ИНТЕРВЈУ СО ВОДАЧОТ НА МИЗАР

Горазд Чаповски: Доаѓа времето на некоја нова панк-револуција

Немаше ни да прифатам да свирам пред „Симпл мајндс" ако немав автентична музика, нагласи Горазд Чаповски. Во обид да ја опфатиме пошироката слика за „Мизар", една од најзначајните групи во македонската рок-историја, во разговорот со него тргнавме од почетоците на 80-тите години на минатиот век за да стигнеме до денешните дни. До настапот пред „Симпл мајндс" во СРЦ „Кале" на 6 март годинава.

Која е широката слика на групата која остави силен печат во музичките движења во државата?

Тоа се пет откровенија, шест албуми. Во 1982 година со мене во групата беа Ристо Вртев, Панта Џамбазоски и Илија Стојановски. Тоа беа почетоците кога ги направивме првите песни, како „Исус“, и кога правевме дарквејв со звук како „Џој дивижн“. Се сеќавам, тогаш не примија и на ЈУРМ.

Тоа беше периодот кога Југославија сè уште постоеше, а Тито умре. Кои беа тогашните пориви да се изразите со музика?

Припаѓаме на една рок-генерација. Првпат кога ги слушнав „Блек сабат“ на црно-бел телевизор имав девет години. Тоа беше во 1974 година. Тогаш почнав да слушам музика. Првата поставата на „Мизар“, во која почнавме да свириме обработки на песни од Џими Хендрикс, Ерик Клептон, „Дорс“, бевме јас, Панта Џамбазоски и Валентин Забјакин. Во тој период тоа беше како нова светлина, како бунт, што не натера да се занимаваме со таа работа до денес. Рок-музиката беше како нов начин на ангажирање, на просветлување. Истата функција ја има и за денешните млади генерации. Меѓутоа, важно ни беше да не станеме нечија копија и затоа почнавме да ја користиме традиционалната музика. Од странските групи ги слушавме „Џој дивижн“, „Баухаус“, „Клеш“. Панкот направи револуција и од хипици станавме панкери и постпанкери. Тоа што требаше да го направиме беше да имаме свои песни и да изградиме сопствен звук. Тогаш беа направени песните „Исус“, како и „Стој“, „Униније“, што беа објавени на првиот албум на „Мизар“.

Некогашните младински списанија „Полет“ и „Младина“ го организираа ЈУРМ (Југословенски рок момент) и тогаш првпат настапивме во Загреб и во Љубљана. Тоа беше една извонредна енергија. Тогаш ги почувствувавме благодатите на културниот импакт што го имаше матрицата на бивша Југославија, а ние се уште бевме деца што пораснале во таа средина. Југословенските народи во тоа време доживуваа извонреден прогрес. Регресот и падот се случија во деведесеттите години на минатиот век, додека осумдесеттите беа години на прогрес.

Уште тогаш „Мизар“ успеа да си го обезбеди култниот статус што трае до денешното време, така?

Сите музички критики што ги добивме во 1982/83 година беа извонредни. Тогаш го изградивме звукот со употреба на црковна музика, со македонски текстови, подоцна дефиниран како источен рок-звук. Во 1985 година, кога ни се придружи Горан Таневски, само ја продолживме започнатата линија. Тогаш дојдоа повеќе нови луѓе во групата, а првиот албум го снимивме за словенечката етикета „Хелидон“ во студиото „Тиволи“ во Љубљана. Веќе во 1985/86 година станавме многу популарни. Во 1987 година се случи и средбата со Оливер Мандиќ, кој беше главен уредник во музичката продукција на ПГП-РТБ, кога ни кажа да ги смениме текстовите на српски јазик за да ни издаде албум. Тоа едноставно не одговараше на нашиот концепт, инаку можевме да пееме и на кинески јазик! Морам да го пофалам Ристо Вртев, како текстописец, кој од 1982 година ги постави текстовите. Вртев до денешен ден се покажа како извонреден текстописец и пионер за рок-звукот со македонски текстови. Истиот концепт на музика го задржавме до сегашното време, само во различни форми. Технологијата доживеа многу промени, но концептот остана истиот.

Како ги доживувавте споредбите со словенечката група „Лајбах“ во тоа време?

Во суштина, тоа беа проекти кои носеа демократизација во општеството. Е, сега, како изгледа демократизацијата во денешно време, тоа е друго прашање. Не се надевавме дека вака ќе изгледа демократијата. Но, во тој период појавата на двете групи значеше слобода, слобода на говор и на изразување, да нема монопол. Се боревме да нема еден тиранин и една политичка партија кои ќе владеат. Да нема диктатура на еден човек. Се боревме за вредностите на слободниот говор и израз. Во уметноста нема цензура. Тоа што „Лајбах“ имаа наци-иконографија не значеше дека се нацисти, туку напротив, се бореа против таквите идеологии. Цензура во уметноста се обидувале да спроведат и левичари и десничари, па има дури и во либералните демократии, ако така им одговара. Денес секаде има цензура, но ние не се боревме за тие вредности. На крајот, ниту Џими Хендрикс, ниту Џон Ленон, дефинитивно не се бореа за такви вредности.

Ако направиме брз прелет низ имињата што биле вокални солисти во „Мизар“, а тоа се Ристо Вртев, Горан Таневски, Нора, Горан Трајкоски, хорот „Хармосини“, Теа Шалдева, дали сега „Мизар“ е со сосема нова постава?

