9 работи што уште не ги знаеме откако заврши „Игра на престолите“

Оваа статија содржи спојлери за финалето на „Игра на престолите“.

Не можевме да очекуваме секое прашање да биде одговорено, сечија приказна да биде заокружена, секој лик да добие пристојно збогум. Финалето на „Игра на престолите“ во неделата, секако, се обиде колку што може повеќе да ја поврзе и стегне приказната.

Сепак, многу прашања останаа неодговорени - можеби како материјал за некое идно продолжение на „Игра на престолите“ што можат да произлезе башка од приквелите. (Арја западно од Вестерос? Џон северно од Северот?) Еве неколку работи што сè уште ни се непознати.

 

Зошто сè уште има Ноќна стража?

„Сè уште постои Ноќна стража?“, го праша Џон Сноу Тирион кога дозна дека е протеран на Ѕидот. Добро прашање.

Белите одачи се збришани. Дивјаците се сојузници. Ѕидот е уништен во близина на Источната кула, а во разните замоци по должината на Ѕидот нема живо пиле. Има ли поента нивната обнова? Барем Источната кула, поради нејзиниот излез на море, може да биде обновена како пристаништен град и трговски центар. Во секој случај, не е баш јасно кои задачи би ги добивал некој што е осуден да служи во Ноќната стража. Која е сега нејзината функција освен носењето на Слободниот народ дома?

 

Куќата Рид остана без епилог

Другарот на Нед Старк Хауленд Рид успеавме да го видиме само во флешбек во „Кула на радоста“, а за неговите легендарни подвизи слушнавме само кога Брен Старк разговараше за нив со Триокиот гавран и братот и сестрата Рид.

Што се случило со тој човек? Освен тоа што е еден од ретките луѓе во Вестерос што ги знаеле вистинските родители на Џон Сноу (не од визија, туку како личен сведок), лорд Рид ѝ е лојален вазал на куќата Старк - толку лојален што неговите деца Џоџен и Мира го ризикуваа својот живот за да му помогнат на Брен на неговото мистично патување.

А сепак, куќата Рид отсуствуваше од дискусиите за одбрана на Винтерфел, и за неа не чувме ни збор уште откако Брен ја отфикари Мира едвај изустувајќи едно благодарам. Сè уште се прашуваме за визиите на Џоџен, кои навестија жестоко заминување на Брен и Мира: „Ова не е крајот“, рече тој. „Не за тебе. Сè уште не.“

 

Дорн остана незавршен

Многу доцна во играта, Варис кратко ни спомна дека има нов принц на Дорн. Но кој е тој? Како дошол на власт кога за сите мажи од фамилијата Мартел мислевме дека се убиени од Еларија Сенд и Песочните змии?

Ова е точно за сите мажи споменати во серијата. Ама во книгите има уште живи мажи од тоа семејство, меѓу кои и Квентин Мартел. Бидејќи серијата не кажа кој е тој нов принц, дали од нас се очекува да претпоставиме дека тоа е Квентин?

 

Кој бил гласот во пламените?

Варис никогаш не дозна што рекол гласот во пламените кога еден волшебник употребил делови од неговото тело во магичен ритуал. Кинвара еднаш понуди да му каже, ама не му кажа.

И сега никогаш нема да дознаеме.

 

Што се случи со Како-Му-Беше-Името?

Никогаш не стигнавме да посетиме голем број места во тој свет, но од малкуте што ги посетивме, ќе беше фино да дознаеме што се случило со неколку локални жители што ги сретнавме по пат. Во Пентос, на пример, дали Илирио Мопатис, кој им беше домаќин на Висерис и Дени во сезона 1 и на Варис и Тирион во сезона 5, се кае што ја поддржувал обновата на кланот Таргериен?

Во Карт, дали Квејт, која изгледаше дека има моќ да предвидува, дали некогаш за последен пат го фрли својот мистичен поглед на Дени?

