ЊУЈОРК ТАЈМС

„Ѕвездени патеки“ и нивниот долг кон револуционерниот социјализам

Главното дело на политичката научна фантастика на Х. Г. Велс, „Временската машина“, предвиде иднина во која една мала утопија од темпераментни елити ја служи поткласа што живее под земјата и е сведена на безумно насилство. 

Ова предвидување, пренесено до ужасно логичка мера, ја претставуваше интензивната нееднаквост на богатството на викторијанската Англија, во која Велс го напишал романот. Судејќи според главните политички наративи на фикциите на нашата ера (филмовите како „Игри на глад“, „Елисиум“ и „Сноупирсер“), извесноста на иднината што сè повеќе станува варварска со класните поделби, останува во суштина иста.

Но тоа не било секогаш така. Во 1920 година Велс се сретнал со Владимир Ленин, колега-визионер за изградбата на светот, кој планирал „воведување ера на неограничен експеримент“, за да ја обнови и да ја индустријализира својата земја од уривањето од повеќегодишната војна, притоа укинувајќи го класното општество. Велс бил импресиониран од прагматичниот револуционер и од неговата планирана „утопија од електричари“.

Ако Велс бил помалку скептичен кон комунизмот и се приклучел во партијата, немало да биде првиот научнофантастичен или футуристички мислител што го сторил тоа. Александар Богданов, еден од првите политички ривали на Ленин, ја напишал „Црвена ѕвезда“, утописки роман за комунистичка колонија на Марс, каде што сè се одржувало заеднички, а животот бил во голема мера продолжен преку употреба на парабиоза, заемно споделување крв. Заедно со Анатолиј Луначарски и Максим Горки, Богданов предложил програма на „Богоизградба“, која би ги заменела ритуалите и митовите на Православната црква преку создавање на атеистичка религија.

Од своја страна, Горки бил обожавател на космизмот на Николај Федоров и Константин Циолковски, научна и мистична филозофија што предлагала истражување на вселената и на човечка бесмртност. Кога Ленин починал четири години по средбата со Велс, реченицата на футуристичкиот поет Владимир Мајаковски „Ленин живееше, Ленин живее, Ленин ќе живее засекогаш!“ стана не само државен слоган, туку и научна цел. Овие биокосмисти-иморталисти, како што беа познати, веруваа дека социјалистичките научници, ослободени од ограничувањата на капиталистичкиот профит, ќе откријат како да ја спречат смртта и да си ги вратат камарадите. Телото на Ленин останува презервирано за таа пригода.

Богданов починал во текот на своите експерименти со споделување крв, а другите футуристички соништа биле задушени од индустриските и милитаристичките приоритети што доведоа до Втората светска војна. Меѓутоа, во повоениот период, научниците инспирирани од космизмот го лансираа Спутник. Слабото трепкање на сателитот на ноќното небо сигнализираше ера на огромен човечки потенцијал за да се избегнат сите ограничувања природни и политички, со еднаква веројатност сè да се уништи за неколку часа.

Хранејќи се од оваа тензија, научната фантастика и футуризмот влегоа во „златната доба“ до кај 1950-тите и 60-тите години, предвидувајќи светла иднина што ќе ја замени Студената војна. Технолошкиот напредок ќе го автоматизира општеството; неопходноста од работење ќе исчезне. Индустриското богатство ќе се дистрибуира како универзален основен приход и ќе следува ера на одморање и виталност. Луѓето ќе продолжат да патуваат во вселената, создавајќи колонии надвор од Земјата и можеби притоа ќе стекнат нови, вонземски пријатели. Во една од ретките соработки од 1966 година преку Железната завеса, астрономот Карл Саган го напиша „Интелигентен живот во универзумот“ со Јосиф Шкловски. Овој труд на астробиолошкиот оптимизам предложи луѓето да се обидат да контактираат со своите галактички соседи.

Интересот за вонземскиот живот не беше домен само на научниците и писателите на фикцијата. Трепкањата на НЛО низ целиот свет го привлекоа поп-културното внимание, а многумина веруваа дека летачките чинии се тука за да нѐ предупредат или дури да нè спасат од опасноста од нуклеарно оружје. Во екот на светските работнички и студентски востанија во 1968 година, аргентинскиот троцкистички лидер познат како Џ. Посадас напиша есеј во кој предложи солидарност меѓу работничката класа и вонземските посетители. Тој тврдеше дека нивниот технолошки напредок покажува дека тие би биле социјалисти и би можеле да ни ја дадат технологијата што ќе ја ослободи Земјата од стисокот на јенкиевскиот империјализам и бирократските работнички држави.

Таквите ставови беа помалку маргинални и повлијателни отколку што мислите. Почнувајќи од 1966 година, сценариото на „Ѕвездени патеки“ внимателно ги следеше исказите на Посадас. По една нуклеарна трета светска војна (за која Посадас, исто така, верува дека ќе доведе до социјалистичка револуција), вонземјани од Вулкан ја посетуваат Земјата, ја покануваат во галактичката федерација и ѝ даваат репликаторска технологија што ќе ја елиминира сиромаштијата. Луѓето наскоро се обединуваат како вид, формално ги укинуваат парите и сите хиерархии на расата, полот и класата.

