По 4 децении франшизата посилна од кога било

Сите филмови „Ѕвездени војни“, рангирани од најлош до најдобар

Не постои начин ова да се погоди. Секој обожавател има поинакво рангирање на филмовите „Ѕвездени војни“. На пример, сигурно некој таму мисли дека „Фантомска закана“ е најдобар. Но тоа не ги спречува обожавателите на „Ѕвездени војни“ да ги споредуваат своите рангирања. Секако, никој никогаш нема да се согласи со совршениот распоред од најлош до најдобар, но забавата е во споредбата, во дискусијата, во претворањето на пријателите во непријатели. Во тој контекст, листава подолу е апсолутно 100 отсто во право, а вашето е погрешно.

10. НАПАДОТ НА КЛОНОВИТЕ

Океј, да, значително ги намалија сцените со Џар Џар во овој втор приквел, но лошиот дијалог на Џорџ Лукас создаде апсолутно срамна централна романса.

Не помогна ни тоа што Хејден Кристенсен е комплетно неспособен да го извлече најдоброто од веќе лошата ситуација.

Ова е љубовта што го испрати Анакин Скајвокер по патеката на темната страна, која ја уништи рамнотежата на Силата - а сепак тука излегува како некоја очајна адаптација на евтина средношколска драма.


9. ФАНТОМСКА ЗАКАНА

И покрај воведувањето на Џар Џар Бинкс, „Фантомска закана“ има доволно квалитети за да се искупи и да дојде пред Епизода II.

Иако беше трагично малку искористен, Дарт Мол е можеби најдобриот негативец на „Ѕвездени војни“ по Дарт Вејдер.

Овој филм се состои од 50 отсто последната сцена на борбата со Мол и 50 проценти тркање, што го прави не толку посран филм.

 

8. СОЛО: ПРИКАЗНА ОД ЅВЕЗДЕНИ ВОЈНИ

Наместо да ја прошири митологијата на Хан Соло, „Соло“ избледнува еден од најомилените филмски ликови на сите времиња.

Да, има и лицемерство, брканици, борби со ласери, вообразено пилотирање, вонземјанско коцкање - сите работи што би ги очекувале од една приказна за Хан Соло. Но токму тоа е проблемот. Тоа е филм што прави многу малку напор за да ги надмине очекувањата - особено во споредба со храброто снимање на „Последниот џедај“.

„Соло“ е сосема просечен филм што се потпира на промашени референци кон оригиналниот серијал.

 

7. ВРАЌАЊЕТО НА ЏЕДАЈОТ

Неколку ситни погрешни чекори во „Враќањето на џедајот“ ја упатија франшизата „Ѕвездени војни“ во несреќен правец, кој сè уште не може да се среди.

Прво, тука се Евоците, слатките суштества што личат на кадифени мечиња, кои му се духовни предци на Џар Џар Бинкс (т.е. ликовите што Џорџ Лукас веројатно ги создал за да продава тракатанци).

Второ е повторувачкото раскажување, во кое има уште една Ѕвезда на смртта, каква што во основа видовме и 32 години подоцна. Плус, не можете да престанете да мислите на сите тие независни изведувачи убиени на полуизградената Ѕвезда на смртта или на фактот дека под маската на најголемиот негативец во историјата на филмот се наоѓа едно несмасно бело типче.

 

6. СИЛАТА СЕ БУДИ 

Со „Силата се буди“, Џеј Џеј Абрамс го направи невозможното. Тој го врати универзумот на „Ѕвездени војни“ на начин што не го уништи целосно интегритетот на франшизата. Уште поважно, тој се држеше до срцето на „Ѕвездени војни“, правејќи го наративот поинклузивен, поставувајќи цврста основа за нова трилогија и создавајќи цела една нова галерија солидни ликови.

Но тука е проблемот: тој толку кукавички се потпира на истите стари мотиви на „Ѕвездени војни“, што се добива чувство дека станува збор за рестартирана „Нова надеж“. Обемот на неоригиналноста тука е речиси непростлив, рамо до рамо со Ѕвезда на смртта 3.0.

