Гардијан

Игра на престолите: епската последна епизода поправи некои големи грешки

Предупредување: текстот содржи спојлери.

Во Вестерос или победуваш или умираш. За сите грешки во последната сезона, последната епизода ги задоволи оние што се сомневаа - и добро одигра со преживеаните ликови.

Предупредување за спојлери: овој напис е за луѓе што го имаат гледано финалето на „Игра на престолите“. Не читајте ако не сте ја гледале шестата епизода од осмата сезона: „Железниот престол“.

И така, конечно, по 73 епизоди, бескрајни милиони долари и околу 200.000 убиства, заврши. Да се забранат викањата по интернет. Смртта ја стигна „Игра на престолите“ и сите вклучени во нејзиното создавање во очај извикаа „Јес! Конечно! Денес!“

Финалето го почнавме со Тирион како талка по пеплосаните урнатини на Кингс Лендинг (последица на минатонеделното нагло комплетно полудување на Денерис), ги крева паднатите тули и си потврдува себеси, а и на гледачите што сè уште имаат трошка надеж, дека близнаците Ланистер навистина лежат мртви под нив. Тоа на сите ни требаше да се потврди пред да можеме да продолжиме со вистинската задача на денот; одлуката кој ќе го добие Железниот трон, кој ќе умре, а кој ќе добие башка серија.

Денерис изгледаше уверена во својата позиција, со поздравниот говор до своите следбеници („О, крв од мојата крв! Вие ми ги дадовте седумте кралства!“) и брзото апсење на Тирион за предавство. Џон изгледа измачено. Веројатно поради безумното уништување и масовното убиство извршено од неговата љубовница-тетка. Можеби затоа што се обидува да собере сума од непарни бројки во главата. Драгиот, сладок, бескорисен Џон. Луѓето ги критикуваа авторите за многу работи во текот на серијата, ама тие сигурно заслужуваат признание што успеаја да го протуркаат Кит Харингтон како убедлив кандидат за крал.

Џон го посетува Тирион во затвор, каде што Последниот Ланистер се обидува (исто како и Арја непосредно пред тоа) да го убеди Џон дека како противкандидат Таргериен со право на престолот, жената качена на змејот може во скора иднина да се обиде да го убие. „Тоа е нејзината одлука“, вели Дамбо. „Таа е кралицата“. Тирион додава дека таа веројатно ќе тргне и по Санса и Арја, што се чини дека предизвикува да му падне пердето од очи на Џон и го поттикнува единственото делче акција во финалето.

Џон ja убива Денерис за доброто на сите. Дрогон јасно ги става до знаење своите чувства од ваквиот развој со топење на Железниот престол со змејски оган и одлетува со нејзиниот труп. „Ова не е убаво!“, извикува Џон по него. „Тронот е само симбол. Има уште многу работа пред да може да влеземе во ерата на претставничка демократија!“ Не, не извикува. Ама вистинското сценарио не се потрудува нешто посебно. Откако Џон е зад сцена уапсен од Беспрекорните, лордовите и дамите на Вестерос се собираат за да одлучат што мора да се направи. Тие одлучуваат... да изберат владетел од своите редови. Баш така. Греј Ворм, кого Дени го направи командант за Сите Воени Работи, откако нејзиниот змеј го спржи цел Кингс Лендинг, воопшто не се побунува. Нема ни збор за тоа на кого ќе му се падне да им го соопшти тоа на Дотраките. Фала богу не јас.

Семвел се прашува дали можеби народот треба да одбере кој ќе го владее. О, ама громогласната смеа може да се слушне и преку Тесното Море! Значи тоа е опција мртва исто колку и Белиот одач прободен со валириски челик.

Брен. Или Брен Скршениот, како што го нарекоа. Вестерос е дискриминаторски настроен кон инвалидите, како што можеби и сами забележавте со оглед на тоа дека им требаа цели шест сезони за некој да му склопи инвалидска количка. Тоа е навраќање на античката фигура на Брен Градителот, кој го подигнал Ѕидот, го основал Винтерфел и бил првиот крал на Северот, ама пак. Брен. Крвавиот Брен. Тој ќе владее над само шест царства, бидејќи Санса соопшти дека Северот пак ќе стане независен. И пак, изгледа на никого не му пречи тоа. Тирион станува Раката на Брен, но Греј Ворм инсистира дека Џон мора да биде казнет со враќање во Ноќната стража. Поштено. Неговиот постојан изглед на крајна болка мора некаде да се смести; има смисла. И тој никогаш нема да сфати дека веќе нема причина да постои Ноќната стража.

Арја зема едногодишен одмор за да отпатува „западно од Вестерос“, непосетен регион за кој се шпекулира дека содржи цели планини од спин-оф потенцијал. Нашиот последен поглед на целата оваа работа е кон Џон, кој со Слободниот народ тргнува на суперсевер.

Нема сомнение дека оваа сезона беше избрзана работа. Таа пропушти многу шанси, ја злоупотреби добрата волја и не успеа достојно да ги прикаже ниту своите ликови ниту нивните глумци. Ама финалето беше успешно. Тоа ѝ беше верно на генералната тема на серијата - војната, и бедата на војната - и, откако минатата недела многу им згрешија на неколку протагонисти, со овие што останаа направија добра работа. Дали со тоа ќе се согласат милионот потписници на петицијата за преработка на целата последна сезона, или поголем дел од околу 45-те милиони од целиот свет што ќе ја гледаат последната епизода - којзнае. Кога ја играте Играта на престолите, или победувате или умирате. Генерално, мислам дека таа победи.

Автор: Луси Манган

Извор: Гардијан

Нема пазар доколку нема информации. Дајте ги информациите за пазарот на грозје.

повеќе

Овој термин, без исклучок го употребуваат сите партии кога се во опозиција. СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса за Албанците, ДПА...

повеќе