„Многу работи се сменија во изминатите 300 години“, му објаснува капетанот Пикард на еден бизнисмен од 20 век сега одмрзнат од криогенски сон, во една епизода од подоцнежната франшиза на „Ѕвездени патеки“ - „Следната генерација“. „Луѓето повеќе не се опседнати со насобирање работи. Ги елиминиравме гладта, желбата, потребата за поседување. Пораснавме од нашата инфантилност.“

И покрај неговата континуирана популарност, таквиот оптимизам беше невообичаен во тој жанр. Новиот бран научна фантастика во доцните 60-ти, претставен од Џ. Г. Балард и Филип К. Дик во САД и од браќата Стругатски и Станислав Лем на истокот, претстави наративи што ја поткопуваа тезата дека луѓето ќе се спасат преку сопствената рационалност.

Грандиозните предлози на футуристите од 60-тите исто така избледеа, бидејќи фордистичкиот период на поствоен економски раст нагло доживеа пресврт. Наместо автоматизација и гарантиран приход, работниците добија штедење и дерегулација. Марксистичкиот теоретичар Франко Берарди го опиша овој период како ера во која природниот оптимизам кон иднината, составен од социјализмот и прогресивноста, исчезнал во нихилизмот на неолиберализмот и економијата на тачеристите, кои инсистирале на тоа дека „нема алтернатива“.

Падот на Советскиот Сојуз го забетонира овој „крај на историјата“, според фразата на Френсис Фукујама, и сигнализираше враќање на доцнокапиталистичките дистописки наративи за иднината, како оној на „Временската машина“. Два од најпопуларните научнофантастични филмови од деведесеттите беа „Терминатор 2“ и „Матрикс“, кои покажаа свет во кој капиталот триумфирал, а неговата машинерија не го ослободила човештвото, туку го владее. Неодамнешниот успех на „Патот“, „Приказната на слугинката“ и „Живите мртовци“ слично предвидуваат насилни иднини, каде што само малите подземни движења на отпорот се борат да го одржат пламенот на човештвото што гасне.

Објавен истата година како и „Ѕвездени патеки: прв контакт“ - и заработувајќи трипати повеќе - „Денот на независноста“ раскажува приказна што директно му е спротивставена на посадизмот, во која оние што се собираат за да ги поздрават вонземјаните и да протестираат против воената акција кон нив се првите што се спалени од оружјето на вонземјаните. (Во Велсовата визија за вонземјанска инвазија од 1897 година, „Војната на световите“, групата луѓе за пречек, кои мавтаат со бело знаме, се слично спржени).

Гротескното дело на шпекулативната фикција на белите расисти од 70-тите, „Кампот на светците“ од Жан Распаил - неодамна спомената од стратегот на Белата куќа Стив Банон - има слична приказна. Флота од бродови за бегалци се појавува крај брегот на Франција, барајќи безбедно пристаниште, но наскоро станува очигледно дека бродот е тројански коњ. Неговото примање предизвикува инвазија на Европа и САД.

Неодамнешниот пораст на десничарскиот популизам укажува на проширување на пукнатината во неолибералниот консензус на идеолошкиот центризам. Од оваа пукнатина повторно изникнуваат претходните визии за иднината. Питер Тил, Илон Маск и Марк Закерберг се чувствуваат компетентни да предлагаат научнофантастични планови, како што е колонизација на вселената и хипотетични економии, како решенија за актуелните социјални проблеми. Меѓутоа, отсутни се масовните општествени движења на 20 век, кои повикуваат на демократизација на општественото богатство и политиката. Додека брзите промени во општествениот поредок, кои се сон на активистите против Силиконската долина, добиваат аура на неизбежност, веќе се чини незамислив светот без голема сиромаштија и фанатични непријателства.

Кратко време по Втората светска војна, Велс станал толку убеден во пропаста на човештвото, без светска револуција, што го ревидирал последното поглавје од „Кратка историја на светот“ за да го додаде истребувањето на човештвото. Денес ние сме оставени со сличен фатализам, дозволувајќи им на елиминационистичките предлози на екстремната десница да расправаат, всушност, за оградување на светот по класни, национални и расни линии, дури и ако тоа би можело да осуди милиони луѓе на смрт.

Ако човештвото во 21 век треба да биде спасено да не падне во бездната, мора да се потсетиме на изборот што го понуди вонземскиот посетител од класичниот научен филм од 1951 година „Денот кога земјата запре“.

„Придружете ни се и живејте во мир“, рече Клаату, „или продолжете на сегашниот курс и уништете се“.

Ова многу потсетува на корисното научнофантастично парафразирање на револуционерниот ултиматум на Роза Луксембург: „социјализам или варварство“.

Извор: Њујорк тајмс

Најновите случувања на релација политичка власт-граѓански сектор, повторно го отвораат прашањето за односите помеѓу овие два сегмента на општествениот живот.

повеќе

Жените имаат повеќе тешкотии од мажите да најдат значајна и добро платена работа, а процентот на жени во глобалната работна сила постојано заостанува зад процентот на мажите. 

повеќе

Во нашето општество сме опкружени со многу, многу партизани. Партизани во политиката, партизани во образованието и науката, партизани во бизнисот...

повеќе