Најшокантните теории за белите одачи од „Игра на престолите“

И покрај обемните факти, историја, теории, пророштва, книги и епизоди за универзумот на „Игра на престолите“, ние не знаеме ништо за нејзините централни негативци.

Искрено, дали може дефинитивно да одговорите на основните прашања во врска со белите одачи? Како на пример: кои се тие? Што сакаат? Зошто се вратија сега? Кои се нивните способности? Кој, по ѓаволите, е Ноќниот крал?

Некои можеби мислат дека одговорот е едноставен: белите одачи се злобни. Но тоа е спротивно на начинот на кој творецот Џорџ Р. Мартин ја гледа оваа фантастична приказна.

„Не ни треба ништо повеќе, 'Еве ги добрите момци, тие се во бело, ете ги лошите момци, тие се во црно: освен тоа, тие се навистина грди'“, рече тој во интервју за Асајнмент икс за вообичаената поделба добро наспроти зло во секоја друга имитација на „Господарот на прстените“. За Мартин, „негативецот е херој на другата страна“.

Обожавателската орда на „Игра на престолите“ со години го напрегнува својот колективен мозок во обид да ги вклопи „лошите грди момци“ (т.н. бели одачи) во овој светоглед. А сè што им паѓа на памет е шокантно.

Нема сомнеж дека белите одачи се многу повеќе од она што ние го гледаме.

И сега, кога војната против мртвите конечно е пред нас, поважно од кога било е да се обидеме да го разбереме овој таинствен непријател.

 

Прво, кој и што точно се белите одачи?

Да биде јасно, белите одачи се поинаков вид од неживите суштества. Мозоците на оние костурски неживи зомбиња (било луѓе, било мечки) всушност се мрежно поврзани со белите одачи, кои ги оживуваат со ледена магија.

Мартин ги опишува „другите“ (или белите одачи) како „чудни, прекрасни... нечовечки, елегантни, опасни“ суштества што имаат „поинаков вид живот“. За разлика од безумните живи мртовци, тие се интелигентни и имаат свои мотиви, воени стратегии, ритуали, па дури и јазик, кој звучи како „пукање мраз на зимско езеро“.

Во шестата сезона дознавме дека децата на шумата, всушност, го создале Ноќниот крал како оружје за борба против агресивните луѓе, прободувајќи му го срцето со змејско стакло потпрен на божјо дрво.

Една сцена од третата сезона покажува дека белите одачи создаваат други бели одачи со допирање на еден од синовите на Крастер (исто така поинаку од живите мртовци).

Додека многу легенди велат дека белите одачи доаѓаат само во зима, доказите сугерираат дека тие всушност се самата зима. И змејовите и белите одачи се чинат поврзани со временските услови во светот, со тоа што змејовите се поврзуваат со подолгите лета, а дејствата на белите одачи со себе носат студенило и долги ноќи.

 

Стратегијата на белите одачи

Во оваа сезона многумина ја доведоа во прашање стратегијата на белите одачи. Мислам, колку долго тие маршираат на југ - сега веќе околу шест сезони?

Е па прво, како бесмртни суштества, белите одачи не размислуваат за времето како ние.

Второ, режисерот на финалето на седмата сезона, Џереми Подесва, за Машејбл рече дека „дури сега, откако насобраа бројки во разните битки и создадоа уште повеќе живи мртовци, сега има армија што што навистина може да направи нешто“. Исто така, „ледениот змеј им беше пресвртен играч, бидејќи Ѕидот пред тоа беше непробоен“.

Некои дури шпекулираат дека целата епизода „Зад Ѕидот“ била стратегиска стапица поставена за Дени, за да се дограбат до едно од нејзините бебиња.

 

Првата Долга ноќ

Но ова не е прв пат белите одачи да маршираат на југ.

Легендата вели дека Долгата ноќ била најстрашната зима во историјата, која траела цела една генерација пред илјадници години. Кога белите одачи се спуштиле надолу, тие убиле сè што им се нашло на пат, од мажи до мамути, па дури и децата на шумата.

