Како „Игра на престолите“ заборави како се пишува добар заплет

„Игра на престолите“ сезона 8 епизода 4 ги имаше сите обележја на класичните „Престоли“ - откривање тајни, шокантен пресврт, умирање на некој главен лик - но за разлика од претходниот успех на серијата во пренесувањето на големите моменти, сите тие беа бледи во „Последните Старкови“.

Големото откривање на вистинското потекло на Џон пред битните играчи како Санса, Арја и Тирион главно не го видовме на екранот, моментот кога Јурон го уби змејот со харпун дојде некако чудно, а заробувањето и погубувањето на Мисандеј не предизвика ништо друго освен гнев и кај Денерис и кај публиката.

Пресвртните моменти порано ги разбујуваа „Престолите“, изненадувајќи ги и маѓепсувајќи ги нивните гледачи, но откако им го снема изворниот материјал од „Песната на мразот и огнот“ на Џорџ Р.Р. Мартин, на серијалот му е сè потешко да ја достигне возбудата на претходните пресврти.

Моментите како што беа погубувањето на Нед Старк, Црвената и Пурпурната свадба и нападот на Станис во Блеквотер Беј дојдоа од книгите на Мартин и предноста им беше што се појавија во истиот формат во кој ги напиша Мартин. Во „Песна за мразот и огнот“ поглавјата се пишувани од перспективите на ликовите, а сите нивни предрасуди и знаењa се ограничени на нивната гледна точка.

На пример, читањето на поглавјата за Тирион, Брен и Кејтлин што ѝ претходат на Црвената свадба во „Бура од мечеви“ им овозможува на читателите да ги видат главните знаци што ја создаваат неизвесноста до и по тој момент. Така функционираше серијалот и пред тоа, во третата сезона. Тирион претходно во сезоната беше сведок на тоа дека неговиот татко пишува мистериозно писмо, а Брен им ја раскажа на Џоџен и Мира приказната за Стаорецот Готвач, која објаснува што значи прекршувањето на правата на гостинот за луѓето од Вестерос. Кога Роб и Кет се појавуваат на својата последна гозба, тие претходни перспективи се соединуваат во една слоевита, драматична трагедија, која му дава контекст на сето тоа што се случи пред неа. Пресвртот е заслужен, па така и последиците изгледаат многу пострашни.

Во осмата сезона најголем дел од акцијата е ограничен на Винтерфел и на безбројните ликови што се стационирани таму. Откако Битката за Винтерфел дефинитивно покажа дека армијата на мртвите на Ноќниот крал не е завршницата на „Престолите“, партнерството на Серси со Јурон Грејџој и Златната компанија се појави како конечниот негативец на серијалот - статус за кој е потребно повеќе време на екранот, а не помалку. Недостигот од внимание посветено на сплеткарењата на Серси и на ликот на Јурон ги сведе обајцата на еднодимензионални негативци, чии удари кон Џон и Денерис изгледаат незаслужени и чудни.

Нешто толку едноставно како состанок на малиот совет или сцена во која Јурон не прави буквално ништо освен што зборува за бембање на Серси требаше да набие драматична иронија кај гледачите, кои ќе имаа подобра претстава за опасностите што ги чекаат Дени и Џон на југ. Наместо тоа, Јуроновото убивање на Регал доаѓа како комплетно изненадување. Иако тоа беше еден од подобрите моменти од епизодата 4, недостигот од постепен развој предизвика ненадејната смрт на змејот да биде еднократен шок, наместо внимателно скован сценариски пресврт.

И смртта на Мисандеј беше слично третирана. Ќе беше фантастично да видиме како Мисандеј и Серси алудираат на тенденциите на Денерис кон кршење окови и палење градови, но на крајот Мисандеј само исчезнува од екранот на неколку минути и повторно се враќа во синџири на врвот на градските порти за да умре.

На публиката на „Игра на престолите“ не ѝ треба да ѝ го објаснувате секој пресврт пред да се случи, но најдобрите „уф, срање“ моменти во серијата досега беа успешни бидејќи целосната тежина на мотивите на ликовите ја поткрепуваше нивната неизбежност. Со игнорирање на перспективите на негативците, осмата сезона е поплитка и помалку интересна од претходните сезони на светот на „Престолите“.

Сигурно е тешко да се продолжи адаптацијата на една незавршена серија книги, но најновите сезони на „Игра на престолите“ покажаа дека внимателното развивање на заплетот на Мартин и форматот на скокање од една на друга перспектива се од суштинско значење за наративните успеси. Без нив, со секоја нова епизода „Престолите“ сè повеќе изгледаат како имитација на самите себе.

Машејбл

Македонските граѓани конечно го гледаат крајот на илузијата што им се продава од осамостопјувањето до денес.

повеќе

Министерот за финансии не треба да е кум, баџанак, шура, братучед или самиот тој, бидејќи треба да даде отпор на честите политички, но не и економски барања на членовите на владата.

повеќе

Зрелоста на еден народ е да препознае кога протестите за замена му ги продаваат како протести за промена. 

повеќе