Во Бравос, дали Џакен Х'гар, кој ја научи Арја на голем дел од нејзините вештини, некогаш слушна за подвизите на својата омилена ученичка? Во Мирин, дали Дарио Нахарис успеа да го одржи мирот, и покрај тоа што тоа воопшто не го интересираше? Дали Саладор Саан некогаш си ги доби назад бродовите што му ги позајми на Станис? Серијата отфрли толку многу од овие споредни ликови и нивните приказни додека го стеснуваше својот фокус и го изгуби интересот за областите преку Тесното Море.

 

Западно од Вестерос?

Во шестата сезона Арја се запраша: „Што има западно од Вестерос?“, и сега тоа е нејзината дестинација. Сè што е преку Морето На Зајдисонцето е непозната територија. Во книгите единственото познато патување таму е предводено од Елиса Фарман, која ѝ ги подари на Дени змејските јајца, кои Елиса ги украла од змејката Дримфаер за да го финансира своето патување.

Елиса долго верувала дека има неоткриени земји западно од Вестерос, а нејзиниот екипаж прво отпловил од југ кон југозапад и пронашол три егзотични острови. Таа потоа се упатила кон запад и никогаш повеќе не била видена. Меѓутоа, нејзиниот брод многу години бил забележан подоцна во Ашаи, што навестува дека е можно со пловење западно од Вестерос да се стигне до Есос. Можеби ова ќе биде расчистено во некој од идните приквели. Или, можеби, Арја ќе добие своја сопствена башка серија.

 

Дали Давос сè уште е женет?

И покрај тоа што веќе неколку години ја нема спомнато својата сопруга, Давос сѐ уште е женет, колку што знаеме ние. Тој ја напушти својата сопруга прво за да оди во војна со Станис, потоа со Џон Сноу, потоа со Дени. Но дали се врати дома по битката кај Блеквотер за да ја сподели својата тага поради смртта на нивниот единствен син? Не. Пред да му се придружи на Станис во Бравос, дали ѝ испрати гавран на жена си за да ѝ каже кога ќе си дојде дома (а можеби и да ја изненади со својата новостекната писменост)? Не.

Кога Џон Сноу првпат го однесе во Драгонстон за да се сретне со Дени, дали Давос побара малку да скршнат за да може да се пријави дома? Не. (Иако најде време за да флертува со Мисандеј.) Во сите негови патувања низ целиот континент, дали Давос воопшто изрази загриженост за својата сопруга? Не. Нели е малку чудно што човек што толку длабоко се грижи за другите - Ширин ја третира како своја ќерка, Гендри како свој син - никогаш не го спомнува сопственото семејство? Можеме само да замислиме како ќе биде пречекан кога конечно ќе се врати дома.

 

Неизмирени сметки во библиотеката на Цитаделата

Меѓу неговите многубројни подвизи, Сем Тарли уби Бел одач, потоа и Тен, а потоа украде неколку книги од забранетиот дел од библиотеката на Цитаделата. Дали мештрите некогаш забележале дека ги нема? Ќе добие ли човекот некогаш некаква казна за оваа кражба? Дали тоа што стана главен мештер ги поништи неговите неплатени сметки?

Исто така, ако Сем му помогнал на архимештерот Еброуз да ја напише „Хроника на војните по смртта на кралот Роберт I“, сега насловена „Песна за мразот и огнот“, зошто во неа да не е спомнат Тирион? Изгледа дека голем дел од она што ние го дознавме за вистинската историја на Вестерос веројатно ќе остане скриено од неговиот сопствен народ.

Извор: Њујорк тајмс

Кина му дава на регионот нова надеж додека сонот за ЕУ се распаѓа, вели Политико.

повеќе

Северна Македонија стана кандидат 9 години пред Албанија и нема ништо лошо побрзо и да оди напред.

повеќе

Сега, додека балканскиве политичари ќе шетаат низ духовноста како волови во свила - каде им се врвните интелектуалци што би внеле елеганција во совладување на споровите?

повеќе