Интервју

Збор два со Кени д Хартист: Во Македонија има премногу талентирани млади што се жедни да ја извикаат својата креативност

Горазд Китановски (Kenny The Heartist) е артист што досега има настапувано на повеќе културни настани во Скопје, како и фестивали и улични перформанси низ Европа.

Горазд Китановски ќе се претстави на Андерфест UNDERFEST 2019 в недела на 7 април 2019 година.

Настапуваш под името Kenny The Heartist, што претставува и симболизира тоа име?

Кога бев мал, носев портокалова јакна, а капуљачата беше секогаш на глава. Од таму се роди прекарот Kenny (поздрав до Јовче на Алек брат му, кој е и „кум“ на прекарот), базиран на истоимениот лик Kenny од South Park. Kenny од South Park умира во секоја епизода, а го има во секоја наредна. Таму најмногу ја пронаоѓам сличноста со тој лик. Секој ден е нов приказ на нова приказна, без разлика на минатото – секој ден се раѓаме одново и одново. The Heartist е термин што сам го имам измислено и создадено, а симболизира артист што креира уметност единствено со срцето.

Моментално работиш на својата прва книга, што би ни открил повеќе околу неа?

Љубам да оставам срце на heartија. Големиот дел од песните или било што и да е тоа што го пишувам е напишано на не сакајќи, во автобус, во кафе бар, или друго рандом место. Впрочем никогаш и не планирав да издадам книга. Еден ден го отворив ковчежето со листови и пронајдов цело богатство. Не бев свесен дека имам материјали доволно за да се крунисаат во едно издание.

Насловот на книгата е „Бетер Times“ и е исполнета со поезија, хаику, мисли, идеи и уште една секција која би ја чувал во тајност. Во книгата на креативен начин е изразена перцепцијата на еден млад дечко кој светот единствено го гледа низ призмата на единство, мир, љубов и позитива.

Со секое парче од мојава душа верувам дека книгата би внела внатрешна насмевка и доза оптимизам во која било индивидуа без разлика на возраст, раса, религија и сексуална ориентација.

Мотивот за песните во книгата го црпам од луѓето и природата. Патувајќи низ Европа имав можност да согледам колку сме слични ( ако не и исти) ние луѓето.

Како и самиот наслов, кој содржи еден македонски и еден англиски збор, така и книгата е исполнета со содржина на македонски и англиски јазик. Бетер на македонски е полошо, а на англиски подобро (better), така и во книгата создавам идеја за моќта на перцепцијата и толкувањето на светот околу нас.



Што може публиката да види на твоите настани?

Стилот сè уште го немам дефинирано [можеби бидејќи не сум љубител на дефиниции и ограничувања]. Публиката може да очекува фузија од хип хоп, поезија, stand up комедија, и многу енергија.

Каде сè имаш настапувано досега?

Можеби едно од најубавите чувства на светот ми е да настапувам. Премногу е контрадикторно. Завршува за секунда, а сепак како да трае една цела вечност.

Во Македонија сум имал прилика да настапувам на Астални Проекции, Engage, Bob Marleys Day, 100 илјади поети за промена, Konop Fest, Slam Poetry Macedonia, Аларм за Природата.

Waldorfeszt во близина на Будимпешта, We The 21st Century - Sunny Beach Бугарија, исто така сум имал и улични перформанси во Лисабон, Наполи, Будимпешта.

Во април оваа година ќе имаш настап на фестивалот Андерфест, како дојде до ова и што мислите за овој тип на фестивал и кој е целосно посветен на изведувачи од Македонија?

Пред се, сакам да ви се заблагодарам за можноста да настапувам на овој фестивал. Дефинитивно ни требаат повеќе платформи и фестивали од ваков карактер кој им дава можност на младите да ПУШТАТ ГЛАС. Во Македонија има премногу талентирани млади кои се жедни да ја извикаат својата креативност, за жал многу од институциите се глуви за уметност. Затоа мора да најдеме алтернативен начин и сами создадеме можност за креирање и воздигнување на културниот живот во Македонија.

Фотографија: Маја Аргакијева

Третманот и плаќањето на работникот од кого зависи целиот производствен систем, треба да биде на прво место кај државата и работодавачот. 

повеќе

Дали верувате дека до ова дереџе се дојде за една ноќ, еден месец, една година? Вистината е дека години се потребни за таков пад.

повеќе

Макси помпа, просечен дипломатски и небитен медиумски ефект.

повеќе