Од Ориент експрес до Децата од железничката пруга: 10 најјаки возови во романите

Е. Несбит всадува љубов на генерацијата кон возовите, Агата Кристи поставува убиства на шините, а Сара Ворд ги одбира своите омилени возови во литературата.

Патувањата со воз имаат некоја вечна привлечност во фикцијата. Детските класици можеби ја идеализираат практичноста на патувањето со воз, но ја всадуваат љубовта кон возовите кај генерации на читатели. Растојанието или удобноста не се неопходно важни: може исто толку да уживате во читање на едно кратко патување низ англиските предградија како и на патување низ Европа во Ориент експрес. А патувањата со воз може да обликуваат и наратив, со светот од купеа во вагон што дава одлична можност за мистерија на една заклучена соба.

Како да се одберат 10 најомилени фиктивни патувања со воз? Гардијан прави избор на романи каде што не само што потонувате во приказната, туку и патувате во умот заедно со ликовите.

1. „Човекот што гледаше како поминуваат возовите“ од Џорџ Сименон

Многумина гледале како поминува воз и почувствувале потреба да им се приклучат на патниците на патување во непознатото. Освен неговите криминални романи со комесарот Мегре, Сименон напишал и неколку психолошки романи. Во оваа темна и вознемирувачка книга, холандскиот службеник Кис Попинга влегува во воз упатен кон Париз, откако извршил едно убиство, спремен да почне серија насилни напади.

2. „Домби и синот“ од Чарлс Дикенс

Дикенс во своите книги главно ги игнорира возовите сè до „Домби и синот“, чуден пропуст со оглед на тоа што самиот автор бил жртва на железничката несреќа во Стејплхерст од 1865 година. Дикенс очигледно е згрозен од уништувањето предизвикано од појавата на патувањата со воз. Ужалениот Домби, кој ја оплакува загубата на својот син, повлекува паралели помеѓу брзината на смртта на Пол и брзината на возот што јури низ селата, монструозно чистејќи сè на својот пат.

3. „4.50 од Падингтон“ од Агата Кристи

Кристи ја негуваше љубовта кон криминалната фикција, а книгите со Мис Марпл сè уште им се омилени на многумина. Госпоѓата Мекгиликади е сведок на убиство на една жена во воз што се движи паралелно со нејзиниот. Никој не верува во нејзината приказна, освен нејзината пријателка Џејн Марпл, која ја користи својата мрежа на пријатели за да ја открие локацијата на телото и тајните на дисфункционалното семејство во Ратерфорд хол. Како и обично, Кристи дава многу траги што водат во погрешен правец.

4. „Децата од железничката пруга“ од Е. Несбит

Повеќето од патувањата во оваа едвардијанска класика се гледаат низ очите на три деца иселени од лондонско предградие во Јоркшир, кои им мавтаат на возовите што поминуваат во близина на нивниот дом. Железницата ги внесува во мрачната страна на земјата и им го дава нивниот добродетел: Стариот Господин, секојдневен патник во возот во 9.15. Ретко има железница толку идеализирана; романсата на парните возови е прикажана преку имиња како што се Црвот на Вонтли и Страшниот ноќен летач, кои децата им ги даваат на локомотивите.

5. Тркалото се врти“ од Етел Лина Вајт

Преточен од Алфред Хичкок во филмот „Дамата исчезнува“, англиски турист на одмор во Источна Европа се спријателува со една постара гувернанта, која исчезнува од вагонот, додека нејзините сопатници негираат дека жената некогаш постоела.

Мошне копиран заплет, но тука прекрасно изведен. Вајт е потценет писател и нејзините книги имаат некоја морбидна брилијантност.

6. „Дракула“ од Брам Стокер

Џонатан Харкер патува низ Европа со воз до имотот на грофот Дракула, забележувајќи ги во својот дневник замоците сместени високо на ридовите и љубопитноста на локалните жители што ги среќава. Меѓутоа, тој се жали на фактот дека колку поисточно патува, толку помалку точни се возовите. Има нешто смирувачко во сигурноста на патувањето со воз, во споредба со застрашувачкото возење со кочија до имотот на Дракула на последниот дел од патувањето.

7. „1222“ од Ана Холт

Во оваа норвешка верзија на Убиство во Ориент експрес, воз од Осло упатен кон север се заглавува за време на една од најлошите снежни бури во историјата на земјата. Патниците се селат во блискиот хотел каде што е откриено тело, по што поранешната полицајка Хана Вилијамсен треба да го открие убиецот. Една од најдобрите нордиски ноар книги, совршено ја пренесува изолацијата на снежните пејзажи.

8. „Од Русија со љубов“ од Јан Флеминг

Возовите во движење се совршени локации за поставување убиство и никој не го прави тоа подобро од Флеминг. Оваа книга го има оној возбудлив заклучок на Ориент експрес. Џејмс Бонд го надмудрува убиецот ставајќи ја неговата метална табакера помеѓу страниците на книга, која го одбива куршумот насочен кон неговото срце - прав 007.

9. „Возот до Стамбол“ од Греам Грин

Уште еден шпионски роман што се случува на Ориент експрес, но тонот е мошне поинаков. Иако Грин го насловил „Забава“ за да се разликува од неговата сериозна фикција, огромната низа ликови ја пренесуваат преокупацијата на авторот со загубената католичка вера, мрачниот хумор и напнатите односи. Кога возот ќе пристигне во Истанбул, има чувство дека патувањето завршило, но нивните животи остануваат некомплетирани.

10. „Хари Потер и каменот на филозофот“ од Џ. К. Роулинг

Сигурен сум дека една генерација на деца, судејќи според редиците пред Перонот 9¾ на Кингс крос во Лондон, ја откриле радоста на возењето со воз од книгите за Хари Потер. Кој може да му одолее на Хогвортс експрес, кој ги носи учениците од Кингс крос до станицата Хогсмид во почетокот на секое училишно полугодие? И кој не ги претпочита бонбончињата на Берти Бот од сите вкусови или Котле-тортата од количката на вештерката пред која било храна што се нуди во обичните вагони.

Објавено

Среда, Септември 19, 2018 - 08:21

Без оглед на фактот што од постоењето на уметноста постои и теорија и приказна за тоа, уметничкиот процес останува крајно неразбирлив.

повеќе

Што е потребно младите велешки занаетчии да не станат самоубиствени гемиџии, туку да ги тераат своите замисли напред.

повеќе

Брзата храна и газираните пијалоци се водечки причинители на прекумерна телесна тежина, која пак значително го намалува нашиот животен век и квалитет на живот.

повеќе