„Ветриштата на зимата“

Што сè знаеме за следната книга од Игра на престолите и колку се разликува од ТВ-серијата

На книгата се работи речиси осум години - ама Џорџ Р. Р. Мартин уште не е готов.

„Игра на престолите“ заврши и го раскара светот со финалето „Железниот престол“, ама книгите врз кои се темели серијата на Ејч-би-о, серијалот „Песна за мразот и огнот“ на Џорџ Р.Р. Мартин, остануваат недовршени, а крајот го нема ни на повидок.

„Ветриштата на зимата“, шестата книга во серијалот за кој Мартин се надева дека ќе биде составен од седум книги, сè уште нема испланиран датум на издавање. Мартин вели дека ќе каже датум дури откако ќе заврши со книгата - а сè уште ја нема завршено, како што потврди и во неделата, недолго пред да се прикаже финалето.

Напредокот на Мартин беше толку бавен што авторите на „Игра на престолите“ Дејвид Бениоф и Д.Б. Вајс снимија и емитуваа цели седум сезони од својата адаптација откако излезе последната книга во јули 2011 година (серијата дебитираше само неколку месеци пред тоа, во април). Во тој процес, тие го прешишкаа Мартин во неговата сопствена приказна и открија неколку големи пресврти што авторот ги планирал со години, па дури и со децении - вклучувајќи го, се чини, и долгоочекуваниот крај на серијалот.

„Не мислам дека крајот на Ден и Дејв многу ќе се разликува од мојот крај“, изјави Мартин минатиот месец за „60 минути“. Тој објасни дека, пред неколку години, тој на нив двајца им го претставил својот план за тоа како ќе завршат книгите. (Сепак, Бениоф и Вајс направија промени во изворниот материјал на Мартин, па нешто од она што го видовме можеби не е спојлер за книгите.)

Сепак, една мала утеха за обожавателите што чекаат со години е тоа дека пристоен дел од „Ветриштата на зимата“ всушност веќе е објавен. Мартин го има објавено целосниот текст од седум поглавја, а други четири поглавја прочита на глас на разни настани.

Ова што следува е водич низ најновите информации за датумот на издавање, зошто на Мартин му треба толку време за да го заврши пишувањето, кои поглавја авторот веќе ги објавил (и каде да ги најдете) и за колкав дел од книгата серијата веќе претставува „спојлер“.

 

1) Кога ќе излезе „Ветриштата на зимата“?

Не знаеме.

Најновите информации од Мартин за книгата дојдоа во неделата на 19 мај, кога тој на својата веб-страница објави дека, спротивно на неодамнешните погрешни информации, „Ветриштата на зимата“ „НЕ е завршена“ - и дека тој „работи“ на неа.

Не му се зборува многу за неговиот напредок со книгата или за тоа колку блиску мисли дека е до крајот. Сега веќе поминаа скоро осум години откако беше објавена најновата книга во серијалот, „Танц со змејови“.

 

2) Зошто Мартин толку долго ја пишува „Ветриштата на зимата“?

Самиот Мартин е единствениот што може да одговори на ова, а според него, најголемата причина за доцнењето е тоа што се мачи со самото пишување.

„Може да кажете дека се криви моите патувања или моите блог-постови или одвлекувањето на внимание со други проекти и (неговото кино) Кокто и што и да е, можеби сето тоа и имаше влијание“, напиша Мартин во долг, самопрекорен блог-пост во јануари 2016 година. „Може да кажете дека е крива мојата возраст, а можеби и тоа имаше влијание“. Но, продолжи тој: „Ако зборуваме реално, понекогаш пишувањето оди добро, а понекогаш и не.“

И навистина, за да ги побие обвинувањата дека го загубил интересот за серијалот книги, Мартин напиша дека очајно сакал да ја објави „Ветриштата на зимата“ пред шестата сезона на „Игра на престолите“, емитувана во пролетта 2016 година, па дури и постави неколку рокови за тоа. „За жал, пишувањето не одеше толку брзо колку што би сакал јас“, продолжи тој. „Како што растеше сомнежот дека сепак нема да стигнам, се појави безнадежност, и се фатив како уште повеќе се мачам. Колку помалку денови остануваа, толку беше поголем стресот, и толку побавно стануваше темпото на моето пишување.“

Вреди да се напомене дека оваа бавност не е нешто ново за Мартин, иако за ниту една книга во серијалот досега не требаше олку многу време. Тој релативно брзо ги заврши првите три, но потоа му требаа пет години за да ја напише четвртата книга („Гозба за враните“) и скоро шест години за да ја напише петтата книга („Танц со змејови“).

