Фокс њуз

„Никој не го обвинува Мет Дејмон за сексуално малтретирање, но одеднаш тоа не е важно. Така умира разумот“

„Го сакаат речиси сите со кои соработувал, дава многу во добротворните организации и десетици години е женет со истата жена, со која има четири ќерки. Никој него не го обвинува за сексуално малтретирање, но одеднаш, тоа не е важно. Кариерата на Мет Дејмон сега е во опасност.“

Водителот на Фокс њуз Такер Карлсон во петокот застана во одбрана на глумецот Мет Дејмон, кој беше нападнат поради неговите коментари дека сексуалното вознемирување треба да се гледа поинаку од сексуалниот напад.

Во уводот на неговата петочна вечерна емисија „Такер Карлсон вечерва“, водителот на Фокс њуз го нарече гневот кон Дејмон „застрашувачки“ и „расипувачки“, додавајќи дека „тука умира разумот“.

„Нема еден единствен став во целиот тој пасус што не може да се одбрани или за кој 90 отсто од американската популација ќе смета дека е претеран или срамен“, рече Карлсон, осврнувајќи се на коментарите на Дејмон. „Сето тоа е во рамките на пристојното, или барем такво ќе беше лани.“

Дејмон беше гневно нападнат откако минатата недела за Еј-би-си њуз изјави дека сексуалното вознемирување, како што е „тапнувањето некого по задник“, е поинакво од силувањето и дека двете постапки не треба да се мешаат.

„Со обете постапки несомнено треба да се соочиме и да ги искорениме, но не треба да ги мешаме“, рече тој.

„Живееме во некоја култура на гнев и повреди“, додаде Дејмон. „Знаете, ќе мора да се сепнеме доволно за да си кажеме, 'Чекај малку. Никој од нас не е совршен.'“

Дејмон го бранеше комичарот Луи Си Кеј за тоа што се задоволувал пред жени, велејќи дека неговите постапки се помалку лоши од некои од другите случаи на сексуално изопачено однесување.

„Не го знам Луи Си Кеј, никогаш не сум го запознал. Обожавател сум му, но не мислам дека повторно ќе ги прави тие работи. Знаете што мислам? Мислам дека цената што тој ја плати досега е толку претерана... едноставно мислам дека ќе мора да почнеме да ги разграничуваме тие постапки“, рече Дејмон.

Карлсон се согласува со тоа.

Водителот, кој често критикува славни личности со политички ставови, рече дека Дејмон е неправедно казнет.

„Запрашајте се, и бидете искрени, со колку од тоа вие не се согласувате?“, праша тој во петокот. „Колку од тоа е говор на омраза или неморално или на некој друг начин надвор од дозволеното? Ништо од тоа? Токму така.“

„Бидејќи на неколку твитер-корисници не им се допаѓа, ние другите мора да се преправаме дека Мет Дејмон некако е виновен за нешто страшно“, рече Карлсон. „А ако не се преправаме, и нас самите може да нè гледаат како соучесници во некакви злосторства што тој наводно ги извршил и да бидеме принудени да ја делиме неговата казна. Тоа е ужасно и тоа е расипувачко. Така умира разумот“.

„Во местото каде што Харви Вајнстајн долго време се сметаше за морален лидер, Мет Дејмон се издвојува“, тврди Карлсон истакнувајќи го Дејмон поради неговиот семеен и филантропски живот.

„Го сакаат речиси сите со кои соработувал, дава многу во добротворните организации и десетици години е женет со истата жена, со која има четири ќерки. Никој него не го обвинува за сексуално малтретирање, но одеднаш, тоа не е важно. Кариерата на Мет Дејмон сега е во опасност.“

Карлсон објасни дека над 20.000 луѓе во петиција бараат Мет Дејмон и со глас и со лик да биде отстранет од филмот „Оушновите 8“, кој веќе е снимен, а други бараат да не му се даваат улоги во идни филмови.

„Што точно направи Мет Дејмон за толку темелно да си ја уништи кариерата за толку кратко време?“

Карлсон покажа со прст и кон социјалните медиуми поради ваквиот вид „владеење на толпата“, што ги принудува луѓето, вклучувајќи ги и медиумите, да се приспособуваат на нивните барања.

Тој ја посочи глумицата Роуз Мекгауен како пример за бурата што се крена во најголем дел поради нејзините следбеници на социјалните медиуми.

„Глумицата Роуз Мекгауен им нареди на медиумите да престанат да го користат зборот 'наводно' кога ги опишуваат тврдењата за сексуално малтретирање. Со други зборови, сите обвинети се виновни“, додаде Карлсон. „Ако го негирате тоа, и вие сте виновни. Чудно, речиси никој во медиумите не крена глас против барањето на Роуз Мекгауен. За кратко време можеби и ќе треба да ја послушаат. Таа има речиси еден милион следбеници на Твитер. Од неа зависи сè.“

На Твитер, пак, членови на движењето #MeToo (И мене), односно луѓе што прозбореа против сексуалното вознемирување и нападите, реагираа на интервјуто на Дејмон.

„Ние не сме згрозени затоа што некој нè фатил за газ на слика. Згрозени сме затоа што нè натераа тоа да ни биде нормално. Згрозени сме затоа што нè натераа да се сомневаме во сопствениот разум. Згрозени сме затоа што толку долго бевме замолчени“, напиша актерката Алиса Милано во отвореното писмо до Дејмон.

Во онлајн-петицијата со која се бара актерот да биде отстранет од претстојниот филм „Оушновите 8“ се вели дека неговото вмешување ќе ја „тривијализира сериозната природа“ на наводите за сексуално малтретирање.

Во петицијата се наведуваат обвинувања дека Дејмон се обидел да ја згасне приказната на Њујорк тајмс во 2004 година во која се наведуваат обвинувања за сексуално малтретирање против холивудскиот магнат Харви Вајнстајн и Фабрицио Ломбардо, поранешниот оперативен шеф на Мирамакс во Италија.

Македонија сѐ повеќе заглавува во сиромаштија чија стапка изнесува скоро 22 отсто од вкупното население, речиси една третина од децата живеат во сиромаштија.

повеќе

Дали поновите, посјајните и посложените нешта автоматски значи дека се подобри? Всушност, најчесто вистината е спротивна на тоа.

повеќе

Сознанијата за степенот на местенки во судството неминовно го наметнува прашањето дали има местенки и во високото образование.

повеќе