20 ГОДИНИ ОД ПРВАТА КНИГА

Хари Потер: како момчето волшебник го маѓепса светот

Ви се верува дека поминаа 20 години од објавувањето на „Хари Потер и каменот на мудроста“?

Џоан Роулинг, како што ја знаеја тогаш, ја иссонува приказната за детето волшебник на пат со воз помеѓу Лондон и Манчестер.

Таа го заврши ракописот во 1995 година, поголем дел од него пишувајќи по кафулиња во Единбург, додека нејзиното бебе од првиот брак спиело во детска количка, вели Би-би-си.

По многу одбивања, Блумсбери на крај го прифати ракописот. Тиражот на првото печатено издание, кое излезе на 26 јуни 1997 година, беше само 500 книги.

Тогаш се случи нешто магично. Таа прва книга - и шесте што следуваа - на крај беа продадени во повеќе од 450 милиони примероци низ целиот свет.

Еве некои од многуте начини на кои феноменот Хари Потер фрли магија на културниот пејзаж во текот на две децении.

 

Ги натера децата (и возрасните) да читаат

Добро, книгите се тука многу долго време пред Хари Потер. Но Џ.К. Роулинг го претвори читањето книги, особено кај децата, во нешто слично на зависност.

Сакате доказ? Издавањето на „Хари Потер и затвореникот на Азкабан“ во Британија во 1999 година беше закажано за во 15.45 часот, за децата во Англија и Велс да не бегаат од училиште за да ја купат книгата.

Подоцнежните книги беа ОГРОМНИ, но тоа не ги спречи децата да ги голтнат во еден здив.

Се навлекоа и возрасните, а книгите беа објавувани во корици привлечни и за возрасни.

Самите излегувања на книгите во печат станаа главна медиумска вест: кога во 2000 година излезе четвртата книга, „Пламениот пехар“, продавачите на книги од целиот свет се здружија за да го координираат првото истовремено пуштање книга во светот.

Кога Роулинг истата година доби почесна диплома на Универзитетот „Сент Ендрјус“, шкотската институција рече дека таа докажала дека детските книги „сè уште можат да пленат и да фасцинираат огромна публика, без оглед на конкурентните атракции телевизијата, Нинтендо, Гејмбој и Покемон“.

 

Ги натера луѓето и да пишуваат

Книгите за Хари Потер се заслужни за поплочувањето на патот за цел куп фантастични книги за младите.

Многу книги беа објавени во надеж дека ќе бидат „следниот Хари Потер“, како што се „Артемида Фаул“, „Хрониките на Спајдервик“ и „Серија несреќни настани“.

Дали ќе ги имавме блокбастер-сериите како „Самрак“ и романите како „Игри на глад“ ако Потер не го поплочеше патот?

И да не ја заборавиме фан-фикцијата.

Интернетот врие од десетици илјади неофицијални приказни за животот во Хогвортс, за Дарслиеви и за тоа што прават близнаците Визли на журките.

 

Сите се попаливме по возовите

За цела една генерација на деца израснати на „Возот Томас“ и на „Полар Експрес“, одеднаш се појави еден ганц нов воз.

Да, Хогвортс експрес.

Ниедно патување до лондонската станица Кингс крос не е комплетно без селфи на перонот Девет и три четвртини.

 

Воведе нови зборови во речникот

За повеќето зборови треба да поминат околу 10 години пред да почне да се разгледува дали да се вметнат во Оксфордскиот речник на англискиот јазик, но зборот „магл“ на Џ.К. Роулинг, кој првпат го прочитавме во „Каменот на мудроста“, беше исклучок.

Тој беше додаден во речникот за помалку од половина од вообичаеното време, па во 2002 година се појави како „лице на кое му недостига одредена вештина или вештини, или кое на некој начин се смета за инфериорно“.

Во светот на Хари Потер магл е личност без магични моќи.

 

Измисли нов спорт

Во книгите, квидичот е волшебен спорт што се игра на летачки метли, и се состои од дробалки, шутници и златна брзалка - мало топче со крилца.