Мислам дека вреди да се спомне дека во четвртата и петтата книга се чини дека стилот на пишување на Мартин се промени. Првите три книги беа стегнати, брзи трилери, но почнувајќи со „Гозба за врани“, темпото на главната приказна забави. Мартин додаде изобилство од нови ликови и нивни перспективи и споредни приказни и се чинеше дека сè повеќе е заинтересиран за мозочни, сложени истражувања на теми како што се тешкoтиите на владеењето и последиците од војната.

На некои читатели им се допаѓа овој нов стил, а други го сметаат за досаден, но како и да е, тоа може да го забавило пишувањето на Мартин, бидејќи тој сега се чини дека е помалку заинтересиран едноставно успешно да дојде од точка А до точка Б на заплетот, а повеќе е опседнат со усовршување (во неговиот ум) на делото по кое сега веќе е јасно дека ќе биде запаметен. (Особено сега кога ТВ-серијата откри многу од неговите точки Б.)

 

3) Ама чекајте, нели некои поглавја од „Ветриштата на зимата“ се вртат по интернет?

Се вртат! Мартин официјално го објави целиот текст од седум комплетирани поглавја како претходници на книгата. Исто така, тој на разни конвенции прочита на глас уште четири поглавја - и нивната содржина е верно сумирана и објавена на интернет од обожавателите што присуствувале на тие настани.

Не го знаеме редоследот на овие поглавја во последната книга - а книгата ќе почне со пролог што Мартин сè уште го нема објавено - ама ако сакате да ги голтнете комплетните верзии баш сега, еве каде да ги најдете:

1. Теон Грејџој

2. Арја Старк („Мерси“)

3. Санса Старк („Алејн“)

4. Аријана Мартел (прва глава) 

5. Аријана Мартел (втора глава) 

6. Баристан Селми: објавено во американската верзија на „Танц со змејови“

7. Тирион Ланистер: бесплатно достапно во апликацијата „World of Ice and Fire“ на Ај-тјунс или на Гугл плеј

Другите поглавја што Мартин гласно ги прочита на разни настани, ама ги нема официјално објавено, се:

- Уште едно поглавје Тирион Ланистер, сумирано тука 

- Уште едно поглавје Баристан Селми, сумирано тука 

- Поглавје Виктарион Грејџој - еве го видеото 

- Ерон „Дампер“ Грејџој поглавје насловено „Напуштениот“, сумирано тука 

Бидејќи најдолгата книга на Мартин во серијалот досега содржи 82 поглавја, фактот што веќе видовме 11 глави од „Ветриштата“ може да значи дека околу една седмина од книгата веќе е јавно достапна во некаква форма.

 

4) Ми треба мојата доза на „Игра на престолите“, па ќе ги прочитам овие поглавја, ама поминаа неколку години откако ги прочитав книгите. Може ли да ме потсетите до каде се работите, во споредба со серијата?

Секако - еве до каде се главните ликови и приказните на крајот на „Танц со змејови“:

НА СЕВЕРОТ НА ВЕСТЕРОС:

Џон Сноу, сè уште лорд командант на Ноќната стража, тукушто беше масовно избоден од сопствените браќа откако рече дека ќе маршира на југ со дивјачката војска за да се бори против Ремзи Болтон. Неговата судбина е непозната. Мелисандра, сопругата на Станис Селис и неговата ќерка Ширин се живи и сè уште се на Ѕидот, воопшто не отидоа на југ со армијата на Станис.

Станис Баратеон исто така е жив и се подготвува за битка против Роуз и Ремзи Болтон во близина на Винтерфел, кој го држат Болтонови. Теон Грејџој тукушто избега од малтретирањата на Болтонови заедно со невестата на Ремзи - која не е Санса, туку една северњачка девојка по име Џејн Пул, која се претставува како „Арја Старк“. Овие бегалци сега се во кампот на Станис заедно со сестрата на Теон, Аша (не Јара) Грејџој. Исто така, неколку северњачки лордови, кои глумат дека се во таборот на Болтонови, заговараат против нив. Еден од нив, лорд Вајман Мандерли, го испрати Давос Сиворт на мисија да го најде долго исчезнатото најмладо дете на Старкови, Рикон, и да го извади на виделина.

Брен Старк отпатува северно од Ѕидот до пештерата на Децата на шумата и Триокиот гавран. Тој последен пат беше виден како ги истражува своите магични моќи - претворајќи се во животни, зборувајќи преку дрвјата и гледајќи визии од минатото. Ходор и Самер се живи и здрави, исто како и Џоџен Рид (или не)? Во меѓувреме, самите бели одачи не се видени на хартија уште од третата книга.