 

5. РОУГ УАН

Ако ги занемариме дупките во сценариото, „Роуг уан“ треба да добие огромни заслуги што ѝ овозможи на оваа франшиза конечно да раскрсти со повторувањето. Ова е потемната страна на „Ѕвездени војни“, длабоко вкопана во воените ровови, и има цел да ги потенцира жртвите на бунтовниците.

Дали некогаш се случило Дизни да ги убие сите главни ликови? Никогаш! Плус, последната сцена, која совршено се поврзува со првата сцена на „Нова надеж“, веројатно е највозбудливиот ризик од „Ѕвездени војни“.

 

4. ОДМАЗДАТА НА СИТОТ 

По војните на клоновите некој конечно го научил нашето момче Хејден да глуми. Секако, тој не е добар, во ниеден случај, но барем не е деконцентрирачки лош. Убедени сме дека бил одбран за ликот само поради способноста да мачи и да убива деца.

Но тука Лукас заслужува признание за тоа што оваа нерамномерна приквел-трилогија ја поврза на задоволителен начин. Страста на предавството на Анакин, подемот на Империјата, уништувањето на џедаите - сето тоа е брутално изведено речиси до совршенство.

 

3. ПОСЛЕДНИОТ ЏЕДАЈ

Филмовите „Ѕвездени војни“ не се познати по комплексноста. Тие не треба да бидат мрачни или поларизирачки. Сакајте го или мразете го, Риан Џонсон направи филм што ги прави сите овие работи. Да, молзењето на вселенската крава и Казино-планетата беа лоши, но тие се исклучоци што може да се простат во инаку прекрасниот филм.

Ова е првиот филм во франшизата во кој доброто и злото постојат во спектар. „Последниот џедај“ ги истражува овие нијанси на моралот и психологијата на еден многу покомплициран начин од кој било претходен филм „Ѕвездени војни“. Ова е визуелно убаво средно поглавје што не го копира премногу „Империјата го возвраќа ударот“ и го избегнува повторувањето во „Ѕвездени војни“ како целина.

 

2. НОВА НАДЕЖ

Ова е филмот што засекогаш ја промени поп-културата.

Ако „Ѕвездени војни“ завршеа тука, тоа сепак ќе се сметаше за еден од најголемите филмови во историјата на филмот. Сепак „Ѕвездени војни“ почна франшиза што четири децении подоцна е посилна и поголема од кога било.

Само почетната сцена - со лазењето на буквите и Ѕвездениот уништувач и музиката на Џон Вилијамс - е една од најлегендарните филмски моменти на сите времиња.

 

1. ИМПЕРИЈАТА ГО ВОЗВРАЌА УДАРОТ

„Империјата го возвраќа ударот“ живописно ги доловува љубовта, загубата, болката и стравот - дури и за дете што не ги познава овие емоции. (Речениците како „Знам“ и „Јас сум ти татко“ ни се засекогаш врежани во умовите.)

Ликовите како Хан, Леа и Лук го претставуваат најдоброто од нас. Тие не беа само херои, тие беа, за толку многу милиони луѓе, луѓе од вистинскиот живот што можеа да почувствуваат болка, страв или несигурност. Овој филм ги впушта овие ликови низ неверојатно тешки предизвици, но сепак секогаш постои надеж, сè до извонредната крајна слика на Лук, Леа, Ар-Ту-Ди-ТУ и Си-Трипио кога гледаат како Милениумскиот сокол одлетува во потрага по Хан.

Ова го претставува тоа што може да го направи еден совршен филм „Ѕвездени војни“ и се надеваме дека некогаш Дизни и Лукасфилм повторно ќе го направат.

Храбрите лидери можат да успеат со порака за надеж, отвореност и инклузивност и со промовирање на визија за напредок заснована на веродостојни реформи.

повеќе

Кога панаѓурот ќе помине, и кога наредното утро ќе се погледнете во огледало – сите работи што ве прават незадоволни од самите себеси и понатаму ќе бидат видливи: и изгледот, и навиките, и карактерот... Само идентитетот ќе ви го нема.

повеќе

Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција, доколку биде ратификуван, ќе влезе во аналите на историјата на дипломатијата.

повеќе