Кога останале само неколкумина од живите, приказните велат дека првите мажи и децата се здружиле. Потоа, некако, еден лик наречен Последниот херој ги победил белите одачи, испраќајќи ги назад на север - иако деталите за овој пораз отсекогаш биле нејасни. По ова, еден Старк по име Брендон го изградил Ѕидот и ја создал Ноќната стража за да осигури дека тие никогаш нема да се вратат.

Но легендите на Долгата ноќ не се однесуваат ексклузивно на Вестерос.

Источната религија на Мелисандра е концентрирана околу Р'лор, Господарот на светлината, кој го поразил Големиот друг (богот на мразот и смртта) и ветил дека ќе се врати во иднината како Азор Ахаи за повторно да го заштити кралството од темнината.

Слични приказни дури стигнуваат и до Соториос, најоддалечениот континент од познатиот свет. Во кралството Ји Ти (по моделот на Кина), во исто време со Ѕидот била создадена структура наречена „Пет тврдини“, со цел да се заштитат луѓето од „Демоните на Ноќниот лав“.

Или така барем велат приказните.

Зашто Џорџ Р.Р. Мартин честопати сака да ги потсетува своите читатели дека античките легенди, историјата и религиите се екстремно сомнителни. Фактите се преработуваат и се искривуваат според пристрасноста на победниците.

Или, во случајот на белите одачи, вистината се чини дека целосно се загубила.

 

Значи што навистина се случува?

Има многу навестувања (вклучувајќи и потврда од самиот автор) дека овие приказни за белите одачи се лаги. Тука стапуваат на сцена детективските шпекулативни вештини на обожавателите.

Една од најпопуларните теории за белите одачи предлага една сосема поинаква перспектива на овие настани, која би била многу посоодветна на „горчливо-слаткиот“ крај што Мартин им го вети на обожавателите.

Еве ја суштината на теоријата (иако препорачуваме да го прочитате целиот пост на Редит за да ги видите сите докази): белите одачи не се тие што ја почнале оваа војна против живите. По неколку милениуми мртва тишина, тие повторно се враќаат да маршираат на југ поради страв и гнев од тоа што луѓето го прекршиле древниот договор што всушност ѝ ставил крај на првата Долга ноќ.

Условите на договорот биле едноставни: белите одачи ќе си кулираат во Земјата на вечната зима ако луѓето ги остават на раат и ветат дека никогаш повеќе нема да ја користат огнената магија (како змејското стакло и валирискиот челик) против нив. О, а гарант можело да се изнудат ветувања за редовни човечки жртви.

Наместо Ѕидот да е изграден од еден ситничок Старк, во оваа верзија на настаните белите одачи се тие што го градат џиновскиот леден ѕид (што не е нешто неверојатно). Тој бил изграден не за тие „да не можат да го поминат, туку за да ја обележат својата територија и да се заштитат од... огнената магија на југ“.

(Ова не објаснува баш зошто Ѕидот претходно беше непробоен за нив, но ниедна теорија не е совршена.)

Во меѓувреме, „Последниот херој“, кој наводно се појавил и самостојно ги победил бесмртните ледени богови, не бил ништо повеќе од дипломат што го испреговарал договорот. Договор што, како и многу други сојузи во „Игра на престолите“, бил запечатен со брак.

Фасцинантно, книгите раскажуваат една легенда позната како „Кралот на ноќта“ (збунувачки, тој не е истиот лик со „Ноќниот крал“ во серијата): еден од најраните главни заповедници - кој веројатно бил Старк - се оженил со убавата „мртва кралица“ зад Ѕидот, и ја владеел Ноќната стража на Ѕидот, надгледувајќи ја границата што ги одвојува луѓето од другите.

И покрај фактот дека досега не сме виделе женски бел одач, сојузот меѓу луѓето и одачите сигурно не е без преседан.

 

Што сакаат белите одачи сега

Не заборавајте: белите одачи почнаа да маршираат против луѓето дури откако се родија змејовите на Дени. И тие ја видоа црвената комета на небото во втората сезона, и би знаеле дека тоа е сигнал за враќање на огнената магија.

