Луна Китановска: Македонката еко-истражувач на Француската ривиера

Потрагата по магистерски студии, која се совпадна со ковид-пандемијата, за Луна Китановска заврши во Ница. Неколкумесечното „истражување“ насекаде по Европа, но и некаде помеѓу Тајланд, Јужна Африка и Хавајските Острови, заврши кога ја откри програмата за справување со ризици во животната средина генерирани од природни непогоди и антропогени влијанија. Овие магистерски студии беа дел од понудата на познатиот научноистражувачки и високообразовен центар Софија Антиполис (познат и под името Универзитет на Азурниот брег) сместен во југоистокот на француското медитеранско крајбрежје во градот Ница.

Луна Китановска дипломираше екоинженеринг и менаџмент на Шумарскиот факултет при универзитетот Кирил и Методиј во Скопје, по што одлучи образованието да го продолжи надвор од Македонија.

Поради пандемијата процесот на пријавување и приемниот испит/интервју беа онлајн, а Китановска веднаш беше примена и по два месеци замина за Ница.

„Се најдов во извонредно интернационално опкружување во клас со 12 студенти, кои доаѓаа од исто толку земји сместени на пет континенти“, раскажува Луна за нејзините магистерски студии. Инаку, Луна е дете на родители уметници и љубовта кон уметноста и музиката ѝ беше всадена уште од најраното детство. Мајка ѝ е сликарката Симонида Филипова Китановска, а татко ѝ е музичарот Тони Китановски.

„Бев навистина возбудена што мојот нов дом им бил дом на голем број легендарни артисти, особено изминативе два века. Ница е стар град и во него се вкрстуваат старото и современото, Италија и Франција, Медитеранот и Алпите. Моите нови пријатели беа буквално од сите краишта на планетава и заедно ги истражувавме музеите, плажите на Кан, Монако, Сан Тропе и блиските острови, уживавме во секогаш спектакуларните изгреви и зајдисонца, морското синило што само тука може да се види… Сите овие прекрасни авантури беа резервирани за викендите. Сепак, примарна цел беа образованието и научноистражувачката работа. Мошне интензивната магистерска програма ги обединува најсовремените технолошки алатки за набљудување и анализа на состојбите во животната средина како и практичната работа во многубројните истражувачки лаборатории сместени во околината на Ница. Чести беа предавањата на професори од елитните американски универзитети и посетите на националните паркови на Алпите и крајбрежјето“, раскажува Китановска.

За неа особено искуство беше учеството на научниот собир во Монако, под покровителство на принцот Алберт, кој често ги дружел. Во Монако таа имала можност да запознае голем број од најважните научници и директори на организации посветени на зачувување на животната средина и справување со глобалното затоплување севкупната деградација на балансот во природата.

Луна Китановска успешно ги заврши магистерските студии и, како што вели, спремна е да ја спасува планетата!

Калоѓера не може да премолчи, не може да замиже пред историската вистина на Македонија, па затоа во својот живот се определил да македонствува.

повеќе

Слушањето како способност да го фокусираме вниманието на аудитивните дразби е важен аспект на нашиот живот и значително влијае на неговиот квалитет во сите сегменти.

повеќе

„Ќе дојде ден, кога пазарите отворени за трговија и размена на идеи, ќе бидат единствените борбени полиња“ - Виктор Иго

повеќе