Како Хари Потер го оформи политичкото размислување на цела една генерација

Во која куќа на Хогвортс би сакале да бидете? Постојат четири опции, и секој човек се вклопува во некоја од нив. Храбрите и учтивите одат во Грифиндор. Трпеливите и лојалните типови одат во Хафлпаф. Ревенкло е за духовитите и интелигентните. Итрите и амбициозните - и потенцијално злобните - се предодредени за Слитерин. Во книгите за Хари Потер изборот го прави една воинствена зборлеста шапка, позната како „Сортирачката капа“.

Веројатно и не ви требаше ова објаснување. Речиси секој млад човек што знае да чита го има прочитано Хари Потер - продадени се 450 милиони примероци низ целиот свет. Да не го читаш Хари Потер беше некој вид бунтовништво. Денеска обожавателите ја слават 20-годишнината од објавувањето на првата книга - две децении подоцна приказните на Роулинг за волшепството и вештерството продолжуваат да нѐ маѓепсуваат, иако досега требаше веќе да пораснеме.

„Потерверзумот“ е универзумот на милениумците, оние родени од 1980-тите до 2000-тите. Тој го обликува начинот на кој тие се гледаат себеси и начинот на кој го гледаат светот; нивната морална имагинација. Ако некогаш сте се запрашале зошто младите честопати се толку детинести во својата политика, зошто сакаат да го делат светот меѓу толерантни прогресивци и злобни реакционери, ова ќе ви помогне да ги разберете.

Хари Потер можеби е книжевна фантазија, но за многумина тој е и замена за религија во една секуларна ера. Книгите се за борбата меѓу доброто и злото и за моќта на магијата. Тие нè учат дека со фанатизмот мора да се бориме по секоја цена, дека толеранцијата и разликите мора да се слават. Големиот симбол на злобата е непријателот на Хари, Лорд Волдеморт - или „Оној Чие Име Не Смее Да Се Изговори“. Тој сака да го ослободи волшебниот свет од маглсите (луѓето што немаат волшебна моќ) и е опседнат со идејата за чиста крв.

Хари Потер-генерацијата го гледа реалниот Волдеморт насекаде. Доналд Трамп, Најџел Фараж, Марин ле Пен, Владимир Путин, Виктор Орбан - сите тие се споредени со Мрачниот господар. По изборот на Трамп, голем број статии извлекоа паралели меѓу неговата администрација и Потерверзумот. „Како Хари Потер му дава смисла на светот на Трамп“ беше насловот на еден. „Кој го рече тоа - Стив Бенон или Лорд Волдеморт?“, беше друг наслов. Беше покренат сервис што ги заменуваше имињата на луѓето во кабинетот на Трамп, каде и да се појават на интернет, со оние на „смртождерите“ - група волшебници предводени од Волдеморт. На Харвард, учениците ја покренаа „Школата на отпорот“ за да се борат против агендата на Трамп, споредувајќи се со Дамблдоровата армија, која во книгите се бори против „мрачната магија“. Беа објавени прилози како „Десет нешта на кои нè научи Дамблдоровата армија во врска со активизмот и политичкиот отпор“. На антифашистичките протести низ целиот свет, вообичаена глетка беа плакатите од типот „Дамблдоровата армија“ или „Хермајни не би го дозволила ова“. 

Џ.К. Роулинг не само што стана многу богата благодарение на книгите, на филмовите и сега и на претставата „Хари Потер и проколнатото дете“; таа стана и силен глас во светските прашања.

Во 2006 година, годината пред последната книга за Потер, се отвори Твитер. Тој звучи речиси како нешто од светот на Хогвортс, каде што писмата ги носат бувови. Роулинг е угледна на Твитер, а нејзината армија од речиси 11 милиони следбеници секогаш е заинтересирана да слушне што има таа да каже за современата политика. По одлуката на Трамп да им забрани на муслиманите од неколку земји да влегуваат во САД, Ролинг објави твит: „Волдеморт ни оддалеку не беше олку лош“. Кога еден поддржувач на Трамп се закани дека ќе ги запали книгите за Хари Потер, Роулинг твитна: „Претпоставувам дека е вистина кога велат: може да ѝ дадете на една девојка книги за подемот и падот на еден автократ, но никако не можете да ја натерате да размислува“.

Британската политика исто така се гледа преку визирот на Хари Потер - што е океј, бидејќи дејството на книгите се случува таму. Претходно годинава една анкета покажа дека Роулинг, гласна унионистка, е сметана за подобар човек за предводење на кампањата против шкотската независност од Џереми Корбин.

Авторката, исто така, објави на Твитер: „Корбин. Не. Е. Дамблдор“ во случај да има некаква забуна. Роулинг не ја сака тврдокорната левица. Таа е поддржувач на лабуристите, но често го критикува нивниот лидер. Таа, исто така, ја осуди мизогинијата упатена кон премиерката: „Тукушто отследив човек за кој мислев дека е паметен и духовит, затоа што тој ја нарече Тереза Меј курва“, напиша таа месецов на Твитер.

