Астрономите тукушто ја открија родната планета на Спок, Вулкан

Новооткриената егзопланета орбитира околу ѕвезда позната по славниот научен офицер од „Ѕвездени патеки“.

Никој не тврди дека таму живеат вонземјани со шпицасти уши, но астрономите открија егзопланета што орбитира околу 40 Еридани А, ѕвезда што на фановите на „Ѕвездени патеки“ им е позната како ѕвезда-домаќин на родната планета на Спок, Вулкан.

Новата егзопланета е 16 светлосни години од Земјата во соѕвездието Еридан. Орбитира околу ѕвездата-домаќин, ѕвезда слична на сонцето, со официјално име ХД 26965 - токму во населивата зона, каде што може да има вода во течна форма и каде што веројатно е можен живот.

„Тоа беше изненадување за нас“, рече Џиан Ге, професор по астрономија на Универзитетот во Флорида и коавтор на новиот труд за откритието, во имејл до Ен-би-си њуз. „Воопшто немавме намера да го бараме Вулкан што орбитира околу ХД 26965.“

Егзопланетата е околу двапати поголема од Земјата и се смета за најблиска „супер-Земја“ што орбитира околу ѕвезда слична на сонцето. Засега, таа е позната како ХД 26965б, според упатствата за именување од Меѓународната астрономска унија. Но Ге рече дека планирал да ја контактира Унијата и да побара егзопланетата да го добие името Вулкан.

Може да е забавно една вистинска планета да се именува по измислен свет, но дали е тоа - како што би прашал Спок - логично? „Апсолутно да!“, вели Сара Сигер, астрофизичарка и планетарен научник во МИТ. „'Ѕвездени патеки' (и другата научна фантастика) овозможија луѓето да се возбудуваат околу вистинските егзопланети“.

Ге рече дека егзопланетата веројатно има атмосфера и има синхронизирана ротација со нејзината ѕвезда-домаќин. Тоа значи дека едната страна постојано е свртена кон ѕвездата, додека другата страна е свртена спротивно од неа. Ако е така, страната што е свртена кон ѕвездата-домаќин најверојатно е многу врела - „веројатно премногу топла за да биде поволна за живот“, рече Сигер.

Но Ге вели дека површината на темната, поладна страна би можела да биде поволна и додава: „Од друга страна, животот може да опстане и под земја. Како што е замислено во 'Ѕвездени патеки', Вулканците престојуваат во пештерите“.

Сет Шостак, виш астроном во Институтот СЕТИ во Маунтин вју, Калифорнија, вели дека супер-Земјите „има големи шанси да се светови во кои може да почне живот, и можеби и да се развие во интелигентни суштества... Но мора да се запрашате - со сите пресврти и промени на еволутивната историја на која било планета, колку е веројатно дека една планета оддалечена 16 светлосни години на крај ќе произведе суштества што изгледаат речиси идентично со нас, само со уши што би биле предизвик за секој бербер?“

Егзопланетата била откриена со телескопот на фондацијата „Дарма ендаумент“, телескоп од 1,3 метар на планината Лемон во јужна Аризона. Но наместо да ја набљудуваат егзопланетата директно, астрономите донеле заклучок дека таа е таму врз основа на суптилните движења на ѕвездата-домаќин како реакција на движечкото гравитационо поле на егзопланетата.

„Ова рефлексно движење е многу помало бидејќи ѕвездата има толку многу поголема маса од планетата, но со ултрастабилни инструменти таа може да се забележи“, рече Метју Мјутерспау, астроном од државниот универзитет во Тенеси и коавтор на трудот.

Но не ви треба телескоп за да ја видите ХД 26965.

„Оваа ѕвезда може да се види со голо око, за разлика од ѕвездите-домаќини на повеќето познати планети откриени досега“, вели Бо Ма, постдокторски студент од Универзитетот во Флорида и прв автор на трудот. „Сега секој може да го види 40 Еридани во ноќ со чисто небо и гордо да покаже кон домот на Спок.“

Без оглед на фактот што од постоењето на уметноста постои и теорија и приказна за тоа, уметничкиот процес останува крајно неразбирлив.

повеќе

Што е потребно младите велешки занаетчии да не станат самоубиствени гемиџии, туку да ги тераат своите замисли напред.

повеќе

Брзата храна и газираните пијалоци се водечки причинители на прекумерна телесна тежина, која пак значително го намалува нашиот животен век и квалитет на живот.

повеќе