НАГРАДИ НА АМЕРИКАНСКАТА АКАДЕМИЈА ЗА ФИЛМСКА УМЕТНОСТ И НАУКА

„Месечина“ најдобар филм, шест Оскари за „Ла ла ленд“ (ФОТО+ВИДЕО)

Актерските награди, главно како што и се очекуваше, отидоа кај Кејси Афлек (Манчестер на море) и Ема Стоун (Ла ла ленд) за главни улоги, и кај Махершали Али (Месечина) и Виола Дејвис (Огради) за споредни улоги.

 

Мјузиклот „Ла ла ленд“ освои шест Оскари на 89-тите награди на Американската академија за филмски уметности и науки: за режија, за најдобра глумица, фотографија, музика, песна и сценографија, но филмот „Месечина“ е прогласен за најдобар филм.

Во речиси совршеното доделување на крајот, сепак, се случи голем гаф: Ворен Бити, кој со Феј Данавеј ја доделуваше наградата за најдобар филм, погрешно прочита дека добитник е „Ла ла ленд“. И додека режисерот Дејмиен Шазел и екипата ги држеа своите говори, еден член на Академијата ги прекина и им рече дека настанала грешка и дека „Месечина“ е најдобар филм.

Тогаш Ворен Бити објасни дека добил плик со името Ема Стоун и филмот „Ла ла ленд“, па се збунил и застанал, и Феј Данавеј го прочита „Ла ла ленд“ како најдобар филм.

Режисерот Бери Џенкинс и екипата на „Месечина“ прво не можеа да поверуваат што се случува, но на крајот, како што рече Џенкинс, сè испадна „како во најлудите соништа“.

„Месечина“ освои вкупно три Оскари: за филм, споредна машка улога (Махершала Али) и адаптирано сценарио. По две награди зедоа филмовите „Манчестер на морето“ (главен глумец и оригинално сценарио) и „Гребен на спасот“ (монтажа и микс на звукот).

Дејмиен Шазел (32) стана најмладиот режисер во историјата што добил Оскар.

Дејмиен Шазел

Актерските награди, главно како што и се очекуваше, отидоа кај Кејси Афлек (Манчестер на море) и Ема Стоун (Ла ла ленд) за главни улоги, и кај Махершали Али (Месечина) и Виола Дејвис (Огради) за споредни улоги.

Кејси Афлек

Дејвис одржа еден од најтрогателните говори на вечерта, кој дури ни оркестарот не „смееше“ да го прекине:

„Има едно место каде што се собрани сите луѓе со најголем потенцијал. Тоа се гробиштата. Луѓето секогаш ме прашуваат, какви приказни сакаш да раскажеш, Вајола? А јас им велам, ексхумирајте ги тие тела. Ексхумирајте ги тие приказни. Приказни за луѓе што сонувале големи соништа и никогаш не доживеале да им се остварат. Луѓе што се заљубувале и страдале. Јас станав уметник бидејќи ние сме единствената професија што го слави она што значи да се живее животот. Ова е за Огаст Вилсон, кој ги ексхумираше и издигнуваше обичните луѓе... Фала им на луѓето што ме научија што е добро, а што е лошо, како да паднам, како да сакам, да држам награда, како да губам: на моите родители. Благодарна сум му на Бога, кој ве избра вас да ме донесете на светот. На мојата сестра Делорис, која е тука, која со мене си играше богати белкињи што прават чајанка. Ти благодарам за фантазијата.“

Вајола (51) е четвртата жена што ја добила театарската награда „Тони“ за улога во исто дело. Таа и Дензел 114 пати глумеа во театарската претстава „Огради“ на Бродвеј пред тој да ја адаптира за филм и да го режира.

Вајола Вилсон

Наградата за најдобар странски филм ја доби „Трговски патник“ на Асгар Фархади, режисерот што беше најпознатата жртва на Трамповата забрана да влезат во САД граѓани од шест муслимански земји. Тој, всушност, не сакаше да отпатува во Америка за предоскаровските настани, ниту да присуствува на церемонијата на доделување награди, иако Врховниот суд ја суспендираше одлуката на Трамп. Неговата порака ја прочита американска ИТ-инженерка со ирачко потекло Ануше Ансари.

„Голема чест е што ја добивам оваа награда по втор пат. Жал ми е што не сум со вас вечерва. Моето отсуство е знак на почит кон луѓето од мојата и од уште шест земји, кои се понижени со нечовечкиот закон за забрана на влез на имигранти во САД. Поделбата на светот на категориите „ние“ и „нашите непријатели“ создава страв. Ова е лажно оправдување за агресија и војна. Тие војни ја спречуваат демократијата и човековите права во земјите што и самите се жртви на агресија. Филмските автори може да ви вперат своите камери и да ги уловат заедничките човечки квалитети и да ги срушат стереотипите за различни националности и религии. Тие создаваат емпатија помеѓу нас и другите. Емпатија што денес ни е попотребна од кога било“, беше пораката на Фархади.

Најдобар документарен филм е речиси 8 часа долгиот „O Џеј: Произведено во Америка“ на Езра Еделман за Џеј О. Симпсон, поранешната рагби-ѕвезда подоцна обвинет (и ослободен) за убиство на сопругата и нејзиниот љубовник, кој во моментов е во затвор за ситни прекршоци.

Најдобар анимиран филм е „Зоотрополис: Град на животните“.

„Благодарни сме ѝ на публиката во целиот свет, која го прифати Овој филм и неговата приказна за тоа како толеранција е посилна од стравот од другиот“, рече корежисерот Рич Мур.

