Ентони Бордејн – „лошото момче“ што допрва очајно ќе ни недостига

Кога Ентони Бордејн го посети заливскиот дел на Сан Франциско во 2015 година за неговото шоу на Си-ен-ен „Ентони Бордејн: Непознати парчиња“, посебен акцент стави на ручекот со еден од основачите на Партијата на црните пантери, Боби Сиел. И не зборуваше само за храната. Тој на гледачите им овозможи прецизна историја на групата, ја истакна важната улога на црнечкото движење за слобода и на афроамериканската заедница, и нивното угнетување од страна на владата.

Првпат ја гледав таа епизода додека бев на аеродром чекајќи да се качам во авион, во време кога движењето „Црните животи значат“ тукушто стана дел од јавната свест. Господинот Бордејн лабаво раскажа дека барањата на Црните пантери се „шокантно умерени: еднаквост во образованието, домувањето, вработувањето и основните човекови права“, точен заклучок, но контрадикторен на погрешната јавна перцепција за таа неоправдано демонизирана организација. Погледнав наоколу во групата главно бели Американци што гледаа во истиот телевизор, вџашен од опуштено радикалниот коментар на господинот Бордејн.

Петокот наутро, кога слушнав за неговата смрт во Франција на 61 година, веднаш повторно ја пуштив таа епизода. Помислив како светот изгуби повеќе од само талентиран готвач, писател и медиумска личност. Изгубивме и човек што брилијантно и храбро го вткајуваше политичкото образование во кулинарската култура на начин што нудеше и историски контекст и сочувство кон угнетените, кои на Американците сега им се потребни повеќе од кога било.

Во ерата кога значењето на „разбуден“ се издеформира во погрден термин за некој што е премногу искрен за неправдата, господинот Бордејн ни го даваше својот поглед кон нештата без премногу да комплицира и без каење. Тоа беше тајната состојка вмешана во секоја негова епизода и им се служеше на гледачите без оглед дали тие ја нарачале или не.

Низ целата негова кариера, господинот Бордејн бараше почит за емигрантите, без кои ресторанскиот бизнис и земјоделството во Америка ќе застанеа во место, и никогаш не ни дозволуваше да го заборавиме тоа. За време на претседателската кампања, Бордејн не се воздржуваше да го нападне најавениот ѕид на Доналд Трамп на границата со Мексико како „ненормален и грд“ и да истакне дека треба да бидеме „искрени за тоа кој работи во Америка сега, и кој всушност работи во Америка веќе некое време“. Тој бараше признание за вредноста, креативноста и трудот на небелите готвачи-емигранти, истакнувајќи дека „сериозно е расистичка претпоставката дека мексиканската или индиската храна треба да бидат евтини“.

Во двата дела на „Непознати парчиња“ и во неговата претходна емисија на Травел ченел „Без резервации“, тој кон луѓето од местата што ги посетуваше се однесуваше со сочувство, давајќи пример како да се почитуваат другите култури без да се претвораат во егзотика. Во Виетнам, местото што го сметаше за едно од своите омилени, тој одржа лекција за колонијализмот, војната и американскиот интервенционизам. Слично на ова во епизодите фокусирани на Колумбија, Иран, Камбоџа и Шри Ланка, тој им се восхитуваше на убавината, храната, литературата и великодушноста на луѓето. Потоа, со следниот здив, ги контекстуализираше стереотипите што Американците може да ги имаат за овие култури со лекции за западниот империјализам, политичкото насилство и диктаторските режими.

Тој не ја оставаше на мира ни домашната нееднаквост. Удри по нееднаквата американска историја на Детроит, со прецизни детали за расите, емиграцијата и родовата нееднаквост. Тој искажуваше искрена почит за сите луѓе допрени од овие проблеми, дискутирајќи за нивната судбина не со сожалување, туку со нијансирање. Она што беше најкарактеристично за него - го правеше сето ова додека истовремено нѐ засмеваше.

Неговата работа претставуваше прекрасен спој на љубовта кон храната со искрениот напор да се ислушаат другите, особено маргинализираните луѓе. Откако ја посети Газа, тој отворено го критикуваше она што го сметаше за дехуманизирачко претставување на Палестинците во медиумите и прогласи дека светот „им ја краде суштинската човечност“.

Господинот Бордејн не го ограничуваше својот инклузивен и сочувствителен поглед кон светот само на своите телевизиски емисии. Тој ги бранеше правата на ЛГБТ-заедницата со својата улога во реклама за поддршка на брачната еднаквост за Кампањата за човекови права, како и со потписот на петицијата на професионалци од индустријата за храна во знак на поддршка на геј-паровите. Тој стана гласен адвокат на движењето „И јас“, и сојузник на жените-жртви на малтретирање или насилство, директно нарекувајќи го Харви Вајнстин „силувач“ и покажувајќи со прст кон холивудските првотимци што ги премолчуваа овие прашања. Со ова, тој јавно ја презеде незгодната задача да му се спротивстави на токсичниот мачоизам, хомофобијата и мизогинијата, за кои признаваше дека ги оформиле неговите лични живот и постапки.

Господинот Бордејн не беше љубопитен само кон храната и светот. Тој беше свесен дека неправдата и нееднаквоста се системски проблеми и никогаш не се срамеше да го истакне тоа. Тој редовно скромно им приоѓаше на луѓето што беа многу различни од него, поставуваше внимателни прашања, и слушаше. Пред нашите очи, тој постојано учеше, обидувајќи се да го направи светот барем малку подобар.

Живееме во време кога еден најобичен протест против расната нееднаквост од страна на спортисти и славни личности се смета за негативен, и кога признавањето на мааните додека се трудите да бидете праведни и искрени ве прави бунтовник. Можеби ова делумно објаснува зошто луѓето љубопитниот и емпатичен Бордејн го викаа „лошо момче“. Доколку тоа е вистина, потребни ни се што повеќе како него. За неговото сочувство и жар против неправдата да продолжат да живеат.

 

Сара Џ. Џексон, Њујорк тајмс

Дента кога македонската делегација беше на пат за Нивици, Заев со себе требаше да понесе еден венец.

повеќе

Прашањето е претенциозно, интенционално и суштински погрешно формулирано, не го задоволува т.н. троен тест на единство и е итро, манипулативно и сугестивно.

повеќе

Ако Владата е искрена пред нацијата во своите намери да го сочува националното достоинство на македонскиот народ треба да го сподели оригиналниот текст на амандманските интервенции во Уставот.

повеќе