ОД СВЕТИ НИКОЛА ДО СВЕТИ ЈОВАН

Се усвињивте празнициве? Ги имаме совршените три начини на слабеење за вас!

Се чувствувате потечено, по малку збумбарено и усвињето? Не можете да влезете во фармерките што пред Свети Никола ви стоеја совршено? Облеката почна да ви се отпарува по рабовите, а ниту кројачот ви е кратковид, ниту сте ја рокнале машината за перење на 90-ка? Сите ви велат дека изгледате „освежено“? 

Дај не паѓајте на вакви провокации, и никако не ги поврзувајте со свеж изглед на човек тукушто вратен од планина – тие значат само дека лицето ви е подуено или затегнато од маснотиите што ги прекриваат брчките! И дека е време денес, по конечниот фајронт на едномесечните новогодишни, верски и какви сè не празници, да преземете сериозни мерки за својата линија и здравје, а ние го имаме вистинскиот лек за вас!

Заборавете на диетите со кои досега си го арчевте времето, на скапите апчиња за слабеење од кои само ви се зголемува апетитот, на салонските третмани што гарантираат дека лежејќи ќе намалите 12 килограми за 3 дена по супер цена во вредност на една плата + гратис исчезнување на 3 стрии и 2 целулитни топчиња - и конечно почнете да ги барате природните препарати за слабеење насекаде околу себе.

Сè што ви е потребно е малку креативност и оптимизам, а ако ги немате, тука сме ние да ви го иницираме нервот за поактивен пристап кон работите. Значи само за иницирање на нервот, да се разбереме. Она вистинското нервирање во буквалната смисла на зборот не е во наша надлежност. За тоа си постојат професионални административни служби. Со вработени лица што фрустрирано ѕиркаат од зад шалтерите. Поставени таму само во интерес на вашата топ-форма! Да ви ја извадат маста, т.е. да ве ослабат.

Ама, ај да си го фатиме ние редот. За слабеење, де.

1. Чекање по шалтери за работи што неопходно мора да ги направите.

Не сте вработени? Супер! Најпосле може да почнете да ја гледате и позитивната страна од тоа - процесот на слабеење. Новиот метод за слабеење ни доаѓа директно од Заводот за вработување, кој неодамна, мислејќи на вашата топ-форма, воведе систем на бројчиња. Значи ќе си земете бројче и ќе го почнете исцрпувачкиот тренинг. Сам си се пријавуваш, никој не те тера на сила. Едноставно, стискате на копчето, ви излегува бројче и личниот фитнес-тренер автоматски се активира. Немате некој посебен контакт со тренерот (а како и да имате кога пред вас за слабеење се пријавиле уште стотици прејадени лица), ама без грижа, тренерот си работи на вашиот случај и вие полека но сигурно почнувате да губите, за почеток, по неколку грама. Почетокот е најтежок во целокупниот процес на слабеење, дур не помрднете до килограм, после салото одеднаш почнува да се топи пропорционално со минутите на чекање, кои ви изгледаат како часови напорно вежбање. Тренерот, по своја процена, од зад стаклото ве одмерува со поглед и донесува заклучок дали да ве изложи на уште една вежба. Ако процени дека сè уште сте премногу дебели – затвора шалтер и оди на пауза. За ваше добро, колку да провери дали можете и без него. На крај, добро отстоени, исцрпени, изнервирани и со извадена маст, вие сте ја постигнале целта - послаби сте за цели три-четири килограми! А сè уште невработени.

Ако за жал, пак, сте вработени, не очајувајте, сè уште има надеж за намалување на вишокот празнична телесна тежина. Гарант немате извадено електронска здравствена картичка! А луѓето во сите подрачни единици на Фондот за здравство се тука за да ви помогнат да изгледате повитки, пофит и се разбира, поздрави. Нема бројчиња за поднесување и подигање на ЕЗК. Нема ни лични тренери. Еден тренер е за сите. Аха, така само си мислите дека ќе забушавате! Во толпата дојдени за слабеење уфрлени се каратисти. Нема ни да ги препознаете, не носат појаси, ама сите се со црн појас. 2 килограми од старт одат на препотувањето и уште 2-3 килограми одат на напад во одбрана. Има и одбрана во напад, таа е малку потешка за вежбање, па зема уште еден килограм.

