Интервју за Гардијан

Џорџ РР Мартин: Завршувањето на Игра на престолите ме ослободи од притисокот, па сега си имам свое темпо

Телевизиската серија можеби стигна до својот крај, но со двете книги што треба да ги заврши, како и со големиот број споредни проекти, писателот на романите од кои таа изникна е позафатен од кога било.

Ако му речете на Џорџ Р.Р. Мартин да ви каже една желба, тој ќе ви побара повеќе време. Авторот на бестселер-сагата „Песна за мразот и огнот“, книгите по кои беше снимен телевизискиот феномен „Игра на престолите“, е во Лондон на разговор со историчарот Ден Џонс за своето најново дело, „Оган и крв“, замислена историја на семејството Таргериен (освојувачите-предци на змејската кралица Денерис), пред да замине на научнофантастичниот настан Ворлдкон во Даблин.

Сепак, во потсвеста му стои дека допрва го чека работа. „Ветриштата на зимата“, шестата и претпоследна книга од „Мразот и огнот“ треба да се доврши, а седмата „Сон за пролет“ да се напише. Го чека и довршувањето на неколку приказни за Данк и Ег, кои се случуваат во истиот тој свет. (Поведри по тон, тој ги сметал за лесно четиво меѓу „големите мегакниги“, но потоа „заостанав со сè, па сега пробувам да мислам само на следното нешто што стои веднаш пред мене“.)

А тоа беше пред многуте телевизиски проекти што процветаа благодарение на успехот на серијата. Голем број приквели што се случуваат во Вестерос - меѓу кои и оној напишан од Џејн Голдман, кој се „случува 5.000 години пред настаните на Игра на престолите“ и во моментов е во постпродукција - ТВ-верзија од антологиската серија „Вајлд кардс“, која тој ја уредува, како и адаптација на „Кој се плаши од смртта“ на Неди Окорафор, која ја продуцира за ХБО.

„Ми требаат повеќе часови во денот и повеќе денови во неделата и повеќе месеци во годината бидејќи изгледа времето лета многу брзо“, признава тој со уморна насмевка.

Меѓутоа, таа замореност е минлива. Пред да се сретнеме, вели Сара Хјуз за Гардијан, ми беше кажано дека има одредени работи за кои Мартин не сака да зборува: контроверзниот крај на телевизиската серија претходно годинава; кога ќе дојде „Ветриштата на зимата“; и за неговата здравствена состојба - тој има 70 години, а интернетот е полн со шпекулации дали ќе успее да ја заврши својата епска приказна.

Излегува дека добродушниот Мартин сепак допира некои аспекти од сите три теми, иако, видно претпазлив да не предизвика некој негативен наслов, тој цврсто го одбива прашањето дали ја гледал последната епизода на серијата: „Не треба да зборуваме за тоа“.

Сепак, се согласува дека крајот на серијата го ослободил од голем притисок. „Имаше неколку години кога, ако можев да ја завршам книгата, уште неколку години ќе можев да останам пред серијата и стресот беше огромен“, вели тој. „Мислам дека тоа не беше добро за мене затоа што самото нешто што требаше да ме забрза, всушност ме забави. Секој ден седнував да пишувам, па дури и ако имав успешен ден - а успешен ден за мене е три или четири страници - се чувствував ужасно затоа што си мислев: 'Боже мој, морам да ја завршам книгата. Напишав само четири страници, а требаше да напишам 40'. Но тоа што заврши серијата ме ослободи, па сега си имам свое сопствено темпо. Имам добри денови и имам лоши денови и стресот е далеку помал, иако пак го има... Сигурен сум дека кога ќе ја завршам 'Сон за пролет', ќе мора да ме заковате на земја за да не летнам од среќа“.