Во реалниот свет, квидичот е немагичен спорт што се игра на метли, и се состои од дробалки, шутници и златна брзалка - лице во жолта маица со опаш прикачен на шорцевите.

Тој почна во САД околу 2005 година и стана светски спорт со свое сопствено раководно тело. Светското првенство во квидич се одржува еднаш годишно, а минатата година победи Австралија.

 

Покрена една од најголемите светски филмски франшизи

Сè до неодамна, осумте филма за Хари Потер беа најголемата филмска франшиза во историјата, која заработи неверојатни 7,7 милијарди долари низ целиот свет.

Премиерата на првиот филм за Хари Потер - „Хари Потер и каменот на мудроста“ беше во ноември 2001 година.

Освен што ги собори рекордите на заработка побрзо од патувањето со „Витешкиот ноќнобус“, тој му ги претстави на светот и малите Даниел Редклиф, Ема Вотсон и Руперт Гринт.

Последниот филм, „Хари Потер и реликвиите на смртта 2“ (2011) е филм со највисока заработка од сите филмови за Потер, 1,34 милијарди долари. Тој е осми филм со најголема заработка на сите времиња.

Франшизата - сега позната како „Волшебничкиот свет на Џ.К. Роулинг“ (JK Rowling's Wizarding World) - продолжи со спинофот „Фантастичните ѕверови и каде да ги најдете“ (2016).

А има и уште. Роулинг изјави дека испланирала сценарија за вкупно пет филма „Фантастични ѕверки“.

 

Ја фрли својата магија и на театарот

Претставата „Хари Потер и проколнатото дете“ беше отворена во Лондон во 2016 година со истиот вид потерманија што го опкружуваше пуштањето на книгите и на филмовите.

Околу 1.500 обожаватели на самиот прв настап, многумина облечени како волшебнички и волшебници, воздивнуваа на разните пресврти и сценски илузии.

Претставата од два чина почнува со Хари, Рон и Хермајни на 30 и нешто години, кога нивните деца одат во училиштето Хогвортс.

Дури и критичарите извадија суперлативи. Еден од нив напиша: „Британскиот театар со децении нема видено ништо слично, а јас, откако работам, не сум видел ништо што може директно да се спореди со ова“.

Претставата освои рекордни девет награди на годинешниве „Оливие награди“.

„Проколнатото дете“ ќе се прикажува на Бродвеј во Њујорк во 2018 година, а Роулинг изјави дека би сакала таа да биде видена низ целиот свет.

 

Помогна да се обликува милениумската генерација

Милиони луѓе што сега влегуваат во својата младешка зрелост никогаш не познавале свет без Хари Потер.

Многумина што пораснале со книгите сега добиваат редовни дози од Џ. К. Роулинг преку социјалните медиуми - таа има армија од речиси 11 милиони следбеници.

Кога Доналд Трамп лани беше спореден со Лорд Волдеморт, Роулинг на Твитер напиша: „Ужасно. Волдеморт ни оддалеку не беше толку лош“.

Таа подоцна се потсмеваше со корисниците на Твитер што се заканија дека ќе ги запалат нејзините книги.

Еден од нејзините одговори гласеше: „Претпоставувам дека е вистина кога велат: може да ѝ дадете на една девојка книги за подемот и падот на еден автократ, но никако не можете да ја натерате да размислува“.

Дваесет години од таа прва книга, изгледа дека никој во скоро време нема да му каже „Авада кедавра“ на Хари Потер.

Референдумот во Дојран во недела е поделикатен од оние во Гевгелија, Богданци и Валандово, зашто отворањето рудник во Казандол може да го кутне во уште потешка агонија eзерото кое е прогласено за споменик на природата. 

повеќе

Во Франција, пред, по и за време на Втората светска војна, пушењето, особено француски марки цигари, било чин на патриотизам. 

повеќе

Не постојат „повисоки интереси" од типот на членството во Европската Унија или НАТО алијансата за кои вреди да се прават потценувачки компромиси.

повеќе