„Ѕвездени патеки“ се врати

„Ѕвездени патеки“ се врати. Универзумот што Џин Роденбери го создаде со „Ѕвездени патеки“ продолжува да си наоѓа нови обожаватели, со добра причина. 

На некој начин, франшизата никогаш не престана да биде релевантна; „Ѕвездени патеки“ не само што ја промени телевизијата, туку ја направи телевизијата подобра. Повеќе пати „Ѕвездени патеки“ не успеа да ги исполни сопствените идеали, но за секоја неуспешна епизода или филм има по една извонредна приказна што ги балансира работите. Без разлика дали сакате да се придржувате до најдобрите епизоди или да го поминете целиот пат, еве мало упатство што може да ви помогне да го искористите најдоброто своето време посветено на „Ѕвездени патеки“.

 

Можеби двегодишна мисија

Давањето редослед за гледање на франшиза стара над 50 години е тешко, особено кога знаете дека во зенитот на „Ѕвездени патеки“ во 90-тите години имаше години кога се даваа две серии на ТВ и еден филм во кината. „Ѕвездени патеки“ создаде цел филмски универзум повеќе од една деценија пред Марвел да го почне тоа. Може да се обидете да ја следите точната временска рамка или распоредот на емитување во реалниот живот, но и двете работи не вредат за потрошеното време. Имајте на ум дека тука имаме близу 600 часа телевизија и филм. Ако гледате по една или две епизоди секој ден, сè уште ви останува повеќе од една година од „Патеките“.

Еве го редоследот за гледање:

„Ѕвездени патеки: Оригиналниот серијал“

• „Анимираната серија“

• „Ѕвездени патеки: Филмот“

• „Ѕвездени патеки II: Гневот на Кан“

• „Ѕвездени патеки III: Потрагата по Спок“

• „Ѕвездени патеки IV: Патувањето дома“

• „Ѕвездени патеки V: Финалната граница“

• „Ѕвездени патеки VI: Неоткриена територија“

• „Наредната генерација“, сезони 1-7

• „Ѕвездени патеки: Генерации“

• „Длабока вселена девет“, сезони 1-5

• „Војаџер“, сезони 1-2

• „Ѕвездени патеки: Прв контакт“

• „Длабока вселена девет“, сезона 6-7

• „Ѕвездени патеки: Бунт“

• „Војаџер“, сезони 3-7

• „Ѕвездени патеки: Немезис“

• „Ентерпрајз“

• „Ѕвездени патеки“ (2009)

• „Ѕвездени патеки: Во темнината“

• „Ѕвездени патеки: Зад границата“

Ако не сте сигурни дека ќе ви се допадне малку извештаченост од 60-тите, може да почнете со „Наредната генерација“ и подоцна да се навратите на „Оригиналниот серијал“. Ова на некои може да им изгледа како ерес, но „Наредната генерација“ е многу поблиску до чувството на модерната телевизија од „Оригиналниот серијал“. Иако разликата во презентирањето и продукциските вредности не би требало да ве спречи да го изгледате најдоброто од оригиналните „Патеки“, може да биде доволно да го одбие комплетниот новодојденец.

Исто така, дефинитивно треба да имате идеја какви се ликовите од „Оригиналниот серијал“ пред да ги гледате филмовите во „Келвиновата временската линија“, која почнува со „Ѕвездени патеки“ од 2009 година. Така ќе може да видите што е различно во нивните личности, а што останало исто. Во „Зад границата“ има неколку референци за „Ентерпрајз“, но во најголем дел „Келвиновите“ филмови не се многу поврзани со настаните создадени по „Оригиналниот серијал“.