Корбин можеби не е Дамблдор, добронамерниот директор на Хогвортс, но веројатно повеќето обожаватели на Потер го претпочитаат него пред Меј. Премиерката за време на кампањата рече дека е фан на книгите - сите политичари сега треба да го сторат тоа - но сепак одби да се спореди со некој од ликовите. Ова не беше задоволителен одговор, па Потерверзумот одлучи наместо неа: Меј е Долорес Амбриџ, злобната бирократка што го мачи Хари.

На референдумот за ЕУ, 75 отсто од 18- до 24-годишниците гласаа да се остане во Унијата. Дали можеби пораките содржани во серијалот за Хари Потер помогнале да се насочи британската помлада генерација?

Тетинот на Хари, Вернон Дарсли, е архетип на „Англичанчето“. Живее во досадно предградие, на Шимшировата улица број 4 во Литл Винџинг, Сари, и го чита Дејли мејл. Тој е тесноград, злобен човек, кој го тера својот внук да спие во шкафче под скалите. Ниеден обожавател на Потер што држи до себе не би сакал да биде поистоветен со него - или со неговите политички ставови.

Пред референдумот, Роулинг го потврди она во што многумина се сомневаа: ужасниот тетин Вернон ќе гласаше за заминување. По ова откритие, на веб-страницата на американскиот телевизиски канал Комеди сентрал иронично беше објавено како би гласале други ликови. Хероите како Хари Потер, Хермајни Гренџер и Хагрид би гласале да се остане во ЕУ - исто како и Дамблдор, бидејќи тој „премногу пати видел каква е војната“. Во таборот за заминување од ЕУ беа некои од најозлогласените негативци во книгата: професорот Снејп, Драко Малфој и Белатрикс Лестрејнџ (која би гласала за заминување за да го врати приматот на вистинските Британци). „Потерверзумот е за останување“, напиша еден обожавател, кој ги повика сите да „гласаат според Роулинг за уште еднаш да ги победат монструмите“.

Во деновите пред референдумот, Роулинг објави есеј на својата веб-страница под наслов „За монструмите, негативците и референдумот за ЕУ“, во кој тврдеше дека низата „монструми“ создадени од таборот за излегување од ЕУ се користат за да се заплашат гласачите што се за останување.

Кога некој на Твитер побара од неа „да направи нешто“ за резултатот, Роулинг одговори: „Мислам дека никогаш досега не сум сакала магија олку многу како сега“.

По нападот во близина на џамијата во Финсбери парк минатата недела, авторката брзо го обвини Најџел Фараж дека е одговорен за тоа. „Ајде да разговараме за тоа како бил радикализиран терористичкиот напаѓач #FinsburyPark“, рече таа, прикачувајќи слика од поранешниот лидер на Укип пред сега веќе славниот постер „Критична точка“ (Breaking Point), на кој се гледаат редица бегалци. Твитот доби 25.000 лајка во рок од неколку часа.

Политичката хероина на Роулинг е Џесика Митфорд, која таа ја опишува како „самоука социјалистка“. Митфорд била „црвена овца“ во своето семејство, која еднаш опиша како се обидела „да пишувам за работи за кои се надевам дека ќе бидат корисни во борбата“.

Роулинг продолжи да го ажурира светот што го создаде за да се осигури дека се вклопува во начинот на кој генерацијата на Хари Потер ја гледа својата политичка борба. Таа откри дека Дамблдор бил хомосексуалец и дека Хогвортс би бил „безбедно место“ за ЛГБТ-учениците.

Во меѓувреме Ема Вотсон, која ја играше Хермајни во филмовите, стана истакнат борец за родова еднаквост. Минатиот месец таа ја доби првата „родово-неутрална“ награда на Ем-ти-ви. Се формираа групи како „Хари Потер алијанса“, за да ги претворат „фановите во херои“. Првично формирана во 2005 година за да го привлече вниманието кон прекршувањето на човековите права во Судан, оваа непрофитна организација води кампањи за прашања поврзани со имиграцијата, геј-правата, работничките права, менталното здравје, телесната перцепција и климатските промени. Ако Хари Потер може да го спаси светот, зошто да не можат и неговите обожаватели?

Потерверзумот постојано се развива. Сепак, тоа е наивен пејзаж во кој повеќето проблеми се решаваат со магија. Да се верува во него, дури и иронично, значи да ги поделиме луѓето на добри и лоши и да ја игнорираме сложеноста на реалноста. И покрај целата радост што Хари Потер им ја носи на своите милиони читатели, светот не може да биде сортиран од една волшебна капа.

Извор: Спектатор

Сферата на локалните јавни финансии претставува многу погодно поле за соработка на локалната власт со приватниот сектор.

повеќе

Драги пратеници, помислете добро пред да притиснете копче за двојазична Македонија.

повеќе