Кирк Даглас: неверојатно згодниот холивудски Колос од Родос

Како актер, тој блескаше со хиперреална машкост, како и со отворена, искрена страст.

„Јас сум Спартак!“ - „Јас сум Спартак!“ - „ЈАС СУМ СПАРТАК!“ Секој филмски љубител го знае тој момент, секој комичар црпи идеи од него. Сцената е од филм од 1960 година во кој глуми Кирк Даглас, последниот преживеан великан од златната доба на Холивуд, кој почина завчера на 103-годишна возраст: тој беше неверојатно згоден, мажествен и со ненадминливо дупче на брадата.

На толпа поразени бунтовнички робови во претхристијанската римска империја им се вели дека нивните бедни животи ќе бидат поштедени, но само ако нивниот водач, Спартак, излезе и се предаде за да биде погубен. Баш во моментот кога тој сака да се жртвува и станува да каже дека тој е Спартак, друг роб, Антонинус (игран од Тони Кертис) скокнува и вели дека тој е Спартак, потоа друг, па друг, па потоа сите, величествен приказ на солидарност, додека самиот Спартак дозволува и солза да му капне од окото на крајот од сцената.

Тоа е возбудлива варијанта на христијанскиот мит (соочени со распнување, следбениците на Спартак не се откажуваат од него) и е остра политичка фикција. Во реалниот живот Спартак бил убиен на бојното поле. Оваа класична сцена била смислена од сценаристот на филмот, Далтон Трамбо, автор на холивудската црна листа на симпатизери на комунизмот, кој мораше да работи под прекари и не доби солидарност од Холивуд. Сепак, самиот Даглас, како продуцент на филмот, се заложи за писателот. Тој го стави на шпицата вистинското име на Трамбо и помогна да ѝ се стави крај на макартистичката хистерија.

Всушност, главната причина зошто сцената е толку моќна е нејзината извонредна иронија. Кој побогу би можел да тврди дека е Спартак кога Спартак изгледа така? Даглас беше холивудски човек-Рашмор, скоро хиперреален во својата машкост. Тој сега е загубениот Колос од Родос во светот на филмот, фигура на чиста гранитна машкост, а сепак, со некаков мачкаст и мек, длабок глас. Даглас беше страстен актер, темпераментен и возбудлив; играше и цврсти момци и ранливи момци, и херои и негативци. И како пионерски продуцент, тој на екранот донесе два филма на Стенли Кјубрик: Спартак (тој го ангажираше Кјубрик да го замени Ентони Ман) и првата класика за првата светска војна „Патишта на славата“, во кој беше супериорен, глумејќи принципиелен помлад офицер.

Кирк Даглас е роден како Исур Даниелович, син на руски Евреин роден во Москва, а чичко му бил убиен во погромот. Во своите мемоари од 1988 година, „Синот на крпарот“, Даглас го опишува лежерниот антисемитизам со кој се соочувал скоро во целата кариера. Глумците, особено мигрантите, морале да си го сменат името за да преживеат и да напредуваат во САД.

Кирк Даглас во „Спартак“

Веројатно токму во „Патишта на славата“, во режија на Кјубрик, Даглас ја најде својата најдобра улога како строгиот, принципиелен полковник Дакс, кој им се спротивставува на закоравените и неспособни високи офицери на француската команда. Привлечното, ненасмеано лице на Даглас е како бајонет на презирот.

Самиот Даглас веројатно најмногу го ценел својот сензитивен настап, номиниран за Оскар, како Винсент ван Гог во филмот на Винсент Минели „Страст за живот“ (1956). Некои можеби сега ќе се поднасмевнат на овој искрен и умствен филм, но тој е мошне гледлив, со срдечна верба дека уметноста на Ван Гог може да ја разберат сите. Настапот на Даглас е смел, страстен, тој едноставно пламти од агонија. Не го сакаа сите. Познато е дека по премиерата, Џон Вејн разгневено упаднал кај Даглас: „Боже, Кирк, како можеш да играш таква улога? Останаа проклето малку вакви како нас. Мора да играме цврсти, силни ликови. Не вакви слаби педераши!“

Даглас живееше доволно долго за да претрпи една речиси фројдовска траума. Откако во 1960-тите ги купи правата на романот „Лет над кукавичиното гнездо“ на Кен Кејси, тој самиот ја играше главната улога во адаптација за Бродвеј: Мекмарфи, субверзивниот дивјак затворен во психијатриска болница. Со години се мачеше да собере пари за филмска верзија. Неговиот син Мајкл, кој ги презеде обидите како продуцент, во раните 70-ти години му донесе на татко си добра и лоша вест. Филмот ќе биде снимен, но во главната улога ќе биде младото „златно момче“ Џек Николсон. Тоа беше уникатно болен момент и за таткото и за синот. Моментот на Кирк Даглас на А-листата беше завршен.

Мајкл ја соопшти неговата смрт во соопштение за списанието Пипл во средата навечер, во кое го фалеше делото на татко си како хуманитарец и филантроп. Фондацијата Даглас беше основана од Кирк и неговата сопруга Ен во 1964 година за да им помага на загрозените заедници.

„За светот, тој беше легенда, актер од златната доба на филмовите, кој доживеа многу златни години, хуманитарец чија посветеност на правдата и каузите во кои веруваше поставија стандард кон кој сите ние треба да се стремиме“, рече Мајкл Даглас. „Животот на Кирк беше добар, и тој остава филмско наследство што ќе опстојува за наредните генерации и во историјата како реномиран филантроп што работеше да ѝ помогне на јавноста и да донесе мир на планетата“.

„Осамените се храбри“

Смртта на Кирк Даглас е исклучително тажен момент: тој беше типичен херој и ѕвезда на стариот Холивуд. Јас ги ценам сите негови одлични настапи, но омилен ми е пркосниот каубој Џек Бурнс во супериорниот вестерн трилер „Осамените се храбри“ (1962). Можеби последниот каубој во Америка, кој нестварно го води својот коњ низ модерниот пејзаж од автомобили, се степува во бар и е фрлен во затвор, каде што планира да спаси друг затвореник од затворот. Даглас никогаш не бил покул, подуховит и похаризматичен. Тоа е величествен филм - а тој беше величествена ѕвезда.

Питер Бредшо

Гардијан

Овозможувањето континуитет на стопанството треба да биде на прво место во агендата на Владата, бидејќи закрепнувањето на економијата ќе дојде токму од приватниот сектор.

повеќе

Светот првично се соочи со кризата предизвикана од коронавирусот на некоординиран начин, при што огромен број држави едноставно ги игнорираа предупредувањата и настапуваа самостојно.

повеќе

Пандемијата на коронавирусот која го зафати целиот свет, не само што има огромно влијание врз јавното здравство, општеството и економијата како целина, туку предизвика пустош и во спортот.

повеќе