Ако имате и здравствена електронска картичка, сè уште има надеж: проверете во сметките и во телефонските повици – сигурно имате опомена од некоја компанија за услуги дека не сте платиле нешто што сте го платиле, и дека за да докажете дека сте го платиле, треба да ги однесете кај нив сите потврди, сметки, брис од нос и грло, доказ за неосудуваност и други финансиски докази – гарантирано слабеење најмалку 7 килограми.

Годинава единствено УЈП зезна со слабеењето. Таман помисливме дека добро ќе ни дојде спринтот за фаќање на рокот за извештај за персонален данок за фирми, кој од годинава е скусен (наместо до 15 февруари до 31 јануари), ни пристигна тажната вест дека тие не располагаат со персонални тренери за слабеење. Што им е бе? И наместо нив, вежбањето ќе се вршело преку компјутери. Рака на срце, не е исто да си директно во арената и дома да си гледаш фитнес-видеа од Џејн Фонда. Ама нема кој да им објасни.

2. Репете фрлање на крстот.

Штом се спомне репете - одма да се помислувало на репете храна! Помирете се со судбината, нема репете празници како што беа овие. Може само да има репете фрлање на крстот. Со задолжително учество на сите оние што не учествувале во постот и што јаделе свинско за Нова година. И јагнешко за Божиќ. За оние што два пати изеле цела пита сосе паричка за да им се падне паричката (еднаш за Бадник, вторпат за Стара нова година), за тие мора и да се воведат дополнителни правила за натпревар во слабеењето. На пример, да се премери количеството на изеденото месо и степенот на маснотиите внесени преку месото, па први во вода да влезат оние со помалку наталожено сало.

Наместо кревките владици, се разбира, крстот мора да го фрла некој врвен фрлач на дискови увезен од странство и со дадено државјанство (или сменета вера ако треба). И да го џитоса со предизвик да го урне светскиот рекорд во фрлање дискови, и со поттик од Владата да му се плати за тоа како за победник, на пример, на Макфест или на Скопски фестивал, 20 илјадарки во евра. Па нек се потепаат меѓусебе сите светски прваци да ни дојдат на гости. Оној што ќе го одберат однапред, не мора да го фрла крстот воопшто ни во вода. Нека се бара де крстот. Целиот натпревар за слабеење нека личи на триатлон. 10 килограми од старт за оној што ќе го најде крстот со помош на пливање, трчање и велосипед. И по фаќањето – задолжително грабање по крстот, тепачки, мој е, ја го фатив, не, ја го фатив дај ваму, па кошкање и други слични методи на губење калории...

3. Засилување на пушењето/дишењето.

Познато е дека пушењето го убива апетитот. Колку повеќе цигари испушите на ден, толку помали се шансите да го отворите фрижидерот, така вели легендата. Во поново време, ни се отворија и други можности – многу поевтини: дишете градски воздух! Ако пушењето го убива апетитот, деновиве дишењето на градскиот воздух сигурно му прави масакр!

Прв чекор: исчистете го добро фрижидерот, одмрзнете го, исклучете го, наполнете го со цвеќиња и – заборавете го.

Втор чекор: излезете надвор и дишете. Ако сте пушеле по две-три кутии на ден, дишете час до два (сепак Светската здравствена организација го прогласи загадениот воздух за поопасен карциноген од чадот од цигарите – значи во нашиот случај – поефикасен). Вдишувајте до дното на белите дробови, па полека издишувајте. И така додека да падне снег... Кога ќе ги почувствувате првите резултати, благословете ја загаденоста на воздухот и апелирајте под итно во строгиот центар на градот да се монтира една фабрика. Нека личи де и на споменик.

Ј.Кантарџиева

Тоа што е многу поважно е дека се работи за ПРЕТХОДНА проверка, а не за post festum ветинг.

повеќе

Како што расте бројот на оние кои објавуваат непроверени, лажни и злонамерни информации, така се зголемува и бројот на медиуми кои работат со проверка на факти и се борат за вистината во јавниот простор преку одговорно истражување.

повеќе

Единствена работа за која ние граѓаните не плаќаме данок, е воздухот кој го дишеме.

повеќе