ИНДЕКС

Која бившојугословенска држава има најголеми фаци во Холивуд? (ФОТО+ВИДЕО)

Натпреварот меѓу државите од поранешна Југославија добива разни облици, а еден од нив секако е одмерувањето на силите во дисциплината „кој има најголеми фаци во Холивуд“.

Тоа најчесто го гледаме кога Хрватите и Србите ќе почнат трескавично да си присвојуваат ѕвезди што веројатно никогаш не изговориле ниеден збор за татковината што е толку горда со нив.

Хрватите, на пример, обожаваат да се повикуваат на Ерик Бана (Банадиновиќ, да не заборавиме), иако глумецот своето „големо“ хрватство го споменува само попат, а остатокот од светот главно го гледа како австралиски глумец. Од друга страна, пак, Србите истото го прават со Мила Јовович, која исто така никогаш не се фалела со своето српство, уште повеќе што Мила подеднакво би можеле да присвојуваат и Црногорците и Русите и Украинците.

Индекс направил преглед на регионалните ѕвезди во Холивуд, и иако некои од долунаведените глумци се тешки за „вбројување“ (бидејќи за нивната припадност на некое од „племињата“ не му е гајле на никого освен на луѓето од овие простори), поентата на статијата не е да се игра на ниски страсти и да се присвојуваат или да се отфрлаат глумците, туку да се укаже на тоа колку всушност се успешни глумците од поранешна Југославија... И кој народ одиграл најмногу споредни улоги на руски мафијаши.

 

Хрватска

Без сомнение Раде Шербеџија (хрватски глумец со српско потекло), Бранко Лустиг и Горан Вишњиќ.

Шербеџија можеби е првиот човек чиј број ќе го свртат агентите кога треба да се игра руски терорист/мафијаш/генерал/научник, но ако се соберат на едно место сите странски филмови во кои се појавил, станува збор за прилично импресивна листа.

Прво, има соработувано со легенди како Клинт Иствуд (Вселенски каубои) и Стенли Кјубрик (Очи широко затворени), а работата со големиот Кјубрик е доволна за кариерата да ви се нарече успешна. Дури и ако сте се појавиле како еден од маскираните статисти во сцена со оргии.

Тој се појави во „Бетмен“, „Снеч“, „Невозможна мисија“, „Хари Потер“, „Тивкиот Американец“, „Икс-мен“, во култната серија „24“, „ЦСИ: Мајами“, се замери до Лиам Нисон во „96 часа“, а стана и експерт за Анџелина Џоли, па новинарите го дават секогаш кога сакаат да проверат што мисли Енџи... За што било.

Бранко Лустиг работеше со легенди и тоа на некои од нивните најдобри филмови. Алан Џ. Пакула, Стивен Спилберг и Ридли Скот се врвни референции, а двата Оскари му се апсолутен врв.

Горан Вишњиќ е „дете“ во споредба со првите двајца, но од крајот на деведесеттите години тој сними пристоен број филмови како „Ледена доба“, „Спартак“, „Девојчето со тетоважа на змеј“, „Советникот“ (иако тоа беше мала улога во најлошиот филм на Ридли Скот, но сепак) и низа сосема пристојни серии.

Не смееме да ја заборавиме и Мира Фурлан, која се појави во „Вавилон 5“ и „Загубени“, а ѝ го позајми гласот на суперхероината Силвер Сејбл во анимираната серија „Спајдермен“ од деведесеттите.

Од друга страна, тука се и „големиот Хрват“ Ерик Бана, Ивана Миличевиќ, Џон Малкович...

Босна и Херцеговина

Босна и Херцеговина можеби нема куп „силни имиња“, но го имаат оскаровецот Данис Тановиќ, чиј одличен филм „Ничија земја“ во 2001 година ја освои златната статуетка за најдобар странски филм.

Еден од најпознатите е, секако, актерот Велибор Топиќ. Мостарецот со адреса во Лондон имаше низа одлични улоги, големиот и малиот екран ги делеше со големи имиња како Бред Пит, Бенисио дел Торо, Џејсон Стејтам, а работеше и со Ридли Скот, кој очигледно има симпатии кон луѓето од овие области. Неодамна го гледавме во мошне забавниот „Кингсмен: тајната служба“ со Колин Фирт и Семјуел Л. Џексон.

Тука е и Един Галијашевиќ алијас Един Гали, кого го гледавме во одличната серија „Луди луѓе“ (за која освои Еми за најдобра споредна улога), „Нова девојка“, а глумеше и во „Фурија“ со Бред Пит и Шиа ЛаБуф. Во суштина, тој има само 24 години и пред него е блескава иднина.

 

Словенија

Едвај ископавме некој поважен Словенец во Холивуд, вели Индекс, и Дежела има едно многу силно име - Жељко Иванек.

