9 чудни научни изговори зошто луѓето уште немаат најдено вонземјани

Една вечер пред околу 60 години, физичарот Енрико Ферми погледнал кон небото и прашал: „Каде сте сите?“

Мислел на вонземјани.

Научниците денес знаат дека постојат милиони, можеби милијарди планети во универзумот на кои би можело да има живот. Значи, во долгата историја на сè, зошто ништо од тој живот не стигнал доволно далеку во вселената за да стисне рака (или канџа... или пипало) со луѓето? Можеби универзумот е премногу голем за да се пропатува.

Можеби вонземјаните намерно нè игнорираат. Можеби дури и секоја растечка цивилизација е неповратно осудена да се уништи себеси.

Или, може да биде нешто многу, многу пострашно. Како на пример?, прашувате вие. Еве девет чудни одговори што научниците ги имаат предложено за Фермиевиот парадокс.

 

Вонземјаните се кријат во подземни океани

Ако луѓето се надеваат дека некогаш ќе си помуабетат со И Ти, ќе мора при рака да имаме неколку мразокршачи. Не, сериозно - вонземскиот живот веројатно е заробен во тајните океани закопани длабоко во замрзнатите планети.

Во внатрешноста на повеќе месечини во нашиот сончев систем се пикнати подземни океани од течна вода и може да се честа појава низ целиот Млечен Пат, велат астрономите. Физичарот од НАСА Алан Стерн смета дека ваквите тајни водени светови може да обезбедат совршена фаза за развој на живот, дури и ако непријатните површински услови ги уништуваат таквите растенија. „Судирите и соларните прскања, и околните супернови, и во која орбита сте, и дали имате магнетосфера, и дали има отровна атмосфера - ништо од тоа не е важно“ за животот под земја, изјави Стерн за веб-сајтот Спејс.

Тоа е одлично за вонземјаните, но значи и дека ние никогаш нема да можеме да ги забележиме само со набљудување на нивните планети со телескоп. Можеме ли да очекуваме тие да нè контактираат? Побогу, вели Стерн - овие суштества живеат толку длабоко што од нив не може да очекуваме ни да знаат дека над нив има небо.

 

Вонземјаните се заробени на „Суперземји“

Во астрономијата, терминот „Суперземја“ се однесува на тип на планета со маса до 10 пати поголема од Земјата. Истражувањата на ѕвездите открија купишта вакви светови што би можеле да ги имаат вистинските услови за течна вода. Ова значи дека вонземскиот живот би можел да се развива на Суперземји низ целиот универзум.

За жал, веројатно никогаш нема да ги сретнеме овие вонземјани. Според една студија објавена во април, една планета со 10 пати поголема маса од Земјата, би имала и втора космичка брзина 2,4 пати поголема од Земјата - а надминувањето на таа сила ги прави лансирањата ракети и вселенското патување речиси невозможни.

„На поголемите планети леталото би било експоненцијално поскапо“, вели Мајкл Хипке, истражувач соработник на опсерваторијата Сонеберг во Германија. „Наместо тоа, (тие вонземјани) до одреден степен ќе бидат заробени на нивната планета“.

 

Гледаме на погрешни места (затоа што сите вонземјани се роботи)

Луѓето го измислиле радиото околу 1900 година, го изградиле првиот компјутер во 1945 година и сега се занимаваат со масовно производство на рачни уреди што можат да прават милијарди пресметки во секунда. Комплетно развиената вештачка интелигенција може да биде веднаш зад аголот, а футуристот Сет Шостак вели дека тоа е доволна причина за да ја баталиме потрагата по интелигентни вонземјани. Едноставно кажано, треба да бараме машини, а не мали зелени луѓе.

„Некое (вонземско) општество што создало радио, за да можеме да ги слушнеме, во рок од неколку века ги создало и своите наследници“, рече Шостак на конференцијата Дент спејс во Сан Франциско во 2016 година. „И мислам дека тоа е важно, бидејќи наследниците се машини.“

Едно навистина напредно вонземно општество може да биде целосно населено со суперинтелигентни роботи, рече Шостак, и тоа треба да го земеме предвид во нашата потрага по вонземјани. Наместо да ги фокусираме сите наши ресурси во пронаоѓање други погодни планети, можеби би требало да бараме и на места што би биле попривлечни за машините - на пример, места со многу енергија, како центрите на галаксиите. „Ние бараме наши пандани“, рече Шостак, „ама не знам баш дали тоа е мнозинството интелигенција во универзумот“.