 

Таму каде што ниедна серија немаше отидено

Творецот на „Ѕвездени патеки“, Џин Роденбери, веќе имаше доста поживеано пред да го сврти своето внимание кон телевизијата. Роденбери леташе во борбени мисии во Втората светска војна, пилотираше комерцијални авиони за Пан Ам и работеше за лосанџелеската полиција - неговата прва работа на телевизија беше советник за криминална драма, додека сè уште работеше во полиција. Помина над една деценија стабилна работа пред Роденбери да го пушти своето прво хит-шоу во 1963 година: драма за животот во една морнаричка база, наречена „Поручникот“.

Кога „Поручникот“ беше прекината, Роденбери почна да работи на она што на крај стана „Ѕвездени патеки“. Две пилот-епизоди беа направени за серијата: првата ја отфрли Ен-би-си, а во втората се појавија голем број од редовните ликови, меѓу кои и Вилијам Шатнер како Џејмс Кирк, капетан на ѕвездениот брод „Ентерпрајз“. Улогата на Спок во двете пилот-епизоди ја играше Леонард Нимој, кој играше и во „Поручникот“. Се зборува дека Ен-би-си никогаш немало да нарача втора пилот-епизода ако не се заложела лично шефицата на „Десилу“, продукциската компанија на „Ѕвездени патеки“ - треките многу ѝ должат на Лусил Бол.

„Оригиналниот серијал“ постигна многу во ограниченото време што го доби. Вреди да се обидете, дури и ако ви е премногу мелодраматично и застарено. Серијалот во суштина ја создаде конвенцијата на обожаватели ваква каква што ја знаеме, а ниедна друга серија во тоа време немаше поразновидни ликови. Како што е познато, улогата на Ничел Никол како поручничката Ухура го направи „Ѕвездени патеки“ омилената телевизиска серија на Мартин Лутер Кинг Џуниор, факт што Кинг лично ѝ го кажал на Николс кога ја убедил да остане уште една сезона. Сепак, „Ѕвездени патеки“ немаше успешен рејтинг. Беше потребна кампања со писма од фановите за да се пушти третата сезона на серијата. Таа сезона заврши како најлоша и последна од „Оригиналниот серијал“, но успехот од кампањата со писма продолжи да ги инспирира сличните потфати за подоцнежните серии како „Твин Пикс“.

Роденбери беше разочаран од тоа како заврши „Ѕвездени патеки“, но тоа не го оддалечи од научната фантастика. Тој работеше на неколку други научнофантастични концепти, кои не станаа серии, а потоа му се врати на „Ѕвездени патеки“ во формата на „Анимираната серија“. Иако со слично краток век, „Анимираната серија“ продолжи во духот на оригиналниот серијал пред неа и во неа беа најголем дел ликови од оригиналната постава.

 

А сте слушнале ли за она нешто наречено „Ѕвездени војни“?

Во 1977 година излезе едно филмче наречено „Ѕвездени војни“ и ги собра речиси сите пари во универзумот. Одеднаш, со него и со поинтелектуалниот „Блиски средби од трет вид“ на Стивен Спилберг, научната фантастика почна да изгледа многу помодерна и попрофитабилна. Парамаунт (кој една деценија претходно ја купи Десилу) тргна да го прави првиот филм „Ѕвездени патеки“. Работата всушност почна со филмска верзија на „Ѕвездени патеки“ во средината на 70-тите, но тие планови беа отфрлени во корист на „Ѕвездени патеки: Фаза II“, што би било враќање на телевизија надгледувано од Роденбери. Тоа дело беше преработено за филмот, а пилот-сценариото за „Фаза II“ беше претворено во сценарио за „Ѕвездени патеки: Филмот“.

„Филмот“ со своето чувство и темпо многу повеќе е „2001: Одисеја на вселената“ отколку „Ѕвездени војни“ или кој било друг блокбастерски СФ-филм, и како резултат на тоа страдаше кај критиките. Веројатно не им помогна тоа што високите концептуални идеи претставени во „Фаза II“ немаа простор за дишење во контекст на игран филм - целиот изглед на „Ѕвездени патеки“ беше редизајниран од темел, што веројатно им беше нескладно на љубителите на серијалот, кои се навикнаа на светлите униформи и шарените сцени на „Оригиналниот серијал“. Можеби нема да ви се допадне „Филмот“ кога ќе го гледате, но вреди да се види како ќе завршеше „Ѕвездени патеки“ ако неговото повторно оживување на телевизија дојдеше порано.

