5 работи што ги дознавме за „Ѕвездени војни: Подемот на Скајвокер“

Новото промотивно видео за „Ѕвездени војни: Подемот на Скајвокер“ ни ги прикажува „Мрачната Реј“, потенцијално злобниот Си Трипио и дека Џеј Џеј Абрамс уште еднаш црпи инспирација од минатото.

„Ѕвездени војни: Подемот на Скајвокер“ е означен како крај на „приказната за една генерација“. На 20 декември ќе заврши деветтиот дел од франшизата, но „Ѕвездени војни“ е далеку од умирање. Научнофантастичниот еп само го придвижува својот оперативен центар кон новата стриминг-услуга на Дизни. Иако „Подемот на Скајвокер“ ќе биде крај на една приказна, викендов на настан на Дизни фан-клубот Д23 беа најавени серија за не-Боба Фет, нова сезона на „Војни на клоновите“ и дека Јуан Мекгрегор ќе ја репризира својата улога како Оби-Ван Кеноби. Најголемо внимание на настанот сепак привлече следниот филм, а новото видео ја запозна публиката со некои од потенцијалните пресврти што Џеј Џеј Абрамс може да ги внесе во својот последен упад во универзумот „Ѕвездени војни“.

Реј облечена како Дарт Мол

Пред четири години Џеј Џеј Абрамс му даде лајтсејбер на Џон Бојега. Во мајсторски скоцканите трејлери и стратегиски поставени филмски постери, Фин (Бојега) го држеше легендарниот син лајтсејбер на Лук Скајвокер и изгледаше како џедај од трилогијата на Дизни. Но во кулминацијата на „Силата се буди“ во 2015 година Реј ја употреби Силата и зеде лајтсејбер в рака кога се чинеше дека целата надеж е загубена. Затоа, сликата на „Мрачната Реј“ веројатно е диверзија. На крајот на најновото промотивно видео од „Подемот на Скајвокер“ екранот поцрнува додека императорот Палпатин вели „твоето патување се ближи кон крајот“, со легендарното дишење на Дарт Вејдер во заднината. Одеднаш, се појавува Реј со лице покриено со качулка и дупли лајтсејбер на расклопување, во дартмоловски стил.

Тоа е впечатлив момент, но Лук поголем дел од „Последниот џедај“ помина објаснувајќи го лицемерството на џедајскиот ред и потребата за вистински баланс. „Силата не им припаѓа на џедаите“, ѝ рече Лук на Реј. „Да се каже дека ако умрат џедаите, ќе умре и светлината, е суетно.“ Веројатноста Реј во последните фази да се сврти кон Мрачната страна, наместо само да доживее визија или сон, каде што ќе ја види можноста за патеките што стојат пред неа, е малку веројатна, со оглед на тоа колку нишки „Подемот на Скајвокер“ допрва треба да поврзе.

 

Си Трипио може да стане лош

Џеј Џеј Абрамс ја обожава црвената боја на Си Трипио. Во „Силата се буди“ тој му даде на златниот дроид тогаш необјаснета црвена рака, за што подоцна се покажа дека е спомен за паднат другар. Сега Си Трипио има и злокобно црвени очи. Злобните протоколарни дроиди не се нови во универзумот „Ѕвездени војни“. Во 2015 година во еден Марвелов стрип за Дарт Вејдер се појави црна, црвеноока антитеза на Си Трипио, опседната со убиства, наречена Трипл Зиро. По 42 години нема многу начини на кои Си Трипио може помалку да нè нервира, но можеби сè што му треба е да стане негативец.

 

Основната обука

На крајот на „Последниот џедај“ Реј остана без учител, а сè уште ѝ треба обука. По смртта на Лук, се чини дека Реј ги практикува своите вештини во шума со борбен дроид „Марксман-Х“, навраќајќи нè на краткото време на нејзиниот учител со Оби-Ван Кеноби во „Нова надеж“. Во видеото, Реј го фрла својот лајтсејбер кон дроидот пред да го повика назад со употреба на силата. Нека почнат монтажите за обука помогната од силата.

 

Џеј Џеј Абрамс нема да дозволи „минатото да умре“

„Остави го минатото да умре. Убиј го ако треба“, е најлегендарната реченица во новата трилогија на „Ѕвездени војни“. Емотивната, но визионерска реченица на Кајло Рен беше несуптилен притисок од режисерот на „Последниот џедај“, Ријан Џонсон, скоро 50-годишната франшиза да го напушти својот стереотипен шаблон полн со избрани херои со проблеми со татковците, вечни битки меѓу џедаите и ситовите и глупави шлемови. Но како што обично бива со ваквите работи, Абрамс симболично помина добар дел од првиот трејлер на „Подемот на Скајвокер“ фокусиран на напорите на Кајло да го суперзалепи својот скршен шлем, откако го скрши во последниот филм. Од новата сцена блика носталгија, откако се пуштаат монтажи од осумте претходни филма, тажни сцени со Кери Фишер, а лицето и гласот на Палпатин се појавуваат низ целото промотивно видео. Се чини дека повторно ќе се вратиме кај бунарот на класиката.

 

Фин нашол подобар бербер

Ништо не е поважно, дури ни тоа што Реј можеби преминува на мрачната страна, од новата фризура на Фин. Поранешниот стормтрупер на Првиот ред, сега херој на Отпорот, помина два филма во очајна потреба од бербер. И Абрамс и Џонсон го трчаа низ галаксијата со најлошата борбена фризура по опавчето на Анакин. Новиот пресврт кај Фин е чекор во вистинската насока.

Извор: Ролингстоун

Објавено

Вторник, Август 27, 2019 - 13:41

Деликатна јазична авантура е ако се излезе од основното и утврдено значење на зборовите и се прејде во сферата на жаргонот и колоквијалноста.

повеќе

Плаќањето на вработените на час наместо месечно помага да се зголеми нивната плата со тоа што ќе се вреднува работното време поефикасно.

повеќе