Дијана Трој од „Наредната генерација“

Марина Сиртис сака да глуми во „Пикард“, а кај Тарантино никако!

Марина Сиртис зборува за иднината на Дијана Трој во Трек-универзумот.

Со цели 178 епизоди во текот на повеќе од седум години на телевизија плус еден грст играни филмови, Марина Сиртис стана суперѕвезда како полу-Бетазоидот советничка од „Ѕвездени патеки: Наредната генерација“, Дијана Трој.

По неколку појавувања како гостин во „Војаџер“, Дијана последен пат ја видовме во финалето на „Ѕвездени патеки: Ентерпрајз“ од 2005 година, но враќањето на Патрик Стјуарт како Жан Лук-Пикард во претстојниот спиноф „Пикард“ ја отвора можноста и Трој да се врати.

„Возбудена сум“, изјави за Диџитал спај Марина, која во моментов игра во театарската претстава „Мрачно возвишение“ во Вест Енд, за нетрпеливо очекуваниот „Пикард“. „Возбудена сум што повторно ќе го видам Патрик како Пикард, бидејќи мислам дека тој беше проклето брилијантен во тој лик. Ако ме прашаат мене, би сакала да бидам во тоа. Но, мора да бидам искрена, телефонот сè уште не ми заѕвонил, па не сум на низок старт. Ама би сакала да го сторам тоа - само да не морам пак да го носам тој вселенски костим, бидејќи од тогаш сум малку здебелена и не сакам да одам по кампови за слабеење!“

„Пикард“ ќе ни се појави на екраните 17 години по последниот филм од „Наредната генерација“, „Немезис“, а 25 години откако серијата престана да се емитува на телевизија, но Сиртис е убедена дека ќе ги избегне стапиците со кои се соочуваат некои долгоочекувани ТВ-повратници.

„Времињата се сменија“, рече таа. „Кога Џин Роденбери, лесна му земја, сè уште беше жив, едно нешто на што инсистираше е да нема конфликт меѓу глумците. Се разбира, тоа е анатема за глумците, си велите 'Што?!, Како тоа мислите да нема конфликт?' Бидејќи конфликтот е драма“.

„Мислам дека она што ќе биде поинакво со серијата на Патрик е дека тоа нема да биде така. Нема да биде само срца и цвеќиња како Наредната генерација. Мислам дека веројатно ќе има малку повеќе конфликт“, продолжува таа. „Кога Патрик ни кажа дека ја заживува улогата, спомна дека немало да биде заинтересиран да го прави тоа ако беше пресликано со индиго. Она што го интересира е тоа повеќе да биде одраз на едно општество како ова сега.“

Кога „Ѕвездени патеки: Немезис“ не блесна во 2002 година (вкупен приход од благајните нешто над 43 милиони долари, споредено со 92-те милиони долари од „Првиот контакт“), тој предизвика некаков предвремен крај за глумците од Наредната генерација на големиот екран.

Таа екипа имаше три и пол филма во текот на осум години, во споредба со шесте и пол филма на оригиналната екипа во текот на 15 години, па дали Сиртис се чувствува ограбена?

„Тоа е шоу *бизнис*, а Немезис не направи доволно пари, крај на приказната“, вели таа. „Затоа потоа не направивме ништо. Мислам дека Парамаунт сметаше дека ќе го завршиме циклусот и тоа е тоа. Имајте предвид дека ние работевме седум години (на телевизија), а оригиналната екипа само три, така што тоа е тоа“.

Еден потенцијален Трек-филм за кој сè уште само се зборува е проектот без наслов на Квентин Тарантино, ама не очекувајте Сиртис да се појави во него, па дури ни да искешира за да го гледа во кино.

„Те молам Боже никогаш да не се случи тоа!“, вели таа. „Не! Не сум голем обожавател, па воопшто не би ми се допаднало тоа. Ќе останам на тоа и ќе ве оставам вас да ги пополните празнините“.

Но додека Си-би-ес ги шири телевизиските Трек-проекти, постои извонредна перспектива за други спинофи центрирани околу другите главни ликови на Наредната генерација. Што викате за „Ѕвездени патеки: Ворф“, „Ѕвездени патеки: Трој“ или...... „Ѕвездени патеки: Визли“?

„Да бидам искрена, мислам дека никогаш нема да има спиноф за Трој“, вели Сиртис. „Не мислам дека тоа ќе се случи.“

„Причината зошто сакам да го направам ова не е само затоа што сакам да ја оживеам Трој, бидејќи јас всушност ја глумев. Што се однесува на глумечкиот предизвик, тоа не е причината, навистина. Толку долго ја глумев. Но би сакала повторно да работам со моите пријатели, бидејќи тоа беше најдоброто време од мојот живот“.

А ако за некој нов филм Ѕвездени патеки треба некоја помлада Трој? „Мислам дека Мила Кунис ќе биде добра Дијана Трој“, вели таа.

„Мислам дека таа е прекрасна актерка. Го има вистинскиот изглед, а и нема да ѝ треба голем напор за да ја игра таа улога“.

Објавено

Петок, Јуни 28, 2019 - 01:05

Едно современо демократско општество се разликува од тоталитарното токму по тоа што јавната критика е основно полемичко право и должност на медиумите.

повеќе

Македонските граѓани конечно го гледаат крајот на илузијата што им се продава од осамостопјувањето до денес.

повеќе

Министерот за финансии не треба да е кум, баџанак, шура, братучед или самиот тој, бидејќи треба да даде отпор на честите политички, но не и економски барања на членовите на владата.

повеќе