Не е сосема нова постава. Сашко Гигов-Гиш пее вокали на вториот албум „Свјат dreams“, и настапи на многу концерти во 1989 година. Гиш е последниот од старата гарда на „Мизар“. И што е најважно, пее до денешен ден. Последново откровение има смисла бидејќи тој веќе бил вокалист во „Мизар“. Претходно, со „Хармосини“ беше малку поинаква работата, но со црковниот хор ја продолжувавме линијата која беше започната со песната „Ходен же“ од првиот албум. Што значи дека суштината во „Мизар“ секогаш останувала иста, само формата се менувала.

Од тој аспект, која е поврзувачката нитка меѓу петте откровенија на „Мизар“?

Истата нитка ја влечеме од 1982 година, а тоа е создавање источна рок-музика. На првите демо-снимки работевме со Вртев, Џамбазоски и Кирил Џајковски. Кога го направив концертот „Македонска стрељба“ во „Кале“, идејата ми беше да се собере целата екипа што работела во „Мизар“. Нитката што не поврзува е создавањето на своја, автентична музика. Сега не би ни прифатил да свирам пред „Симпл мајндс“ ако немав автентична музика.

Сакам да се занимавам со музика. Тоа ми е пасија. Но знам дека денес не можам да звучам како во 1982 година. Можеби е добро да се направи таков ретро-албум, но веќе нема такви услови, нема ленташи, веќе се е дигитално. „Мизар“ не е само акустична група, туку употребувам и акустични и електронски звуци во новата музика.

Како се појави идејата новата вокалистка, Јана Бурче, да биде избрана од естрадната сцена?

Тоа го прават многу алтернативци. Дури и ми беше предизвик да видам како ќе помине новата форма. Првата помисла е дека тоа е неспојливо, но во песната „Небо“ мислам дека успеав да ги спојам вокалот на Јана со суштината на „Мизар“.

Колку материјал имате подготвено за настапот пред „Симпл мајндс“?

Подготвивме 45 минути, бидејќи така сме договорени со организаторот. Потоа ќе подготвуваме самостоен концерт. Веќе правиме нови песни за албумот „Шарена крава“. Музиката ја правам јас, додека околу текстовите ќе се вклучи Гиш. Се надевам албумот ќе излезе некаде во мај годинава.

Што лично ви значи настапот пред легендарните „Симпл мајндс“?

Ученикот свири пред учителот. Нема што повеќе да се каже. Сите нивни албуми ги имам. Стариот грамофон „Тоска“ се излижа од слушањето на нивните албуми. Со нивната музика ми ја исполнија младоста.

На крајот, што денешното време нуди како инспирација да се создава со таков порив, како на почетокот на групата „Мизар“?

Денешното време е најдобро за создавање каква било креација. Под креација не мислам само на музиката. Времето е возбудливо, контроверзно, со многу чинители кои се борат меѓусебно, во политиката, во економијата, во религијата. Во таа смисла времето е извонредно за креација. Само човек треба да има голема самодоверба и да го сочува својот дух и тело. Ова е време за рок-револуција. Гарантирам дека набрзо ќе се случи некоја нова панк-револуција поттикната од антиглобализмот. Сега целата идеја е заташкана, бидејќи не им одговара на глобалните корпоративни идеи. Затоа имаме „Икс-фактор“, „Идол“ и слични медиумски продукти.

Тоа беше една од причините што Јана Бурче ја земав од „Идол“, за да видам како ќе функционира во другата варијанта, и мислам дека ќе биде многу поуспешна од претходно. Инаку, глобалните случувања одат во правец на леб, игри и перење мозок. Доаѓаат од Западот, а, за жал, и Истокот ги поддржува. Но, мислам дека ќе мора да се случи голем креативен бунт. Состојбата веќе станува неиздржлива. Луѓето не се толку глупави. Особено не се глупави обичните луѓе, кои сега се ставени во ситуација да седат дома, да вртат телефони и да стискаат „лајкови“ на Фејсбук само да не излезат на улица. Тука рок-музиката треба повторно да одигра значајна улога.

На крајот на краиштата, рок-музиката постои само 50-60 години, и како форма се уште не е доволно истражена и завршена. Пионерите, како Хендрикс, или „Лед цепелин“ го направија првиот удар. Дури и во денешно време кога ги слушам „Лед цепелин“ постојано откривам нови нијанси. Тоа е стравична креативност. Таква енергија имавме во новиот бран во бивша Југославија со групите „Шарло акробата“, „Идоли“, „Екатерина велика“. Сето тоа беше значајно и обележано на светско ниво. Тогаш бевме Европа, сега сме „вукојебина“. Тоа не значи дека таа состојба нема да се промени. Триесет години за еден човечки живот се многу, но во историска смисла не значат речиси ништо. Но, јас сум голем оптимист, бидејќи во основата на човечкото битие е да не се предаде. Многумина им го переле мозокот на луѓето, но знаеме како завршиле во историјата.

Тони Димков

Македонија треба да започне со процесот на усвојување модел за правно признавање на родот со почитување на фундаменталните права и правото на личен и телесен интегритет на транс луѓето.

повеќе

Парадоксалните судски процеси во државава, сами по себе родија парадокс.

повеќе

Следејќи ги слепо своите геостратешки планови, можно е американските геостратези и во Македонија да направија уште една грешка, во низата грешки во последните две декади.

повеќе