Орландо фон Ајснајдел, режисер на наградениот краток документарен филм „Белите шлемови“, рече дека одлучил да го сними кога на вести видел видеоснимка со двонеделно бебе шест часа заробено во бомбардирана зграда во Сирија. Белите шлемови се млади луѓе на просечна возраст од 22 години, обични Сиријци - ковачи и кројачи - кои ги ризикуваат своите животи за да ги спасат туѓите. Тој прочита порака од еден од момците од оваа спасувачка служба:

„Спасивме повеќе од 82.000 цивили. Ги повикувам сите што ме слушаат да работат на животот, да го запрат крвопролевањето во Сирија и во целиот свет.“

Некои ѕвезди носеа сина лента во знак на поддршка на Американската унија за граѓански слободи, поточно кон оние во првите редови - во судовите, правните услуги и на улиците - што работат на зачувување на граѓанските слободи и трајните вредности во САД.

За разлика од претходните години, 89-тото доделување на Оскарите почна со песна и игра, односно со првата номинирана оригинална песна „ Can't Stop the Feeling“ во изведба на Џастин Тимберлејк.

Водителот Џими Кимел беше многу забавен и помалку политичен отколку што се очекуваше. Додуша, спомна дека доделувањето се емитува во 225 земји „што сега нè мрзат“ и му се заблагодари на Трамп затоа што минатата година „Оскарите се сметаа за расистички, но веќе не, благодарение на него“. Во текот на вечерта во живо му твитуваше на претседателот, прашувајќи го дали е буден.

На француската глумица Изабел Ипер ѝ порача:

„Драго ми е што те пуштиле граничните агенти. Ние тука во Холивуд срдечно ги пречекуваме аутсајдерите. Ние не ги дискриминираме луѓето врз основа на земјата на потекло. Ние ги дискриминираме само врз основа на возраста и тежината.“

Во еден момент Џими Кимел „сврте“ еден туристички автобус што води тури кај домовите на познати жители на Холивуд и внесе неколку туристи токму во театарот Долби. Шокираните туристи се сретнаа со Никол Кидман, Дензел Вашингтон, Мерил Стрип, Хали Бери, Рајан Гослинг, Ема Стоун, Џенифер Анистон..., а еден пар свршеници дури доби и официјално „ве прогласувам за маж и жена“ од својот омилен глумец Дензел Вашингтон.

Кимел во два наврати ја нахрани публиката со слатки во пакетчиња што паѓаа од таванот како падобрани. Иако за време на церемонијата доби пофалби на Твитер од своите колеги, на крај рече дека „уплескал сè“ со збрката околу наградите за најдобар филм. Останува да видиме дали тоа ќе го чини водителска улога на церемонијата следната година.

 

Листа на победници

Филм - Ла ла ленд

Режија - Дејмиен Шазел (Ла ла ленд)

Главна глумица - Ема Стоун (Ла ла ленд)

Главен глумец - Кејси Афлек (Манчестер на море)

Оригинално сценарио - Манчестер на море - Кенет Лонерган

Адаптирано сценарио - Месечина - Бери Џенкинс и Тарел Алвин Мекрејни

Споредна женска улога - Вајола Дејвис (Огради)

Споредна машка улога - Махершала Али (Месечина)

Документарен филм - O Џеј: Произведено во Америка, во режија на Езра Еделман.

Странски филм - Трговски патник (Иран), во режија на Асгар Фархади

Анимиран филм - Зоотрополис: град на животните (Зоотопија), во режија на Бајрон Хауард, Рич Мур и Кларк Спенсер

Монтажа - Гребен на спасот - Џон Гилберт

Фотографија - Ла ла ленд - Линус Сандгрен

Костим - Фантастични ѕверки и каде да ги најдете - Колин Атвуд

Сценографија - Ла ла ленд - Давид Цаско и Сенди Рејнолдс Васко

Шминка и фризури - Одред на отпишаните - Алесандро Бертолаци, Џорџо Грегорини и Кристофер Нелсон

Музика - Ла ла ленд - Џастин Хурвиц

Песна - Град на ѕвездите (City of stars), Ла ла ленд - Џастин Хурвиц (музика), Бенџ Пасек и Џастин Пол (текст)

Визуелни ефекти - Книга од џунглата - Роберт Легато, Адам Валдес, Ендрју Р. Џонс и Ден Лемон

Монтажа на звук - Пристигнување - Силвен Белмар

Микс на звук - Гребен на спасот - Кевин О'Конел, Енди Рајт, Роберт Мекензи и Питер Грејс

Краток анимиран филм - Пипер, режија: Алан Бариљаро и Марк Сондхајмер

Краток документарен филм - Бели шлемови, во режија на Орландо фон Ајснајдел

Краток игран филм - Синг, во режија на Кристоф Деак и Ана Урвади

Без оглед дали сте поддржувач или противник на претходната власт, не можете да оспорите дека таа постави сосема нови стандарди во поглед на мерките, напорите и вложувањата за да се привлечат странски инвестиции, за наши услови. 

повеќе

Ако лидерите на двете најмоќни земји во светот – САД и Кина имаат суштински разлики во начинот на кој тие гледаат на меѓународните односи, какви се изгледите за глобално зајакнување на соработката?

повеќе

Најновите случувања на релација политичка власт-граѓански сектор, повторно го отвораат прашањето за односите помеѓу овие два сегмента на општествениот живот.

повеќе