Го објаснија кралскиот раздор

Меган сакала да се самоубие, Хари се чувствувал заробено, рекоа во интервјуто кај Опра Винфри (ВИДЕО)

Во огромно интервју емитувано во неделата, Хари и Меган ги опишаа болните дискусии во палатата за бојата на кожата на нивниот син, како ја загубиле кралската заштита и силните притисоци што ја натерале војвотката од Сасекс да помислува на самоубиство.

Фото: скриншот

Интервјуто со Опра Винфри e првото на двојката откако се повлекоа од кралските должности и двочасовното специјално интервју содржеше многу откритија што веројатно гласно ќе одекнат од двете страни на Атлантикот.

Хари ѝ рече на Винфри дека се чувствувал заробено од кралскиот живот и дека се изненадил кога бил финансиски отсечен и го загубил обезбедувањето минатата година. Тој исто така рече дека чувствувал дека неговото семејство не ја поддржува Меган, која призна дека била наивна за кралскиот живот пред да се омажи за Хари, кога трпела напади на таблоиди и лажни приказни.

Меган, која е мулатка, опиша дека кога била бремена со синот Арчи, имало „загриженост и разговори за тоа колку може да му биде темна кожата кога ќе се роди“. На тоа Винфри шокирано ја праша „Што?“

Додека Винфри седеше во тишина, Меган рече дека се мачела да разбере зошто кралското семејство е загрижено за бојата на кожата на нејзиниот син. Таа рече дека ѝ било тешко да ги „категоризира“ тие разговори.

Меган, глумицата порано позната како Меган Маркл, која глумеше во ТВ-драмата „Костуми“ (Suits), рече дека била сѐ позагрижена дека нејзиниот син нема да има кралска титула затоа што тоа значи дека нема да добие безбедност.

Меган рече дека за време на бременоста ѝ било „многу тешко“ да ги сфаќа работите. Повеќе од титулата „принц“, таа се чувствувала највознемирено поради безбедноста и заштитата на нејзиниот син.

„Тој треба да биде безбеден“, се присетуваше Меган со насолзени очи. „Ние не велиме не го правете принц или принцеза, што и да биде. Но ако велите дека титулата ќе влијае на неговата/нејзината заштита, па не ја создадовме ние оваа монструозна машина околу нас во смисла на ловење кликови и сточна храна за таблоидите. Вие дозволивте тоа да се случи, што значи дека нашиот син треба да биде безбеден“.

Интервјуто беше емитувано во САД цел ден пред да се емитува во Велика Британија, а откритијата не завршија: Винфри навести дека парчиња од интервјуто ќе бидат емитувани утрово на Си-би-ес.

Во еден од ретките позитивни моменти во интервјуто, Хари и Меган открија дека нивното второ дете ќе биде девојче. Интервјуто почна со сентименталните зборови на Винфри околу бременоста на Меган и жалењето што поради протоколите за ковид-19 не смеат да се гушнат.

Меган ѝ кажа дека имала самоубиствени мисли и дека побарала помош преку одделот за човечки ресурси во палатата, но ѝ било кажано дека ништо не можат да сторат.

„Тогаш навистина ми беше срам да го кажам тоа и ми беше срам што морав да му го признаам тоа на Хари, особено затоа што знам колкава загуба претрпе“, рече таа. „Но знаев дека ако не го кажам, ќе го сторам тоа. Едноставно не сакав, едноставно не сакав повеќе да бидам жива“.

Хари, исто така, рече дека третманот кон Меган и неговиот однос со семејството оставиле трајни лузни.

„Тука има многу што да се зборува“, рече Хари за својата врска со татко си. „Се чувствувам навистина изневерено. Тој поминал низ нешто слично. Тој знае каква е болката. А Арчи му е внук. Јас секогаш ќе го сакам, но многу ме повреди“.

Хари рече дека кралското семејство му ги прекинало финансиите во почетокот на 2020 година откако ги објави плановите да се повлече од улогите. Но тој успеал да обезбеди сигурност за своето семејство со парите што му ги оставила неговата мајка, принцезата Дајана.

Како одговор на прашање од Винфри, Хари рече дека немало да го напушти кралскиот живот ако не била неговата сопруга. Тој рече дека нивната врска го открива степенот на строгоста на кралскиот живот.

„Не би можел, затоа што и самиот бев заробен“, рече Хари. „Не гледав излез.“

„Бев заробен, но не знаев дека сум заробен“, рече Хари, пред да додаде: „Татко ми и брат ми, тие се заробени“.

Хари призна дека во моментов нема блиски односи со својот брат Вилијам, кој е престолонаследник по нивниот татко, принцот Чарлс.

Хари ги оспори гласините дека намерно криел работи од својата баба, кралицата Елизабета Втора, кога одлучил да си замине. Тој се сомнева дека гласините дошле од институцијата, пренесе АП.

„Никогаш не сум криел ништо од баба ми“, рече тој. „Имам премногу почит кон неа“.

И Меган ѝ даде комплименти на кралицата, и покрај тоа што во еден момент рече дека сфатила дека некои во палатата се спремни да лажат за да ги „заштитат другите членови на семејството“.

„Кралицата отсекогаш беше прекрасна со мене“, рече Меган.

Двојката се венча во замокот Виндзор во мај 2018 година, а нивниот син Арчи се роди една година подоцна. Напуштањето на Хари и Меган на кралските должности почна во март 2020 година поради, како што рекоа, упадите и расистичките ставови на британските медиуми кон војвотката.

Винфри рече дека ниту една тема не била забранета во интервјуто и дека Меган и Хари не се платени за него.

Во Британија се смета дека интервјуто е лошо темпирано. Тоа ќе се емитува додека 99-годишниот дедо на Хари, принцот Филип, е во болница во Лондон по операцијата на срцето.

Сѐ уште не се знае каква ќе биде реакцијата во јавноста, доколку воопшто ја има, на кралицата и другите членови на кралското семејство. Британскиот весник „Сандеј тајмс“, повикувајќи се на анонимен извор, објави дека кралицата нема да го гледа.

Легенда под Главна слика

Фото: скриншот

Паузата во борбата против коронавирусот, бизнисот ја користи за свое преструктуирање и за непосредни контакти со компаниите кои беа запоставени во изминатиот период.

повеќе

Страшно е да се помисли дека постојат луѓе што со години се распрашуваат, го истражуваат, и го следат животот на граѓаните преку социјалните мрежи и интернетот.

повеќе

Во Македонија моментално има стотици активни стечајни постапки, некои од нив се водат повеќе од 10, па дури 20 години.

повеќе