ВО ЈУЖНИОТ ДЕЛ НА ВЕСТЕРОС:

Санса Старк е безбедна (океј, релативно) во Вејл со Литлфингер, ама бидејќи е бегалец со потерница од Железниот престол, таа се претставува како неговата вонбрачна ќерка „Алејн Стоун“. Литлфингер сè повеќе стекнува влијание во Вејл и заговара да ја омажи Санса не за Ремзи Болтон, туку за „Хари Наследникот“, младо момче што ќе стане Лордот на Вејл ако нешто несреќно да му се случи на младиот и болежлив Роберт „Свитробин“ Арин. Литлфингер, исто така, навестува дека планира да ја врати Санса на власт на Северот.

Џејми Ланистер ѝ е скаран на својата сестра Серсеи откако откри дека имала афери со други мажи. Потоа, откако го зазема Риверран, Џејми неочекувано повторно се среќава со Бриен од Тарт, која тврди дека конечно ја нашла долго исчезнатата Санса Старк. Но тоа е лага - изгледа дека Бриен неволно го води Џејми во стапица поставена од Леди Стоунхарт, воскреснатата позомбена Кетлин Старк. Стоунхарт сега го раководи Братството без бајраци и е пеколно решена на одмазда против Ланистерови и Фрејови поради Црвената свадба, а како заложник го држи Подрик Пејн. (Стоунхарт не се појави во телевизиската адаптација.)

Кралицата-вдовица Серсеи Ланистер тукушто беше подложена на нејзината „прошетка на помирувањето“ (онаа што ја видовме на екранот во петтата сезона на „Игра на престолите“) и сега е турната од власта во Кингс Лендинг и го чека судењето од Верата (иако го има немртвиот Грегор Клегејн да ја штити). Марџери Тајрел исто така ја чека судење во главниот град, но армијата на Тајрел го има окупирано градот за да се обиде да ја ослободи. Се вели дека нејзиниот брат Лорас е страшно изгорен во битка.

Кралот Томен, син на Серсеи, сѐ уште е на престолот, ама во книгите е многу помал и воопшто не е независен актер. Стрикото на Серсеи, Кеван Ланистер, е тој што го владее Кингс Лендинг, но на крајот на петтата книга тој е убиен од Варис, кој соопштува дека се надева дека Железниот престол ќе го предаде не на Денерис, туку на...

Егон Таргериен! Чекај, кој е тоа? (Не Џон Сноу!) Е па, ако се сеќавате, во минатото за време на Робертовата револуција, сега покојниот постар брат на Дени, Регар, имаше две мали деца што беа убиени од Ланистерови - или барем така мислевме. Варис сега тврди дека тој, всушност, успеал да го прошверцува бебето Егон на безбедно и тајно го дал на воспитување и образување, за да може да биде подготвен да го преземе Вестерос. Егон е поддржан од Златната компанија, опасна група платеници. Тој требаше да отпатува на исток и да се спои со Денерис, но наместо тоа одлучи да сврти на запад и да го нападне Вестерос без неа. Обожавателите водеа големи дебати за тоа дали Егон навистина е тој што се тврди дека е, а оваа приказна, која беше целосно отсечена од ТВ-серијата, изгледа дека е главен дел од „Ветриштата на зимата“.

Во Дорн, принцот Доран Мартел има таен план да ѝ стане сојузник на Денерис Таргериен против Ланистери и го испраќа својот син Квентин да ѝ предложи брак - ама неговиот план пропаѓа кога Квентин умира во Мирин. Така, Доран и неговата ќерка Аријана Мартел (уште еден лик што го нема во серијата) сега треба да одлучат дали наместо со неа, ќе стапат во сојуз со Егон. Во меѓувреме, некои од песочните змии се на пат кон Кингс Лендинг, заедно со ќерката на Серсеи, принцезата Мирсела (која е жива, ама на лицето има големи лузни поради обид да ја убијат).

Јурон Грејџој - кој во книгите не е таков кловн и е многу позлобен лик, со навидум магични амбиции - победува на железниот избор и е именуван за крал на Железните Острови. Тој вели дека сака да се ожени за Денерис и да ги употреби нејзините змејови за да го освои Вестерос. Но прво тој и неговите железнородени го ограбуваат кралството на Тајрелови - и се закануваат дека ќе го освојат Олдтаун, каде што Семвел Тарли тукушто пристигнува да ја почне својата обука за мештер. Човекот без лице Џакен Х'гар (стар пријател на Арја) исто така е инфилтриран во седиштето на мештрите, од непознати причини.

НА ЕСОС, ИСТОЧНИОТ КОНТИНЕНТ:

Арја Старк сè уште тренира да убива со Мажите без лица на Бравос и штотуку го изврши своето прво успешно убиство за нив. Таа често ја сонува својата страховолчица, Нимерија, која предводи огромна глутница волци во Вестерос.

Денерис Таргериен, откако одлетува од Мирин на грбот на змејот, се наоѓа некаде на рамнините далеку од градот. Тукушто ја открија група Дотраки, но за разлика од ТВ-серијата, за време на оваа средба таа гордо стои покрај својот змеј, па можеби нема да заврши во заробеништво.

