„Игра на престолите“, сезона 8, епизода 4

Денерис на работ

Имаше многу скршени срца неделава во „Игра на престолите“.

Тука беше Бриен, која го оствари својот долгогодишен сон да го легне Кралоубиецот, само за веднаш потоа да бидат убиени сите нејзини чувства.

Гендри, развеселен поради својата нова благородничка титула, покажа колку малку ја познава Арја кога побара од неа да му стане жена, и го доби очекуваниот одговор. „Тоа не сум јас“, рече таа, во еден од моментите сезонава што нè враќаат на најраните поглавја од оваа приказна.

(Озбилно, Гендри? Мислеше дека таа минатата недела ја спаси човековата раса за да може да организира забави во Стормс Енд?)

Потоа, тука беше Греј Ворм, кој гледаше како неговата сакана Мисандеј ја губи главата во една од посуровите егзекуции во серијата. Знаевме дека љубовното гнездо во Наат за кое сонуваа пред неколку недели никогаш нема да пројде, ама мислевме (се надевавме?) дека ќе го спречи смртта на Греј Ворм, не на Мисандеј.

Но другиот главен сведок на смртта на Мисандеј е тој чие скршено срце ќе има најстрашни реперкусии врз светот.

Тоа ќе биде Денерис, која неделава ја загуби не само својата најверна пријателка, туку и својот змеј, Регал, кој го преживеа распарталувањето на крилото во битката со белите одачи само за да биде застрелан на небото, благодарение на исклучителната стрелачка вештина на флотата на Јурон. (Претпоставуваме дека додека ние бевме во Винтерфел изминативе две недели, тие вежбале стрелање харпуни со „скорпиони“.)

Ова беше лоша недела за змејската кралица, последна во прилично редовната низа од трагедии и понижувања што почнаа отприлика кога таа почна да се дружи со Џон и не навестува некој многу среќен крај.

Овонеделната епизода почна онаму каде што завршивме минатата недела, со Дени како плаче над мртвиот Џора, нејзината втора најверна личност. По завршувањето на Долгата ноќ, изгреа сонцето и преживеаните им оддаваат огнена почит на „штитовите што ги чуваат кралствата на луѓето“, како што Џон ги опиша паднатите херои, во еден од неговите подобри ораторски истапи.

Дојде време да почне закрепнувањето, а и рефокусирањето, додека серијата се префрла од судирот со Белите одачи, за кој слушавме подолго време, на последната битка во Кингс Лендинг. Наскоро ќе следува правење стратегии за битката во која нема да учествува момчето (или што и да е Брен) што може да влегува во главите на шпионски У2 гаврани. Наскоро оваа херојска чета од браќа и сестри ќе се распрсне, Дани ќе наиде на нови маки, а Тирион ќе смисли уште повеќе погрешни планови.

Но прво дојде време Винтерфел да се претвори во куќа за журки од некоја тинејџерска комедија од 80-тите. Тормунд насекаде истураше вино освен во својата уста. Тирион и Џејми играа игри со пиење со Бриен и Подрик. (Уште едно навраќање на првата сезона.)

Привлечни млади жени им се додворуваа на шутраци. (Очигледно, Тормунд и Хаунд се неодоливи за младите Северњачки стасани за мажење.) Сè - и сите - се испијанија. И, се разбира, сето тоа заврши со губење нечија девственост.

Одреден дел обожаватели на „Престолите“ сакаа Бриен да се спари со Џејми, но ние не сме меѓу нив. Го разбираме зовриениот сексуален коефициент последниве недели - кога се соочувате со смрт, желбата да се грабне животот се чини природна. А Господарот на Светлината ни е сведок, Бриен заслужи да се забавува.

Но има нешто клишеизирано и назадно во оваа очигледна потреба сите односи маж-жена на екранот да се туркаат кон романса. Врската на Бриен и Џејми беше привлечна бидејќи се чинеше дека повеќе се заснова на заемна восхит, рефрен на начинот на кој некои луѓе можат да ве поттикнат кон вашето подобро јас. Вмешувањето секс во миксот не мора да го направи сето претходно да изгледа поевтино, но го прави помалку интересно.

Во секој случај, сега изгледа дека тоа е завршено, што беше непријатно од други причини. Џејми тукушто почна да го осознава своето подобро јас и шегите на Тирион за високите луѓе пред веста за Серси да го претвори во еден вид еднорак манџуриски кандидат што се враќа во Кингс Лендинг.

„Таа е полна со омраза, а исто и јас“, ѝ рече тој на расплаканата Бриен. Знаеме дека тој ѝ треба на серијата за конечната пресметка со својата партнерка во твинцестоидот, но ова беше прилично ненадејно.

Исто така ненадејно: Санса ги издава тајните на Џон. Само неколку часа откако се заколна на тајност и сета таа реторика дека „последните Старкови“ треба да се држат заедно, таа го издрдоре најексплозивното откритие во познатиот свет пред Тирион, лицето што е најблиску до субјектот на наведеното откритие.

