Славни

Како пред 25 години - Вилијам и Хари повторно заедно зад ковчегот на сакана личност

Принцовите Вилијам и Хари денеска чекореа покрај ковчегот на својата баба, кралицата Елизабета Втора, глетка што потсетува на времето кога како момчиња пред 25 години го следеа ковчегот на својата мајка, принцезата Дајана.

Фото: ЕПА

Браќата, чии односи станаа затегнати во последниве години, учествуваа во свечена поворка од Бакингемската палата до Вестминстерската палата, каде што телото на кралицата ќе биде изложено сѐ до нејзиниот погреб в понеделник.

Нивниот татко, кралот Чарлс III, одеше пред нив заедно со другите деца на кралицата Елизабета. Сопругата на Чарлс Камила, на Вилијам, Кејт, и на Хари, Меган, пристигнаа со автомобил во салата што се наоѓа во рамките на парламентот.

Во 1997 година, откако Дајана загина во сообраќајна несреќа во Париз на 36-годишна возраст, Вилијам и Хари, на 15 и 12 години, чекореа низ центарот на Лондон покрај нејзиниот ковчег, една од сцените што ги обележаа нивните животи.

Фото: ЕПА

Браќата во минатото зборуваа за трајната траума што ја претрпеле по смртта на нивната мајка и за таа долга, исцрпувачка прошетка, за време на која тие одржувале стоички изглед и покрај тагата што ја чувствувале.

„Беше како да сум надвор од моето тело, само чекорев, го правев она што се очекува од мене, покажувајќи една десеттина од емоциите што сите ги покажуваа“, рече Хари во ТВ-документарец од 2021 година, откривајќи дека подоцна користел алкохол и лекови против болки.

Вилијам во 2017 година рече дека шокот од смртта на Дајана сè уште трае во него.

„Никогаш не го преболуваш. Тоа е толку неверојатно голем момент во твојот живот што никогаш не те остава. Едноставно учиш да се справуваш со тоа“, рече тој во ТВ-програма.

Различни патеки

Браќата беа блиски долги години по смртта на Дајана, но нивните животи се променија во последните години, пренесува Ројтерс.

Вилијам, кој им се посветува на своите кралски должности, сега е следен во редот за тронот. Хари живее во Соединетите Држави, откако се повлече од своите кралски должности во 2020 година.

Хари и Меган дадоа интервју со Опра Винфри во март 2021 година, во кое Меган зборуваше за својата несреќа и изолираност откако се омажила за Хари во 2018.

Хари опиша дека се чувствувал заробен од кралскиот живот и го критикуваше своето семејство што не ја поддржувало неговата сопруга.

Меган исто така рече дека во семејството имало „загриженост и разговор“ кога била бремена со синот Арчи за тоа каква боја ќе биде неговата кожа. Мајката на Меган е црна, а нејзиниот татко е бел.

Бакингемската палата одговори дека „некои сеќавања може да се разликуваат“, иако покренатите прашања се „загрижувачки“.

Од смртта на кралицата минатиот четврток, имаше знаци дека кралското семејство се обидува да ги „закрпи“ работите со Хари и Меган.

Во своето прво обраќање како суверен, Чарлс рече дека ги сака, а следниот ден парот им се придружи на Вилијам и Кејт на прошетка меѓу многумина ужалени во близина на замокот Виндзор.

Останува да се види дали смртта на кралицата трајно ќе ги зближи браќата.

Откако нивниот раскол излезе на виделина, тие беа заедно во многу емотивни прилики, кои не ги зближија.

Едниот беше погребот минатиот април на нивниот дедо принцот Филип, сопругот на кралицата, кога чекореа зад ковчегот, но не рамо до рамо - ги раздели роднина.

Вториот беше откривањето неколку месеци подоцна на статуата на нивната мајка во палатата Кенсингтон, нејзиниот поранешен дом.

„Секој ден посакуваме да е сè уште со нас“, порачаа по тој повод браќата во заедничката изјава.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

„Вчерашниот ден измина, утрешниот допрва доаѓа, го имаме само денес - да започнеме“.

повеќе

Шоковите кои се случуваат истовремено и распадот на меѓународната соработка го направија управувањето со кризи невозможно - барем со користење на стандардните алатки. 

повеќе

Oд Словото за академик Божин Павловски, 80 години од раѓањето и 60 години од неговото творештво.

повеќе