Првиот филм сепак беше доволно добар за продолжение, но шефовите на студиото не сакаа Роденбери да прави уште еден филм во истиот стил. Роденбери не учествуваше во „Гневот на Кан“ од 1982 година, но тој сепак стана еден од најдобрите филмови на „Ѕвездени патеки“. Враќањето на легендарниот негативец на Рикардо Монталбан, Кан Нуниен Синг, од „Оригиналниот серијал“ и пренасочувањето кон поавантуристички тон се покажа дека е токму она што ѝ беше потребно на франшизата.

 

 

Нова екипа, нов век, истите стари проблеми

Продукцијата на филмовите „Ѕвездени патеки“ со оригиналната екипа продолжи и во текот на 80-тите. До '86, веќе сè беше спремно за уште еден обид за телевизиски „Ѕвездени патеки“ со учество на Роденбери. Наместо да ја следи оригиналната екипа, приказната за „Наредната генерација“ скокна 100 години понапред, во 24 век, со нов брод, „Ентерпрајз-Д“. Во новиот, далеку поголем брод не само што беше сместен екипажот - туку тој носеше и цивили и семејствата на екипажот.

Под палката на Роденбери, серијалот требаше да биде далеку попрогресивен и поутописки дури и од „Оригиналниот серијал“. Галактичките конфликти од претходниот век беа решени, а Роденбери сметаше дека меѓучовечките конфликти меѓу патниците на „Ентерпрајз-Д“ треба да се држат на минимум.

Се покажа дека тоа правило ги осакати раните сезони на „Наредната генерација“. Според повеќето мислења, на серијата ѝ требаше долго време за да го пронајде своето место. За среќа, одлуката на Парамаунт да ја дистрибуира серијата на одделни станици, наместо да соработува со една мрежа, им помогна на „Патеките“ да добијат широка публика и доволно креативно тло за да ги испеглаат проблемите. Во исто време, здравјето на Џин Роденбери се влоши и тој мораше да се дистанцира од продукцијата. Иако продукциската екипа ова не го искористи како можност целосно да ја игнорира визијата на Роденбери за серијата, подоцнежните сезони на „Наредната генерација“ дозволија побогати, посложени односи меѓу главните членови на екипажот.

Доцните сезони на „Наредната генерација“ се сметаат за едни од најдобрите во историјата на „Ѕвездени патеки“, а серијата во тоа време беше доволно популарна за да се почне да се размислува за нов серијал. До моментот кога заврши „Наредната генерација“ тие направија уште 100 епизоди повеќе од „Оригиналниот серијал“ и се правеа планови за седми филм „Ѕвездени патеки“, фокусиран на ликовите од „Наредната генерација“.

 

Деведесеттите години беа најдобро време да се биде „треки“

Додека „Наредната генерација“ беше многу јасно наменета како реинвенција на централниот концепт на „Оригиналниот серијал“, серијалот што следуваше се покажа како најсмел во франшизата. „Длабока вселена девет“ премиерно беше прикажана во 1993 година со ретроспектива на клучната битка во „Наредната генерација“, овој пат раскажувана од перспектива на ликот на Ејвори Брукс, Бенџамин Сиско. Сопругата на Сиско загинува во битката - кога тој ја добива командата на најважната вселенска станица во серијата, а тој сè уште ја крие својата болка и големото незадоволство кон Ѕвездената флота поради исходот на битката. Сиско и неговата екипа се втурнати во политичка и религиозна драма, која формира продолжен лак што трае во текот на седумте сезони на „Длабока вселена девет“.