 

Веќе сме нашле вонземјани (ама сме премногу зафатени со други работи за да го сфатиме тоа)

Благодарение на поп-културата, зборот „вонземјанин“ веројатно ве наведува да си замислите некој морбиден хуманоид со голема, ќелава глава. Тоа е океј за Холивуд - но овие прејудицирани слики од И Ти може да ја саботираат нашата потрага по вонземски живот, напишаа годинава тим психолози од Шпанија.

Во една мала студија, истражувачите побараа од 137 луѓе да погледнат слики од други планети и на нив да бараат знаци од вонземски градби. Скриен на неколку од овие слики беше мал човек во костум од горила. Додека учесниците го бараа она што го имаат замислено како изглед на вонземски живот, само околу 30 проценти го забележаа човекот горила.

Во реалноста, вонземјаните веројатно нема да личат на човеколики мајмуни; тие можеби не може да се детектираат ни со светлински и звучни бранови, напишаа истражувачите. Значи, што ни покажува оваа студија? Во суштина, нашата сопствена имагинација и распон на вниманието ја ограничуваат нашата потрага по вонземјани. Ако не научиме да ги прошириме нашите референтни рамки, може да ја промашиме горилата дури и ако ни зјапа во лице.

 

Луѓето ќе ги убијат сите вонземјани (или веќе ги убиле)

Колку сме поблизу до наоѓањето вонземјани, толку сме поблиску до нивно уништување. Во секој случај, тоа е една веројатна можност, вели теоретскиот физичар Александар Березин.

Еве го неговото размислување: секоја цивилизација способна да истражува надвор од сопствениот сончев систем мора да е на пат на неограничен раст и експанзија. А како што знаеме на Земјата, таа експанзија често доаѓа на сметка на помалите организми што ќе се најдат на патот. Березин рече дека овој менталитет од типот „јас сум најважен“ најверојатно нема да прекине кога конечно ќе го сретнеме вонземскиот живот - ако воопшто го забележиме.

„Што ако првиот живот што ќе постигне способност за меѓуѕвездено патување неопходно ја уништи целата конкуренција за да го поттикне сопственото проширување?“, напиша Березин во научна студија објавена во март. „Не велам дека високоразвиената цивилизација свесно би ги збришала другите форми на живот. Најверојатно тие едноставно нема да забележат, на истиот начин како што градежната екипа уништува мравјалник кога гради зграда бидејќи нема мотив да го заштити.“ (Дали луѓето се мравките или булдожерите во ова сценарио останува да се види.)

 

Вонземјаните предизвикале климатски промени (и умреле)

Кога населението ги согорува ресурсите побрзо отколку што неговата планета може да ги произведе, се случува катастрофа. Ова го знаеме доволно добро од тековната криза со климатските промени тука на Земјата. Значи, нели е можно некое напредно вонземско општество што лапа енергија да се соочило со истите проблеми?

Според астрофизичарот Адам Френк, тоа не само што е можно, туку е и многу веројатно. Годинава Френк изведе серија математички модели за да симулира како хипотетичката вонземска цивилизација може да доживее подем и пад додека сè повеќе ги претвора ресурсите на својата планета во енергија. Лошата вест е дека во три од четири сценарија, општеството се уништило и поголем дел од населението умрело. Само кога општеството рано го сфатило проблемот и веднаш се префрлило на одржлива енергија, цивилизацијата успеала да преживее. Тоа значи дека, ако постојат вонземјани, прилично се високи шансите тие да се уништат пред да ги сретнеме.

