Рок-музиката се слави 48 години на институцијата „Заечарска гитаријада“ (ФОТО)

Во почетокот на месецов во Заечар заврши 48. издание на Заечарска гитаријада, институција што за две години ќе прослави половина век постоење, што ја прави најстариот рокерски фестивал на Балканот.

 

Како што во овој град во Тимочка Краина рече годинешниот роконачалник Бруно Лангер од славното Атомско склониште, не е познато дали во Европа има постара гитаријада од Заечарската.

Директорот на „Институција Гитаријада“ Перислав Дуциќ не го криеше задоволството што и годинава, и покрај проблемите со дождовните торнада поради кои програмата мораше да биде поместена за еден ден, посетеноста беше одлична, а сѐ функционираше како добар часовник.

„Организацијата беше одлична, посетеноста рекордна, а бендовите одлични“, рече Дуциќ. Тој на новинарите им најави дека градот Заечар веќе ги започна подготовките за јубилејното 50. издание, а главниот тест ќе биде идната година, кога целата манифестација ќе трае нешто подолго и со учество на повеќе гости.

Феноменално беше чувството да се биде со публиката која дојде во рекорден број. Според некои процени, дури 250 илјади вљубеници во рок музиката и во бесните мотори беа присутни тие шест денови. Паралелно со гитаријадата се одржуваше Мото – собир на моторџиите од регионот, кои уживаа во настаните, другарувањето, метал музиката по нивни вкус на, за нив, посебната бина, и секако, во доброто заечарско пиво и убавите девојки.

Расположението на публиката што дојде не само од Србија, туку и од земјите од регионот, не го расипа поројниот дожд кој го поплави бесплатниот камп каде имаше илјадници луѓе. Градот се погрижи потоа тие да ги исушат шаторите и да бидат сместени на суво, во спортските сали.

Со три преноси во живо, на сите рокерски вечери, својата техничка моќ ја покажаа телевизиите од Србија, но и локалната БЕСТ – ТВ, која вршеше пренос, но воедно изработи стотина интервјуа, разговори, прилози. Стотина новинари од Србија, ексју-републиките, но и од соседните земји, Бугарија, Романија и Унгарија, известуваа од гитаријадата.

Тие што загазиле во четвртата, петтата, шестата...деценија, и беа дојдени да ги слушнат Прљаво казалиште, Рибља чорба, Партибрејкерс, Влада Дивљан, Ју-група, по којзнае кој пат беа изненадени што во првите редови беа тинејџери од 14 – 19 години, кои во хор ги пееја песните од овие славни бендови, од збор до збор. Како ништо да не се случувало во трите децении на овој дел од Балканот, кои беа исполнети со војни, лоша политика, криминал... Доказ дека музиката е таа што ги зближува и младите од сите краеви и, сите генерации.

По 30 до 40 илјади публика на концерт, тоа е нешто со што ретко кој освен Заечар може да се пофали. Просторот е феноменален – паркот Краљевица, со површина колку целиот град, е како создаден да ги нагости и бендовите и публиката, да ги спои низ вибрациите на музиката и позитивната енергија. Гитаријадата беше настан кој помина без ниту еден инцидент. Потоа нека каже некој дека рокерите знаат да бидат проблематична категорија луѓе. Тоа, едноставно, не е точно.

Нема млад бенд од регионов кој не сака да биде избран да свири на Заечарска гитаријада. Овојпат, таа чест ја добија 14 групи од сите поранешни ју-републики. Таа прилика ја имаа Smoke Shakers од Кавадарци, и кои одлично се претставија. Го освоија петтото место, според гласовите на стручното жири, кое го носеше епитетот интернационално, составено од познати новинари, дел од нив и поранешни рок – музичари.

Претседател беше Бранимир Локнер од Србија, а членови Драгиша Радуловиќ и Ненад Кузмановиќ од Србија, Драгутин Матошевиќ – БиХ, Игор Полак – Хрватска, Игор Башин – Словенија и Панта Џамбазоски – Македонија. Нивната задача не беше лесна. Слушаа добри бендови, знаеја дека нивната одлука може да промени нечија кариера, гласаа по сопствено убедување и совест.

На крајот, беше донесена одлуката. Победија Holographic Human Element oд Травник, Босна и Херцеговина. Тие својата необична музика ја опишуваат како експериментална, со елементи на модерна класика, проткаена со њу – ејџ и пост – рок. Жирито, како никогаш досега, по невообичаено долго заседавање, како што беше известено во медиумите, својата одлука пред се, ја донесе ценејќи ја на прво место идејата која ја вгради овој бенд во својата музика, односно, оригиналноста и доброто свирење.