Сега, Словенците во овој случај може лесно да „завојуваат“ со Србите (иако тук-таму го присвојуваат и Хрватите) или да се помират со тоа дека ќе го делат. Сеедно, она што е важно во овој случај е дека се работи за одличен глумец.

Неговата телевизиска филмографија (Американците, Загубени, Голема љубов, Куќа, Вистинска крв, Џон Адамс, 24, Оз, Али Мекбил) е импресивна како и филмската (Арго, Догвил, Ханибал, Блек хок даун, Во Бриж, Борновата оставнина, Дони Браско), а за улогата во „Штети“ освои и Еми.

Потоа - Славој Жижек. Иако не е глумец ниту режисер, документарците на Софи Фајнс според неговите книги „Водич на перверзникот за киното“ и „Водичот на перверзникот за идеологијата“ ниеден вистински филмски обожавател не треба да ги пропушти.

 

Црна Гора

Снимателот Бојан Базели е првиот „холивудски Црногорец“ на кој наишол Индекс, а тој може да се пофали со работата на цела низа популарни филмови како што се „Господинот и госпоѓата Смит“, „Рокот на вековите“, „Спреј за коса“, одличниот „Калифорнија“, „Прстенот“ и „Осамениот ренџер“.

 

Македонија

Од македонските „холивудци“ најдовме само едно име, но станува збор за силно име, пишува Индекс.

Тој е Милчо Манчевски, режисер, сценарист, фотограф и уметник од Скопје, со адреса во Њујорк. Станува збор за уште еден ексЈугословен со номинација за Оскар. Всушност, неговиот „Пред дождот“ од 1994 беше номиниран во категоријата за најдобар странски филм, а истата година тој го освои Златниот лав во Венеција.

Њујорк тајмс неговиот филм го вброи на листата на илјада најдобри филма на сите времиња.

Тој го режираше и спотот за големиот хит на Арестед дивелопмент, „Tennessee“.

 

Србија

И, за крај, најголемата конкуренција на Хрватска на оваа листа. Барем по бројот на учесниците, вели порталот.

За почеток, Србите ја имаат легендата Питер Богданович, или Петар Богдановиќ, режисер, сценарист, глумец, продуцент, критичар и филмски историчар, кој зад себе ги има култните „Последната кинопретстава“, „Што има, док“, „Дејзи Милер“, „Маска“ и одличниот документарец „Бркав еден сон“. Тој се појави и во серија култни филмови.

Лолита Давидович ја делат Србите и Словенците, а од осумдесеттите години се појави во серија популарни филмови и серии (ЏФК, Коб, Богови и чудовишта, Монк, ЦСИ, Скроти го ентузијазмот итн.)

Емир Кустурица го режираше „Аризона дрим“ и го ангажираше Џони Деп во времето кога стануваше сè поголема ѕвезда.

Веќе ја споменавме Мила Јовович, а тука се и уште две убавици, Стана Катиќ (Замок), која тврди дека има и српска и црногорска и хрватска крв, и Саша Александар, која во моментов се појавува во популарната серија „Рицоли и Ајлс“.

Една од глумиците што веројатно сте ги виделе во многу филмови и серии е Наталија Ногулиќ: од „Династија“ и „Приказни од криптата“, преку „Фрејзер“ и „Практика“, па сè до „Убавици во Кливленд“, а трекољупците сигурно ја паметат по улогата на адмиралката Ејлин Нечаев во серијалот „Ѕвездени патеки“.

Фацата на Предраг Бјелац не може да ја заборавите, а веројатно го памтите од Хари Потер, каде што го играше Игор Караков.

Лазар Ристовски можеби нема некои луди странски улоги, но кога Шербеџија нема да крене телефон, тој секогаш може да ускокне и да заигра некој руски терорист, па досега се појави во филмот за Бонд „Казино Ројал“ и „Новембермен“ на поранешниот Бонд Пирс Броснан.

Додека Ристовски само играше карти со Бонд, на Милорад Капор ја доби „честа“ да загине во престрелка со агентот 007.

Бојана Новаковиќ глумеше во одличната серија „Бесрамни“ и филмовите „Работ на темнината“ и „Ѓавол“, Бранка Катиќ се појави во „Црвената Вдовица“, „Голема љубов“, „Амбиент“ и „Американска Одисеја“ и во филмовите „Јавни непријатели“ и „Капетан Америка: зимски војник“, а Сергеј Трифуновиќ се појави во „Свиркачот“, „Гавранот“ и „Војна, ДОО“.

„Новото нормално“ неизбежно со себе ќе носи неизвесност и страв бидејќи заканата од вирусот наѕира во позадина и не може да се искорени.

повеќе

„Шарената револуција“ беше енергија и граѓански порив за промени. Малку застранивме.

повеќе