Ова конечно изневерување на договорот што луѓето го заборавиле пред цели еони можеби било последната капка. Дотогаш тие само ги убиваа дивјаците и „враните“ што ќе се приближеа до нивната област.

Со исклучок на Крастеровиот дивјачки логор со неговите ќерки-сопруги од втората сезона. Крастер ги почитуваше белите одачи како богови, а не како демони. Тој им даваше човечки жртви и на тој начин беше поштеден и покрај тоа што не ги почитуваше правилата од нивниот древен договор.

Ова докажува дека белите одачи навистина се суштества со кои може да се преговара. И, од нивната перспектива, тие комотно може да ги гледаат живите како закана за нивниот начин на живот. И навистина, луѓето веќе ги збришаа речиси сите други магични суштества јужно од ѕидот.

Многу обожаватели ги гледаат белите одачи како сила што сака да ја врати рамнотежата меѓу ледената и огнената магија во светот.

Бидејќи, како што вели теоријата, луѓето „покажаа дека не може да им се верува дека нема да грабаат од територијата на Другите и да си играат со огнената магија и да ризикуваат да го уништат светот, па така Другите дојдоа да ги уништат нив - не од чиста, бесмислена злоба... но поради нагонот за преживување. Другите веруваат дека го спасуваат светот од луѓето, кои, ако не бидат проверувани, ќе го уништат.“

 

Зошто Џон е клучот

Ако легендите се точни и ако Ноќниот крал всушност бил Старк, тоа може да значи дека, како можни кралеви на зимата што го склопиле договорот што ја завршил Долгата ноќ, Старкови имаат иста крв со белите одачи.

Ова би објаснило многу работи: а) зошто тие делат голем дел од истите вештини (влегување во други тела, визии, отпорност на студ), б) фасцинираноста кај белите одачи од Брен и Џон, и в) семејниот слоган „Зимата доаѓа“. Тоа не било предупредување. Тоа било наменето да ги потсети сите на нивниот древен договор и на магичните предци на Старкови.

Ако сето ова ви звучи претерано, потсетете се дека за Таргериени („огнот“ во оваа Песна за мразот и огнот) се вели дека имаат змејска крв, имаат телепатска врска со змејовите и се отпорни на оган.

Финалето на седмата сезона, исто така, нè потсети дека Џон е буквално олицетворение на мразот и огнот, како комбинација од старковската (мраз) и таргериенската (оган) крв. Тој, исто така, е единствената личност во светот со искуство во мировни преговори меѓу завојуваните фракции северно и јужно од Ѕидот.

Некои веруваат дека Џон можеби ќе стане новиот Ноќен крал за да се обезбеди мир. Други шпекулираат дека синовите на Крастер може да бидат претворани во бели одачи (за разлика од другите дивјаци) бидејќи неговиот „татко-врана“ всушност бил Старк или Таргериен со магична крв.

Сепак, други шпекулираат дека белите одачи сега бараат нова мртва кралица, за да можат да се репродуцираат природно без да им требаат човечки жртви. (Ние гласаме за Серсеи, кој веќе е доста ледена.)

Или, наједноставно од сè, Ноќниот крал можеби само сака да им се одмазди на децата на шумата, кои ги претвориле во бесмислени чудовишта - и на светот што ги отфрлил.

Без оглед на сè, додека белите одачи остануваат фасцинантно непознати и тешки за дешифрирање, едно е неоспорно. Ние ја немаме чуено целата приказна.

Но, за среќа и за несреќа, единствениот што може да ја раскаже приказната сега лета на југ за да го принуди целиот свет да се соочи со вистината.

Извор: Машејбл

Тоа е нашата политичка наивност- да се верува дека правото е семоќно орудие во разрешавањето на сите проблеми. А каде е моралната, политичката, социјалната, психолошката страна на проблемите? 

повеќе

Премолчувањето на јавнот интерес во законските решенијазначи изостувањето на клучниот критериум за оправданоста на концесиите на добрата од општ интерес.

повеќе

Фатени на дело во многу  кражби, сите праведни граѓани на оваа земја беа убедени дека на арамиите ќе им се суди по примерот на Жан - по кратка  постапка.

повеќе