Со тоа што дозволи конфликти и приказни што се одигруваат во текот на сите сезони, „Длабока вселена девет“ вметна повеќе длабочина во универзумот на „Ѕвездени патеки“ и дозволи повеќе простор за ликовите да растат. Многу луѓе сметаат дека тоа е најдобрата серија. Истакнатиот писател и продуцент Роналд Д. Мур му даде слично комплициран заплет на рестартираниот „Ѕвезден брод Галактика“ од средината на 2000-тите.

Исто како што приказната на Сиско почнува со предавање на штафетата од членовите на „Наредната генерација“, така и екипажот на „Војаџер“ во 1995 година го почнува своето патување тргнувајќи од „Длабока вселена девет“.

Пилот-епизодата брзо ги клоцнува екипажот на „Војаџер“ и група бунтовници во еден далечен, неистражен регион на галаксијата. Екипажите на Ѕвездената флота и на бунтовниците претрпуваат тешки загуби, по што капетанката на Војаџер, Кетрин Џејнвеј (ја глуми Кејт Мулгру), мора да ги обедини двете екипи пред да тргнат на потенцијално доживотното патување дома. И покрај тоа што почнува со слично амбициозна премиса како „Длабока вселена девет“, проблемите со оддалеченоста од просторот на Федерацијата не беа претставени толку очигледни како што може да се очекува. Сепак, „Војаџер“ има свој придонес од добро дефинираните ликови и извонредните епизоди - никој не може да ја посочи серијата како закана за континуираниот успех на „Ѕвездени патеки“ во своето време.

 

Крајот на телевизиските „Патеки“, на филмовите за „Наредната генерација“ и раѓањето на „Келвин“

Дејството на следбеникот на „Војаџер“, првично насловен само „Ентерпрајз“, се случува нешто повеќе од 100 години пред настаните на „Оригиналниот серијал“.

Федерацијата допрва треба да се формира и оваа инкарнација на „Ентерпрајз“ е експериментален брод чиј капетан е Џонатан Арчер (Скот Бакула). Иако идејата за директен приквел ветуваше, „Ентерпрајз“ не се задоволи со тоа. Една од повторувачките теми во „Ентерпрајз“ досегнува до далечната иднина на универзумот „Ѕвездени патеки“, а една епизода дури оди дотаму што ги прикажува Боргите, негативците од „Наредната генерација“, цели 200 години пред да стигнат во тој дел од вселената. Иако живееше пократко според стандардите на „Ѕвездени патеки“, „Ентерпрајз“ успеа да стигне до четири сезони. Премногу доцна го откри добриот ритам: низата поквалитетни епизоди доведоа до контроверзното финале во 2005 година.

Во тој момент широк спектар обожаватели беа фрустрирани од долгогодишните продуценти Рик Берман и Бренон Брага, кои работеа на разни серии и филмови во текот на 90-тите и почетокот на 2000-тите. Филмовите „Бунт“ и „Немезис“ не ѝ се допаѓаа на публиката (55% и 37% според Ротен томејтос), „Војаџер“ имаше збунета изведба, па дури и финалето на „Ентерпрајз“, наменето да биде 'љубовна честитка' до сите серијали од „Ѕвездени патеки“, беше масовно мразено. Парамаунт не беше подготвен целосно да се откаже од „Ѕвездени патеки“, но веќе во 2005 година тие се обидуваа да продолжат со други луѓе.

Џ.Џ. Абрамс, Роберто Орчи и Алекс Курцман во 2006 година почнаа да работат на нов филм.

Триото одлучи да направи меко рестартирање на франшизата преку некакво патување низ времето: во „Ѕвездени патеки“ од 2009 година, еден настан во 24 век формира временска рамка што почнува во 23 век. Оттаму, филмот тргнува да ги обединува ликовите од „Оригиналниот серијал“, сега глумени од млади актери, вклучувајќи ги Крис Пајн (Кирк), Захари Квинто (Спок) и Зое Салдана (Ухура). Временската рамка на овие филмови е официјално наречена „Келвинова“ временска линија, по дедото на Абрамс, Хари Келвин.

