Запленети 40.000 диви животни

„Животните живеат за човекот“, кинескиот апетит за диви животни ќе го преживее вирусот

Во изминатите две недели кинеската полиција ги пребарува домовите, рестораните и импровизираните пазари низ целата земја и апси лица кои ја прекршуваат привремената забрана за лов, продажба или консумирање на диви животни.

Опсегот на акцијата, со скоро 700 уапсени и 40.000 запленети животни, како верверици, ласици и диви свињи, укажува на тоа дека кинескиот апетит за диви животни или желбата нивните органи да се користат во традиционалната медицина нема да исчезне преку ноќ, и покрај можната поврзаност со новиот вирус, јави Ројтерс.

Кинеските трговци, кои во нормални времиња можат легално да продаваат магариња, кучиња, елени, крокодили и друго месо, рекоа дека планираат да се вратат во бизнисот кога повторно ќе се отворат пазарите.

„Сакам да тргувам веднаш штом ќе се укине забраната“, рече Гонг Џиен, сопственик на продавницата за месо и лековити препарати од диви животни. „Луѓето сакаат да ги купуваат, за себе или како подарок за другите“.

Гонг вели дека месото од крокодил и елен ќе го зачува замрзнато, но јајцата од препелица ќе му пропаднат затоа што по замрзнување не се јадливи.

Научниците се сомневаат, иако сè уште не докажале, дека новиот коронавирус се пренесол на луѓето преку крлушест мравојад, мал цицач, чии крлушки се високо ценети во традиционалната кинеска медицина.

Некои од првите зарази се откриени меѓу луѓето кои го посетувале пазарот во Вухан, каде се продаваат лилјаци, змии, цибетки и други животни. Кина привремено ги затвори сите вакви пазари, предупредувајќи дека консумацијата на диви животни претставува закана за јавното здравје и безбедност. Но, ова веројатно не е доволно за да се сменат вкусовите и обичаите длабоко вкоренети во кинеската култура и историја.

„Многу луѓе сметаат дека животните живеат за човекот, и не ја делат Земјата со луѓето“, рече пензионираниот зоолог Ванг Сонг.

Епидемијата со коронавирусот, во која загинаа повеќе од 1.800 луѓе во Кина, ја оживеа дебатата за користење на дивите животни за храна и лекови. Последно се активираше во 2003 година за време на епидемија на САРС (Тежок акутен респираторен синдром), за кој научниците исто така веруваат дека пристигнал до луѓето преку цибетки и лилјаци.

Многу кинески академици, еколози и активисти им се придружија на меѓународните групи за заштита на животните кои бараат постојана забрана за трговијата со диви животни во Кина. Во пошироката јавност, ваквата мерка ја поддржуваат главно младите.

Но, лиценцираното одгледување на диви животи има поддршка од владата и за многумина е профитабилно.

Најголемата закана од оружје засновано на ВИ не доаѓа од поединечни земји. Заканата ќе дојде од недржавни актери.

повеќе

Потребно е неодложно формирање на државен фонд кој ќе овозможи во прв момент преживување во оваа ситуација...

повеќе

Во време кога пандемијата на коронавирусот и понатаму е вон контрола, најдобар економски исход на кој би можеле да се надеваме е рецесија која ќе биде подлабока од онаа со финансиската криза во 2008 година. 

повеќе