Кој победи во „Игра на престолите“ - и зошто е тоа важно

Изборот е неочекуван, но се вклопува во поголемите теми за моќта и во книгите и на екранот. Следуваат спојлери за „Игра на престолите“.

Играта на престолите заврши, исто како што заврши и „Игра на престолите“, и иако Дрогон до темел го стопи Железниот престол, Шесте (од седум) Кралства продолжуваат со нов крал - Брен Старк, т.е. Триокиот Гавран.

Слободно може да се каже дека овој исход не е она што повеќето луѓе го очекуваа. Во текот на целиот серијал „Игра на престолите“, првите три предвидувања за тоа како ќе заврши серијата обично ја ставаа моќта во рацете на Денерис, Џон Сноу, или никој. (Во сценариото „никој“ Железниот престол е уништен, а Седумте кралства стануваат млада демократија или нешто слично.) Но дури и пошироките тези имаа тенденција да фаворизираат експерти за реалполитика, како Тирион Ланистер и Санса Старк.

Ама Брен? Како? И, што? И, зошто?

Но како некој што претпазливо го предвиде Брен пред неколку години од најбудалестата можна причина, мислам дека можеби можам да ги објаснам одговорите на тие прашања и како подемот на Брен до престолот зборува за поголемите идеи на серијата за моќта, вели Тод Вандерверф за Вокс.

 

Не, сериозно, Брен?

Кога завршува „Игра на престолите“, Брен е еден од ретките преостанати реални кандидати за престолот. Тирион нема да го стори тоа, Арја збриша на море, Санса се чини решена да го владее Северот, Џон тргна да прави нова Ноќна стража, а Дени е мртва. Плус, последните две сезони на серијата во голема мера ги десеткуваа владејачките семејства на Седумте Кралства, така што прилично сте заглавени со Брен или Робин Арин, она бледо болежливо дете од Вејл (кој се појави многу, многу кратко во последнава епизода, ама немаше многу што да каже).

Ама „тој просто некако уште е жив, нели?“ не е баш задоволителен одговор на тоа зошто Брен сега е крал на ништо друго освен на ниво на заплет. И бидејќи не сме го прочитале прегледот на Џорџ Р.Р. Мартин за неговите последни две книги (кој тој им го дал на авторите на серијата Дејвид Бениоф и Д.Б. Вајс уште пред да тргнат да ја прават четвртата сезона), не можеме да знаеме дали ова е идеја на Мартин или едноставно е решение на Бениоф и на Вајс за проблемот. (Претпоставувам дека е на Мартин, бидејќи Бениоф и Вајс повеќе би биле во искушение да одат со Санса, мислам.)

Сепак, постојат неколку цврсти причини Брен да биде прогласен за крал. Една од нив е дека, и покрај тоа што претрпе тешки загуби претходно во серијата, семејството Старк се покажа како извонредно жилаво кога станува збор за долгорочен опстанок. Три од петте Старк деца сè уште се живи, како и Џон, кој поседува старковска крв преку својата мајка, Лијана. Споредете го тоа со целосното уништување на повеќето други кралски куќи во Седумте Кралства и почнува да станува јасно зошто „Игра на престолите“ почна како приказна за семејството Старк наспроти другите кралски куќи на Седумте Кралства.

Што ме носи до мојата следна поента, која е директно од книгите. Во „Игра на престолите“, првата книга во серијата на Мартин, првото поглавје од главниот наратив (т.е. она по краткиот пролог што го открива постоењето на белите одачи - кои во книгите се наречени „Другите“) е раскажано од гледна точка на Брен. Затоа пред неколку години предвидов дека Брен би можел да заврши на Железниот престол: Мартин се чини дека е обожавател на кружноста, на настани што се повторуваат и се вртат во круг, и ми имаше смисла тоа дека и последната глава од неговите книги би можела да се фокусира на Брен, во кој случај ќе има одреден степен на смисла тој да има позиција на барем некаква моќ.

Конечно, изборот на Брен за крал има барем некаква тематска смисла. Една од опсесиите на „Игра на престолите“ се однесува на неможноста за праведно лидерство, бидејќи сите сме ограничени од нашите човечки страсти, интелигенција и слепи точки. Е па, Брен (кој може да види сè што некогаш се случило) некако повеќе не е човек. Значи, импликацијата е дека праведен и мудар владетел е оној што е толку исклучен од човечноста што неговата непристрасност станува предност, дури и ако ги вади луѓето од памет.

(Вреди да се напомене и дека по цела сезона во која луѓе велат дека можеби вистинската личност за Железниот престол е некој што не го сака, Брен во четвртата епизода од сезоната вели дека веќе во основа не сака ништо. Старк/Сноу 2020: Тие не сакаат ништо!)

Мојата лична желба секогаш беше „Тирион ја измислува демократијата“ како начин да се заокружи оваа серија, и тој некако и го направи тоа, предлагајќи лордовите и дамите на големите куќи во Седумте Кралства да ги избираат сите идни владетели. Сепак, самата идеја дека Брен завршува како крал е малку смешна. Ама можеби тоа е и поентата. Сите се кикотат на самото спомнување на демократија што им дава право на глас на сите во Седумте Кралства кога Сем Тарли го предлага тоа. Можеби Седумте Кралства треба уште некое време да се мачат со монархија, и ако треба, океј, зошто на Престолот да немаме еден полубог што гледа сè и рамнодушно вергла за даночните политики и искористувањето на земјиштето? Да живее кралот!

Помина времето кога политиката беше „шаховска борба“ на политичките актери, која неретко се одвиваше далеку од очите на јавноста и беше доста неразбирлива за обичниот гласач. 

повеќе

Државата треба повеќе да се вклучи во промовирање на младинско претприемништво како економска активност која би помогнала за намалување на невработеноста.

повеќе

Без оглед на политичката заднина на случајот за изнудување, владата во Скопје мора да се фокусира на темелна истрага наместо на ограничување на штетата.

повеќе