Јасно е дека тој има комплициран и веројатно нерешен однос со телевизиската серија. Од една страна, таа „целосно го промени мојот живот“ - но, како што вели, „тие не се исти, иако се многу тесно поврзани една со друга“. На прашањето дали крајот на серијата, кој доби мешани реакции од критичарите и од обожавателите - влијае на неговиот крај, тој е категоричен. „Не, не влијае. Тоа воопшто не менува ништо... Како што вели Рик Нелсон во Garden Party, една од моите омилени песни, не можете да ги задоволите сите, па треба да се задоволите себеси.“

Оваа мисла лежи во „Оган и крв“, која произлезе од неговата желба да „реплицира популарни истории… свечените поворки, војните, походите, браковите и одмаздата“ - иако признава дека не секој обожавател сака да талка по споредните патчиња на Вестерос. „Вестерос стана многу голем, и знам дека тоа фрустрира некои од моите фанови, кои повеќе би сакале да се држам до главната приказна како што ја гледаат тие, а тоа се седумте книги 'Песна за мразот и огнот'. Но уште од прва јас видов други можности, други приказни што се закопани таму“.

Тој се насмевнува и признава дека отсекогаш било така. Како дете тој почнувал бескрајни приказни што никогаш не ги завршил „затоа што ќе добиев визија во главата, но кога ќе почнев да ја ставам на хартија, се мачев да ги најдам вистинските зборови и таа ќе станеше секојдневна и обична и ни приближно толку забавна“. Подоцна, тој забележува дека кога работел на телевизија и филм во средината на 80-тите години, отсекогаш многу повеќе му се допаѓале неговите „големи, хаотични, скапи први нацрти“ од поедноставените и исполирани дела што им се допаѓале на директорите на студијата.

„Песна за мразот и огнот“ беше злогласно напишана како одговор на сите тие забелешки на студијата. Серија што расте преполна со „џиновски замоци, исклучително комплициран заплет, страховолци и змејови“, кои никогаш не може да се снимат. „И бидејќи животот е полн со мали иронии и богови на палавоста, токму ова дело што беше невозможно за снимање стана најпопуларната телевизиска серија во светот“.

Дали открил дека, додека телевизискиот серијал растеше, екранскиот Вестерос се прелеа во неговиот? „За просечниот гледач, признавам, отсега па натаму Тирион Ланистер секогаш ќе биде Питер Динклиџ. Но кај мене не функционираше така. Почнав да ги пишувам овие книги во 1991 г. и (додека да почне серијата) со овие ликови бев цели 20 години. Ги имав фиксирано во умот “.

Меѓутоа, го импресионирало тоа што оние што ги имаа прочитано книгите ги чуваа тајните на сагата. „Начинот на кој никој не ја издаде Црвената свадба е една од најголемите приказни во историјата на телевизијата затоа што имаше буквално милиони читатели на книгите што знаеја што доаѓа и тие не издадоа ништо. Наместо тоа, тие направија нешто што јас не го очекував - го снимаа шокот и разочарувањето на своите најблиски.“ Се смее. „Одеднаш, се појавија видеа низ целиот интернет со луѓе што реагираат на Црвената свадба, сите постирани од нивни роднини што сакале да ги снимат тагата и шокот на своите сопрузи, сопруги, браќа и сестри… Дали тоа некогаш се случило во историјата на телевизијата? Колку што јас знам, не“.

Мартин очигледно ги обожава овие моменти на интензивна интеракција со материјалот. Тој со љубов зборува за една вечер кога тој и неговата сопруга Парис отишле на вечера со фанови во Шпанија. Тоа било долго време пред да се појави ТВ-серијата, кога „Песна за мразот и огнот“ штотуку почна да станува популарна и „сите тие прснаа во шпанската верзија на (песна од книгите) Мечката и убавата мома. Тие трескаа по масата и пееја и сите ги знаеја стиховите. Беше неверојатно. Ја обожавам таа случка“.

Тој ја сака и комуникацијата со фановите. Јас во моите 20-ти години поминував многу време на една од главните веб-страници посветени на книгите, и една од работите што најмногу ме исполнуваа со љубомора што читам од далечната Англија беа фасцинантните информации за „Братството без бајраци“, мала група посветени обожаватели што одеа на конвенции, се среќаваа со ЏРРМ (како што го нарекуваа), пиеја со него и, ако им се посреќеше, тој ги правеше витези, понекогаш и со сусамки во раката.