„Низ космичкиот простор и време ќе имате победници - кои навреме виделе што се случува и го откриле решението - и губитници, кои едноставно не можеле да се освестат, а нивната цивилизација попат пропаднала“, рече Френк. „Прашањето е, во која категорија сакаме да бидеме ние?“

 

Вонземјаните не можеле да се развијат доволно брзо (и умреле)

Еве уште еден изговор од категоријата „вонземјаните веќе се мртви“. Универзумот можеби врие од населиви планети, но нема никаква гаранција дека тие ќе останат такви доволно долго за да се развие живот. Според една студија од 2016 година од Австралискиот национален универзитет, мокрите, карпести планети како Земјата се многу нестабилни кога го почнуваат развојот. Ако некој вонземски живот се надева дека ќе се развива и ќе напредува на таков свет, тој има многу ограничен прозорец (неколку стотици милиони години) за да го почне тоа.

„Помеѓу почетните топлински пулсирања, замрзнувањето, варијациите на испарливи содржини и излегувањето од контрола (стакленичките гасови), одржувањето живот на првично влажна, карпеста планета во населива зона може да биде како да се обидувате да јавате див бик - поголем дел од животот испаѓа“, пишуваат авторите на студијата. „Животот може да е редок во вселената не поради тоа што е тешко да почне, туку затоа што населивите средини се тешки за одржување во првите милијарда години.

 

Темната енергија нè разделува

Универзумот се шири. Полека, но сигурно, галаксиите сè повеќе се оддалечуваат, а далечните ѕвезди нам ни се потемни, благодарение на силата на една мистериозна, невидлива супстанција што научниците ја нарекуваат темна енергија. Научниците шпекулираат дека во рок од неколку трилиони години, темната енергија толку ќе го растегне универзумот што Земјаните веќе нема да можат да ја видат светлината на галаксиите зад нашите најблиски космички соседи. Тоа е застрашувачка мисла: ако дотогаш не истражиме што е можно повеќе од вселената, таа истрага може засекогаш да ни стане невозможна.

„Ѕвездите стануваат не само незабележливи, туку и целосно недостапни“, пишува во една студија годинава Ден Хупер, астрофизичар во Фермиевата национална акцелераторска лабораторија во Илиноис. Тоа значи дека имаме сериозен рок да ги најдеме и да ги запознаеме сите вонземјани таму, а за да ја испревариме темната енергија, ќе мора да ја прошириме нашата цивилизација во што е можно повеќе галаксии, пред да ни избегаат.

Се разбира, погонувањето таков раст нема да биде лесно, рече Хопер. За тоа може да е потребно прераспоредување на ѕвездите.

 

Пресвртен крај: ние сме вонземјаните

Ако сте излегле од дома денес, сте виделе вонземјанин. Жената што носи пошта? Вонземјанин. Комшијата до вас? Љубопитен вонземјанин. Вашите родители, браќа и сестри? Вонземјани, вонземјани, вонземјани.

Во најмала рака, тоа е една импликација на маргиналната астробиолошка теорија наречена „хипотеза панспермија“. Накусо, хипотезата вели дека голем дел од животот што го гледаме на Земјата денес не потекнува од овде, туку пред милиони години бил „посеан“ од метеори што носат бактерии од други светови.

Застапниците на оваа теорија различно сугерираа дека живиот свет тука бил посеан од други делови на галаксијата - но, за жал, нема вистински доказ за поткрепа на ништо од тоа. Еден голем контрааргумент: ако бактериите што ја носат човечката ДНК еволуирале на друга блиска планета, зошто не најдовме траги од човештво на ниедно друго место освен на Земјата? Дури и ако оваа хипотеза се покаже веродостојна, сепак не ни помага да одговориме на прашањето на Ферми... Каде се сите?

Извор: Лајв саенс

Објавено

Недела, Јули 21, 2019 - 17:22

Минатата недела, Сирија повторно беше на врвот на меѓународните вести. Земјата, која долги години е вклучена во борбата против екстремистичките групи, повторно се соочи со нов бран на агресија и воена акција. Во средата, на 9 октомври, турската армија, заедно со сириските антивладини бунтовници, го започна маршот кон североисточните делови на оваа земја што предизвика жестоки борби.

повеќе

Добар изборен систем треба да биде репрезентативен, но и да овозможува ефикасно владеење.

повеќе

Луѓето можете и ги задржите во сопствената земја - ако им е добро.

повеќе