ОБЕДИНЕТИ ВО ГАЛАКТИЧКИ КЛУБ

Има вонземјани, ама не сакаат да имаат ништо со нас. А и не може да им замери човек

Фермиевиот парадокс вели дека ако интелигентниот живот не е карактеристичен само за планетата Земја, тогаш нашата галаксија би требало просто да врие од напредни цивилизации, од кои некои се технолошки многу поразвиени од нас. Парадоксот настапува во едноставниот факт дека досега не сме забележале ниедна од нив. Каде се тие?

Еден од одговорите на ова прашање е „хипотеза на зоолошка градина“, во која се предлага дека напредните цивилизации, од причина позната само на нив, намерно не сакаат да ни се претстават, односно дека се кријат од Земјата и човештвото (и ние би играле така).

Сепак, проблемот со оваа хипотеза е дека за тоа да се оствари, би било потребано галактичката заедница да формира обединета влада, која се согласила и ја спровела таа информациска блокада. Ова би значело дека во нашата галаксија постои заедница на напредни видови што се согласни барем во една работа - да не ја контактираат Земјата.

Астрофизичарот Данкан Х. Форган оваа хипотеза дополнително ја разработил и заклучил дека веројатно постојат повеќе организации, наместо цивилизациите да се собираат во само едно здружение. Заклучокот го донел врз основа на неколку фактори, вклучувајќи ја возраста на цивилизациите, оддалеченоста, времето на пристапувањето во организацијата и животниот век на цивилизацијата.

„Сметаме дека за да постои само една група (Галактички клуб), нивниот животен век мора да биде исклучително долг, а времето на пристап меѓу цивилизациите мора да биде исклучително кратко. Ова генерално е малку веројатно, зашто би требало голем број цивилизации да се појавуваат низ целата галаксија во многу кратка временска рамка“, вели Форган.

Студијата исто така покажува дека е малку веројатно дека една долготрајна цивилизација што се појавила во почетокот во галактичката историја би успеала да ги собере сите цивилизации во еден обединет клуб. Но ако сите цивилизации пристигнале релативно истовремено и траеле многу подолго од еден милион години, тој клуб може да постои.

Поверојатно сценарио е дека сепак постојат повеќе конфликтни цивилизациски подгрупи, кои не можат да се договорат за една универзална политика.

„Една група што би се обидела да воведе забрана за контактирање на 'примитивните цивилизации' веројатно ќе наиде на значителни проблеми ако друга група не се согласува со тоа“, вели Форган.

„Можеби Земјата лебди во регион од вселената во кој владее група од конзервативни или претпазливи вонземски цивилизации, кои се согласни дека не сакаат да нè контактираат. Од друга страна, како што се зголемува нашата способност да забележиме сигнали и од живите и од мртвите цивилизации, веројатно ќе успееме да ја пробиеме бариерата наметната во ова сценарио“, вели Форган.

Трудот е објавен на веб-страницата arXiv.org.

Целиот свет гледа на 2021 година како на година на заздравување на економијата.

повеќе

Не треба толку да се грижиме за тоа дали се искачуваме на табелата, туку повеќе треба да внимаваме на тоа дали навистина се справуваме, истражуваме и ги гониме оние кои се занимаваат со корупција.

повеќе

Потребно е да се провери дали имало наредба за следење врз Камчев.

повеќе