Санса, која не е обожавател на Дени, веројатно имала свои причини. Но барем една од тие причини изгледа беше „затоа што на серијата ѝ требаше тоа да се дознае“ - развој што, исто како и заминувањето на Џејми, го одвлекува вниманието со тоа што изгледа дека повеќе резултира од наративната потреба отколку од природното однесување на ликот.

Без оглед на потеклото, тоа е уште еден комплицирачки фактор за Денерис во една сезона исполнета со компликации.

Ќе се сетите колку неверојатно неуништлив изгледаше Тимот Денерис додека го преминуваше Тесното Море на крајот од шестата сезона. Голем дел од серијата оттогаш е посветен на израмнување на силите помеѓу неа и Серси: Дени го изгуби Висерион, Грејџој бродовите (најмалку двапати досега) и еден куп Дотраки и Беспрекорни, додека Серси ја доби армадата на Јурон и околу 20.000 платеници од Златната компанија.

„Рамнотежата стана вознемирувачки изедначена“, забележа Варис во неделата, а тоа беше и пред да падне Регал. (Замислете до каде ќе беа работите сега ако дојдеа и слоновите на Серсеи.)

Оваа сезона имаше паралелни напори емоционално да се уништи Денерис и да се втера во ќош, што ја натера парадоксално да тргне во напад и покрај тоа што продолжува да ја губи воената моќ.

Санса отворено ја презираше, дури и откако Дани ги паузираше сопствените аспирации за да се вклучи во борбата со Белите одачи. Џон има повеќе право на Железниот престол од неа, а и луѓето го сакаат повеќе.

Неделава ја почна со жалење по Џора, а ја заврши гледајќи како ја обезглавуваат Мисандеј. Во меѓувреме дечко ѝ ја одби нејзината молба, нејзиното змејско бебе умре, а нејзиниот прв советник смисли уште еден план (побара од Серси да се предаде) што ѝ експлодира во лице.

Месијанските квалитети на Денерис и решителната похота по престолот отсекогаш ја правеа ризичен кандидат за владеење на кралството. „Поголем дел од мојот живот им служев на тирани - сите тие зборуваат за судбината“, рече Варис, и во право е.

Но во одбрана на Дени, уште колку работи треба таа жена да истрпи? Изгледа дека таа веќе не слуша ништо друго освен сопственото чувство за правда. А ако тоа значи дека на десетици илјади невини луѓе во Кингс Лендинг ќе им падне небото врз глава, нека биде. Прашањето е дали таа ќе заврши паѓајќи заедно со него.

 

Неколку мисли додека чекаме ултразвук

• Серси ќе продолжи да ја користи оваа бременост додека таа не престане да функционира. Но дали наскоро ќе дојде тој ден? Ако бевте Јурон, веројатно ќе се прашувавте како Тирион може да знае дека Серси е бремена кога цело време беше далеку од таму.

• Брон конечно се појави со самострелот и својата контрапонуда, и замина со уште едно ланистерско „ти должам“: Хајгарден. (Низ целиот Винтерфел наголемо се раздаваа замоци.) Можеби Џејми ќе го стигне на патот назад кон Кингс Лендинг.

• Исто така упатени кон Кингс Лендинг се: Џон, Греј Ворм и нивната преостаната војска, и Арја и Хаунд.

• Тимот Дени стварно не е многу по извидувањето и по разузнавањето, нели? Можеби ќе сакаат да ја преиспитаат оваа своја стратегија (или нејзиното отсуство) пред да ги изгубат сите свои змејови.

• „Дракарис!“, изусти Мисандеј со последниот здив, возбудлив повик на оружје, што во контекстов во суштина се преведува со „Запалете ги сите!“ Каде ли го имаме слушнато тоа досега...

• Беше ли ова последен пат да ги видиме Гоуст, Тормунд, Сем и Гили? Гили му се потсмеваше на Сем за обидот да му објасни на Џон од каде доаѓаат бебињата, но се чини дека на некој свој несмасен начин, Сем пробуваше да се фали.

• И дозволете ми да бидам четиримилионитата личност што ќе се праша како еден човек може да не си го ни погали волкот што никогаш повеќе нема да го види, особено оној што очигледно изгубил уво борејќи се во битките на својот газда.

• „Таа му е тетка“, рече Варис. Фала ти, Варис. Некој мораше да го каже тоа.

• Па што мислите? Дали Дени следната недела ќе спржи сè? Дали Џејми се враќа за да ѝ се приклучи на Серси? Или да ја убие?

Извор: Њујорк тајмс

Македонските граѓани конечно го гледаат крајот на илузијата што им се продава од осамостопјувањето до денес.

повеќе

Министерот за финансии не треба да е кум, баџанак, шура, братучед или самиот тој, бидејќи треба да даде отпор на честите политички, но не и економски барања на членовите на владата.

повеќе

Зрелоста на еден народ е да препознае кога протестите за замена му ги продаваат како протести за промена. 

повеќе