Во воздухот има некоја меланхолија кога тој зборува за тоа време. „Кога првпат отидов на журка на Братство без бајраци, таму имаше неколку десетици луѓе и јас развив прилично пријателски однос со некои од нив“, вели тој. „И секогаш кога ќе присуствував, запознавав нови и поминував време со нив и им водев натпревари во познавање податоци. Прекрасно беше, но, како што книгите стануваа сè поуспешни, а потоа и серијата стана хит, журките стануваа поголеми и поголеми, сè попреполнети“.

Тој има носталгичен израз. „Тие сè уште ги прават тие журки и сè уште се одлични, и јас сè уште сум пријател со луѓето што ги запознав во 2001 и 2002 година, ама не можам да се запознавам со нови луѓе затоа што ги има премногу. Сигурен сум дека се исто толку прекрасни како и старите луѓе, ама не сакам да одам на журка каде што бескрајна редица луѓе сакаат да направат селфи со мене, затоа што тоа не е забавно на начинот на кој беше во старите денови. Тоа е работа.“

Му недостигаат ли тие рани денови? Следува долга пауза и потоа тој тивко вели: „Да. Искрено да. Мислам, не можам веќе да влезам во книжарница, а тоа ми беше најомилената работа во светот. Да влезам и да скитам од рафт до рафт, да земам неколку книги, да читнам малку, да заминам со голем куп дела за кои никогаш немав чуено пред да влезам. Сега кога одам во книжарница, ме препознаваат во рок од 10 минути и веднаш околу мене се собира гужва. Така што, добивате многу, ама и губите работи“.

Една слична желба за самозаштита го натерала да се оддалечи од интернетот. „Отпрвин бев многу поласкан и ќе отидев на онлајн-форуми и си мислев: ‘О, ова е супер, сите се стварно возбудени'. Но потоа почнав да мислам: ‘Не, всушност треба да се држам настрана. Не ми се допаѓа фактот дека некои луѓе точно ги сфатиле работите и не ми се допаѓа фактот дека другите луѓе погрешно сфатиле, но можат да влијаат врз мене'. Така што, се тргнав од сето тоа и ги оставив фановите да си имаат свои теории, од кои некои се точни, а некои се погрешни. Ќе откријат кои кога ќе завршам“.

Тој смета дека треба да се слават сите реакции на материјалот, дури и бесните. „Драго ми е поради емотивните реакции, без разлика дали на книгите или на телевизиската серија, затоа што фикцијата е токму за тоа - за емоцијата. Ако сакате да дадете интелектуален аргумент или да убедите некого, тогаш напишете есеј или новинарска статија, напишете нефикција. Со фикцијата... треба да се чувствувате како да ги живеете овие работи кога ги читате или гледате. Ако сте толку дистанцирани што кога некој лик умира, вам не ви е гајле, тогаш авторот донекаде кикснал“.

Имајќи го тоа предвид, дали тој има омилена сцена каде што чувствува дека пишувањето навистина ја погодило целта? Додека го прашував, комплетно очекував да спомне некој од најпознатите моменти, Црвената свадба, да речеме или шокантната смрт на Нед Старк во првата книга.

Долга пауза пред да дојде изненадувачкиот одговор. „Се сеќавам дека има еден говор што септонот (вид свештеник во Вестерос) ѝ го држи на Бриен во врска со скршените мажи и како тие станале скршени. Секогаш сум многу задоволен што го имам напишано тоа“.

Објавено

Понеделник, Август 19, 2019 - 16:52

Античкиот грчки филозоф Хераклитус, кој живеел пред Сократ, Платон и Аристотел, е авторот на често користената поговорка „панта реи“ (Panta rei), односно, во превод, поедноставено: ,„сѐ тече, сѐ се менува, ништо не останува исто, нема апсолутна вистина и единствена реалност е повеќегодишно движење“.

повеќе

Интеграциите и буџетски субвенционираната економија и социјала се проектираните теми на кампањата на власта за претстојните избори.

повеќе

Третманот и плаќањето на работникот од кого зависи целиот производствен систем, треба да биде на прво место кај државата и работодавачот. 

повеќе