Баристан Селми е жив и здрав и дава сè од себе во владеењето на градот Мирин, кој во отсуство на Дени е под опсада од робовладетелите. Во меѓувреме, злобниот, ама глупав брат на Јурон Грејџој, Виктарион Грејџој, плови кон Мирин со Железната флота, надевајќи се дека ќе ги расипе плановите на Јурон и ќе ја земе Дени за себе. Тој поседува магичен рог што му го даде Јурон, со кој наводно може да се контролираат змејовите. Ќе видиме дали функционира.

Што се однесува на Тирион Ланистер, тој во моментов е во кампот на робовладетелите што го опседнаа Мирин, ама неодамна избега од ропство, склучувајќи договор со една компанија за платеници, Вторите синови. Придружници на Тирион во моментов се Џора Мормонт (кој ја нема болеста на камените луѓе) и женско џуџе по име Пени. Тирион, всушност, сè уште не успеал да се сретне со Дени и во моментов се обидува да ги убеди Вторите синови да дезертираат и да се борат заедно со силите на Дени за време на претстојната битка за Мирин.

 

5) Колкав дел од „Ветриштата на зимата“ расипа серијата на Ејч-би-о?

Тешко е да се каже. Знаеме дека Мартин им дал некакви детали на Бениоф и Вајс за своите планови за главните ликови и за крајот што тој го планира. „Седевме со него и буквално поминавме низ секој лик и му рековме: 'И, која е дестинацијата за Денерис? А Арја?'“, откри Бениоф за Венити фер уште во 2014 година.

И стварно, Бениоф и Вајс потврдија дека одредени пресврти од претходните сезони на серијата (како палењето на Ширин Баратеон до смрт и приказната за минатото на Ходор) дошле директно од Мартин. Воскреснувањето на Џон Сноу, неговите вистински родители и неговата љубовна врска со Денерис веројатно се во истава категорија, исто како и крајната судбина на парот.

Сепак, тука постојат три ризици. Прво, контекстот и деталите за тоа како овие пресврти се случуваат во книгата може да бидат различни. На пример, Мартин наводно еднаш рекол дека големото откритие на Ходор ќе се случи на поинаков начин во книгите.

Второ, Мартин можеби немал цврсти планови за многу ликови и приказни кога била снимана серијата. Тој многу работи прави во од, а Бениоф и Вајс потврдија дека кога им кажал за своите идни планови за серијата, некои приказни оставил „поотворени“ од другите. Значи, за некои ликови Бениоф и Вајс можеби сами ги измислувале работите, во отсуство на детален план од Мартин. (Тие во интервју за Дедлајн рекоа дека главно работеле од нула во шестата сезона, првата сезона снимана без книга, „освен неколку клучни работи“.)

Конечно, Бениоф и Вајс направија многу промени во заплетот на романите. Тие комплетно отфрлија некои навидум важни споредни приказни и ликови (како Егон „Јанг Гриф“ Таргериен и Леди Стоунхарт), а други во голема мера скратија. Па можно е Мартин да им кажал на Бениоф и Вајс за своите планови за некои приказни, ама тие да одлучиле да склопат своја сопствена приказна во поинаква насока.

Понатаму, скоро сите поглавја што се објавени од „Ветриштата на зимата“ многу се разликуваат од она што го видовме досега на телевизија. Битката кај Мирин, на пример, беше растурена за околу 15 минути во шестата сезона од ТВ-серијата, а веќе има пет примерочни поглавја од „Ветриштата на зимата“ посветени на неа, во кои сосема други ликови ги имаат клучните улоги. Ако ве интересира само кој ќе победи во битката, серијата веројатно е спојлер за тој факт (не дека исходот беше сериозно неизвесен). Но практично секој детаљ за тоа како ќе се изведе тоа во книгите најверојатно ќе биде нов.

Така, иако некои од најголемите пресврти на Мартин можеби ќе го имаат загубено моментот на изненадување кога конечно ќе ги видиме на хартија, со нетрпение чекаме да ги прочитаме - и се надеваме дека ќе имаме шанса тоа да го сториме наскоро. Или некогаш.

Извор: Вокс

Ајде од понеделник да се посветиме сериозно на „носење на Европа" во нашата држава.

повеќе

Улогите на „добар и лош полицаец“ ќе ги играат кон нас уште долго, доколку не сфатиме дека со итроманска политика не се може подалеку од Табановце до Богородица.

повеќе

Неделава, владите на ЕУ повторно решија да го одложат започнувањето на преговорите за пристапување со земјите кандидати Албанија и Северна Македонија, што претставува историска грешка - бидејќи безбедноста и стабилноста на Унијата зависат од трансформацијата на југоистокот.

повеќе