Сепак, Д`Зу (D`ZOO) oд Суботица, заостануваше за само еден бод на жирито, зад бендот од БиХ. Нивна среќа е што на тој начин ја добија наградата најдобар демо состав од Србија. Д`Зу се „лут“ бенд, нивните двајца пејачи пренесуваат силен бунт од состојбите во општеството, од позицијата на младите, составот свири енергично, музиката е мешавина на рап и метал. Публиката пак, гласаше по свое. Врз основа на децибелите излезени од публиката, кои ги мереше белградското Радио 202, кое вршеше директен пренос, победници се Меда, Вук и Сандокан, еден рокерски бенд од Србија, од кој зрачат добри рифови и соло на гитарите.

Smoke Shakers од Кавадарци се претстави одлично и наиде на добар прием кај публиката. Членовите на овој бенд велат дека станува збор за група која негува свое видување на инди – рокот. Овие момци отсвирија технички одлично, звукот можеби беше потивок, но изразито чист, а умешноста на членовите на своите инструменти се огледаше низ менувањето на динамиката и сензитивноста на она што и беше сервирано на публиката. Нивниот пласман на петтото место е добар успех, имајќи предвид дека и сите останатите 13 бендови, иако под етикетата „демо“, звучат одлично, имаат свој имиџ и однос кон публиката. На сите можеби им недостига мал чекор, можеби еден повпечатлив риф или стих, секако медиумски поддржан, па да зачекорат таму каде што се постарите колеги.

Оваа гитаријада ќе се памети по одличните свирки на славните стари рокери, кои во меѓувреме добија повеќе брчки и бели влакна во косите и брадите, ама затоа звучат светски. Ќе се памети и по квалитетот на демо – бендовите.

Да биде забавата комплетна се погрижија и Гоблини, кои имаа голем број свои фанови, Ван Гог и други постари или денес големи групи.

Гитаријадата, покрај концертите и Мото – собирот, во Ирскиот паб во градот организираше и трибини, на кои се говореше за рок – културата, за рокот низ призмата на медиумите и интернетот и незаобиколниот Јутјуб, беа промовирани книги инспирирани од рок – музиката, како и нови албуми на бендови, а групата Хелм од Прибој беше пример како учеството во финалето на минатогодишната гитаријада е добро искористено за пробив на српската сцена, што математички изразено значи близу 60 концерти во различни градови и албум првенец.

Во Ирскиот паб беше прикажан и документарниот филмот „Мизар – ѕвезда на надежта“ чиј автор е студентот на ФДУ, Марко Џамбазоски, кој пак, со својот рок – бенд Визија учествуваше во натпреварувачкиот дел на минатогодишната гитаријада и собра добри критики од музичките критичари. Филмот наиде на одличен прием, а по прикажувањето, под водство на Бранимир Локнер и Драгиша Радуловиќ пред публиката беше воден разговор за филмот, кој го третира најстариот период на Мизар, од основањето во 1981 година, па до речиси првиот албум во 1987 година, најмалку познатиот период на бендот. Изненадувачки беше да се види со колкав интерес и со живо учество на публиката беше разговарано за филмот и за Мизар, но и да се види дека овој бенд има свои фанови и во Заечар и да се заклучи дека новинарите од регионот кои беа присутни и тоа како добро се информирани за етапите од постоењето на Мизар и за нивната музика.

Во ноќта помеѓу 4 и 5 август до зората прославуваа бендовите кои постигнаа успех на гитаријадата. За забавата да продолжи со многу децибели се погрижија „старите“ бендови, а кога огромното озвучување на бината, која беше голема како голема зграда, беше изгаснато, низ Заечар се слушаа зарипнатите мотори на моторџиите што решија да заминат и можеби да одат на работа во своите градови, како и муабетите на многу луѓе што пред тргнување ги запоседнаа кафеанчињата за да го испијат првото утринско кафе, кое им го доведе организмот во нормала, по испиените пива и пеењето на добро познатите песни, во хор со рокерите од големата сцена.

Панта Џамбазоски

Без оглед дали сте поддржувач или противник на претходната власт, не можете да оспорите дека таа постави сосема нови стандарди во поглед на мерките, напорите и вложувањата за да се привлечат странски инвестиции, за наши услови. 

повеќе

Ако лидерите на двете најмоќни земји во светот – САД и Кина имаат суштински разлики во начинот на кој тие гледаат на меѓународните односи, какви се изгледите за глобално зајакнување на соработката?

повеќе

Најновите случувања на релација политичка власт-граѓански сектор, повторно го отвораат прашањето за односите помеѓу овие два сегмента на општествениот живот.

повеќе