победи, па или да сврти нов лист, или да основа некоја зла империја?

Секако, апсолутно може. LOL за првата сугестија, особено. Ама сè е можно, а претворањето на херојот во негативец и насилничкото преземање на Вестерос ќе биде прилично хаотичен начин на завршување на серијата, а со тоа и ептен во духот на Игра на престолите. Ама нешто ми вели дека оваа серија (за која Џорџ Р. Р. Мартин рече дека сѐ уште го следи неговиот нацрт) ќе заврши толку валкано колку што очекуваме.

 

Океј, па кој мислиме дека ќе заврши на престолот?

Очигледниот одговор тука е Џон Сноу, што значи дека апсолутно нема да биде Џон Сноу. Ова тогаш значи дека ни најпаметните лидери, кои можеби најмногу го заслужуваат тоа - како Тирион Ланистер или Санса Старк - исто така нема. Кој останува: Гендри Баратеон? Триокиот Брендон? Брон или Подрик или сер Бриен? Не сакам да упропастувам со нагаѓање, ама ако се кладев... во овој момент? Искрено, парите ќе ги ставев на Брен Старк.

 

Чекај, озбилна си со ова?

Знам. Знам. Многу е лудо, ама ислушајте ме: романите почнаа со поглавје од личната перспектива токму на бебето Брен Старк. Знам, сега тој е суштество-меморија, кое знае сè, гледа сè, не е ништо конкретно, ама оваа серија е луда. Оваа приказна отсекогаш беше луда. А ако се сеќавате, Тирион водеше еден таков разговор со Брен во библиотеката на Винтерфел, каде што побара да му се каже „сè“. За што зборуваа тогаш? Можеби за сè што Брен знаеше и виде? Тирион може да прифати лидер што има такви информации. Брен ти е како вестероски човек-ЦИА!

 

Па... како ќе заврши?

О, боже, ако знаевме, веројатно со закон ќе ни беше забрането да го пишуваме ова! Ама една работа е сигурна - а тоа го докажува легендарната реченица на Ремзи Болтон - ова веројатно нема да има многу среќен крај.

Автор: Алиша Лутс

Извор: Валчр

Кризата на вредности влијае негативно на балансот помеѓу императивот за слобода и потребата за безбедност, стеснувајќи го либералниот простор на современо конципираните општества.

повеќе

Mора да се научиме како да ги градиме политиките кои ќе водат кон осврт на сите теми важни за градење позитивен мир, но и реторички да останеме конзистентни на она за што се залагаме.

повеќе

Во изминатите 24 години откако Македонија и САД воспоставија официјални дипломатски односи, македонско-американските трговски врски растат бавно, но сигурно.

повеќе