Тонот на „Ѕвездени патеки“ и неговите продолженија „Во темнината“ и „Зад границата“ значително се разликува од кој било во филмовите пред нив. Ликовите имаат поинаква групна динамика, има значително повеќе акција и ниту еден од трите филма не цели кон тој „висок концепт“. „Во темнината“ можеби малку беше погрешен чекор - обидот да се сними најдобриот филм „Патеки“ со помош на Бенедикт Камбербач можеби не беше добра идеја - но „Ѕвездени патеки“ и третиот филм „Зад границата“ се забавни за фановите. Свежиот фокус на пријателството меѓу екипата на „Ентерпрајз“ е најдобро прикажан во „Зад границата“, каде што режисерот на „Брзи и бесни“ Џастин Лин го прелева рефренот „семејство“ од тие филмови врз универзумот „Ѕвездени патеки“ (и, во една особено инспиративна акциона сцена, ги користи џиновските бродови на „Ѕвездени патеки“ во спектакуларен судир, како да се само големи автомобили).

 

 

Иднината

50-годишнината на „Ѕвездени патеки“ беше прославена во 2016 година со пуштањето на „Зад границата“ во киносалите, но новиот серијал го чекавме и во 2017, по заминувањето на авторот на „Ханибал“ Брајан Фулер и други продукциски проблеми. Новата серија „Ѕвездени патеки: Дискавери“ се случува во оригиналната временска линија на другите серијали, околу 10 години пред „Оригиналниот серијал“. Првата сезона ќе има 15 епизоди, што е повеќе од тоа што повеќе серии добиваат денес, но пократко од која било нормална сезона на „Ѕвездени патеки“ пред него. Како и „Длабока вселена девет“, планот е „Дискавери“ да ја раскажува континуирана приказна. Серијалот, исто така, поставува и преседани за „Ѕвездени патеки“ - првпат во франшизата водач е обоена жена и ова е прва серија во која има отворено геј-лик во една од главните улоги. Поголем дел од светот ќе може да ја гледа „Дискавери“ на Нетфликс (тука може да прочитате преглед од критиките). 

Во меѓувреме, постојат планови - иако несигурни - за уште еден филм „Ѕвездени патеки“ во Келвиновата временската линија. Најраните шпекулации потврдија дека (спојлери) ќе се врати одреден лик со некаков трик со временско патување, но сѐ уште филмот нема завршено сценарио или режисер. Веднаш откако „Зад границата“ беше објавен во 2016 година, Антон Јелчин (Павел Чеков) загина во сообраќајна несреќа. „Зад границата“ подоцна им беше посветен на Леонард Нимој, кој почина една година претходно, и на Јелчин. Абрамс рече дека нема планови да најмува нов глумец за улогата на Чеков ако се остварат плановите за четврти филм.

Помеѓу новата серија и потенцијалот за повеќе филмови во Келвиновата временска линија, нема подобро време да се биде обожавател на „Ѕвездени патеки“ од неговиот зенит во 90-тите. Со оглед на подемите и падовите во последните 50-тина години, ова не е сигурна гаранција дека нè чекаат уште повеќе величествени „Патеки“, но се надеваме дека ќе живеат долго и ќе просперираат.

Извор: Диг

Без оглед дали сте поддржувач или противник на претходната власт, не можете да оспорите дека таа постави сосема нови стандарди во поглед на мерките, напорите и вложувањата за да се привлечат странски инвестиции, за наши услови. 

повеќе

Ако лидерите на двете најмоќни земји во светот – САД и Кина имаат суштински разлики во начинот на кој тие гледаат на меѓународните односи, какви се изгледите за глобално зајакнување на соработката?

повеќе

Најновите случувања на релација политичка власт-граѓански сектор, повторно го отвораат прашањето за односите помеѓу овие два сегмента на општествениот живот.

повеќе