ЗЛАТО, ДАЈТЕ ЗЛАТО!

Трамп стави златни завеси во Овалната соба, Меланија допрва ќе реновира (ФОТО+ВИДЕО)

Неколку часа откако во петокот ја положи свечената заклетва како претседател на САД, Доналд Трамп веднаш почна да ја менува внатрешноста на Белата куќа.

Овалната соба сега е преуредена за Трамп, односно зад работното биро на претседателот се ставени златни завеси, наместо бордо-завесите што беа таму во мандатот на Барак Обама.

Промената првпат беше забележана во петокот вечер кога Трамп седна на бирото за да ја потпише извршната наредба за укинување на Обамакер и други меморандуми.

Освен што ги смени завесите, магнатот за недвижности се ослободи и од големиот, кружен килим на Обама, на кој имаше цитати од лидери меѓу кои од Мартин Лутер Кинг и од четворица поранешни претседатели.

Негова замена се чини дека е зрачно-златниот и жолт килим со цветни рабови дизајниран од Лора Буш за време на претседателствувањето на нејзиниот сопруг.

Се чини дека и каучите во историската канцеларија исто така се заменети, зашто сега се брокат и веќе не се сив велур, објави Си-ен-ен.

Милијардерот е нашироко познат по љубовта кон златните нијанси и ги става секаде што може - во својата канцеларија и сите свои домови низ Америка.

Вообичаено е новоизбраниот претседател да ја реновира Овалната соба, како и други делови на Белата куќа, која е во вредност од 397,9 милиони долари.

Станбениот дел во оваа зграда со 132 соби е зоната во Белата куќа во која т.н. прво семејство најмногу смее да прави промени.

Дозволено е просториите во таа одредена зона да се пребојат според нивниот вкус, како и да си донесат нови украси, постелнина и мебел.

Промените што се направени во оваа зона се осмислени и надгледувани од внатрешен дизајнер што тесно соработува со првата дама на САД, заедно со кураторот и со главниот домаќин на Белата куќа.

На 3 јануари Меланија се сретна со домаќинот и кураторот за да почнат да се планираат промените, зашто таа со синот Барон барем во првите шест месеци од мандатот на нејзиниот сопруг ќе остане во Њујорк.

Иако на првото семејство му е дозволено да прави промени во рамките на Белата куќа, во историската зграда има соби што се недопирливи, како што се Линколновата спална соба и јавни места како државната трпезарија и Зелената соба.

За да се прават промени во која било од овие простории, потребно е одобрение од Комисијата за заштита на Белата куќа, зашто таа е жив музеј, кој содржи стотици години американска историја.

Тоа е местото на живеење на секој претседател на САД почнувајќи од Џон Адамс во 1800 година.

Додека Меланија и нејзиниот сопруг веројатно подготвуваат листа на промените што сакаат да ги направат во своето живеалиште, не е јасно дали семејството само ќе плаќа за реновирањето или ќе ја искористи сумата од 100.000 долари по мандат што ја дава Конгресот за реновирање на Белата куќа.

Семејството Обама не ги употреби тие пари на даночните обврзници, ниту прими донации за таа намена - тие реновирањето си го платија од свој џеб.

Трамп досега исполни најмалку едно од своите ветувања: ја врати бистата на Винстон Черчил, која Обама ја отстрани и на нејзино место постави биста на Мартин Лутер Кинг.

Објавено

Понеделник, Јануари 23, 2017 - 16:51

Коментари

Без оглед дали сте поддржувач или противник на претходната власт, не можете да оспорите дека таа постави сосема нови стандарди во поглед на мерките, напорите и вложувањата за да се привлечат странски инвестиции, за наши услови. 

повеќе

Ако лидерите на двете најмоќни земји во светот – САД и Кина имаат суштински разлики во начинот на кој тие гледаат на меѓународните односи, какви се изгледите за глобално зајакнување на соработката?

повеќе

Најновите случувања на релација политичка власт-граѓански сектор, повторно го отвораат прашањето за односите помеѓу овие два сегмента на општествениот живот.

повеќе