НЕМА КРАЈ

Дастин Хофман обвинет за сексуално вознемирување 17-годишна девојка

Писателката Ана Греам Хантер тврди дека актерот ја пипкал и се впуштал во сексуално несоодветни разговори на снимањето на телевизискиот филм од 1985 година „Смртта на еден продавач“.

Како најнов додаток во низата хајки за сексуални вознемирувања што сè повеќе земаат замав, сега и Дастин Хофман е обвинет за сексуално вознемирување 17-годишна стажантка во 1985 година.

Писателката Ана Греам Хантер тврди дека актерот, сега 80 години, ја пипкал на снимањето на телевизискиот филм „Смртта на еден продавач“ и несоодветно ѝ зборувал за секс.

„На мојот прв ден на снимањето, тој ме замоли да му ги измасирам стапалата; му ги измасирав“, напиша Хантер за Холивуд репортер. „Тој отворено флертуваше со мене, ме фаќаше за газ, ми зборуваше за секс мене и пред мене. Едно утро отидов во неговата гардероба да го прашам што ќе појадува; ме погледна и се насмеа, опуштено. Потоа рече: 'Ќе јадам тврдо варено јајце... и меко варен клиторис'. Неговите придружници прснаа во смеа. Заминав, без зборови. Потоа отидов во бањата и плачев.“

Хантер детално го опишала наводниот однос на Хофман кон неа во текот на тие пет седмици во својот дневник, кој тогаш ѝ го пратила на својата сестра. „Денес, кога го придружував Дастин до неговата лимузина, четири пати ме фати за газ“, напишала таа. „Секој пат го удирав, силно, и му кажав дека е валкан старец“.

Таа тврди дека на снимањето, еден претпоставен ѝ рекол да го трпи неговото однесување и да „жртвува“ некои од своите принципи заради продукцијата.

„На 49 години разбирам што направи Дастин Хофман, затоа што тоа се вклопува во поширокиот модел на она што го доживуваат жените во Холивуд и насекаде“, пишува сега таа. „Тој беше предатор, јас бев дете, а тоа беше сексуално вознемирување. Што се однесува на тоа како се вклопува во мојот сопствен модел, претпоставувам дека тоа ќе го сфатам во наредните години“.

Хофман на статијата одговори со извинување: „Многу ги почитувам жените и се чувствувам ужасно што нешто што можеби сум го направил можело да ја стави во непријатна ситуација. Жал ми е. Тоа не е одраз на мојата личност“.

Приказната доаѓа по низата слични обвинувања за сексуално вознемирување во Холивуд против продуцентот Харви Вајнстин, филмскиот продуцент Џејмс Тобак и актерот Кевин Спејси. Денес, исто така, шест жени го обвинија режисерот Брет Ратнер за сексуално вознемирување, меѓу кои и глумиците Наташа Хенстриџ и Оливија Мун.

Уништувањето на шумите е една од најголемите еколошки катастрофи со кои се соочуваме, после загадениот воздух.

повеќе

Измените во законот за минимална плата е трул компромис меѓу социјал-демократите и бизнис-лобито во Владата.

повеќе

Македонската јавност е во исчекување од најавата на министерот Оливер Спасовски дека МВР ќе ги истражува сите агенции за обезбедување поради поврзаност со рекетарство.

повеќе