Киев не ѝ верува на Москва

Житото останува заробено во Украина

Напорите на Турција да ја ублажи светската криза со храна преку преговори за безбеден премин за извоз на житото заглавено во црноморските пристаништа наиде на отпор од Украина, која тврди дека Русија наметнува неразумни услови и дека таа не верува дека Турција може да ја гарантира безбедноста.

Фото: ЕПА

Турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу вчера во Анкара го прими својот руски колега Сергеј Лавров, каде што разговараа за предлогот на ОН за ослободување на украинските пристаништа на Црно Море за да може да се извезат 22 милиони тони жито од силосите.

Војната меѓу Русија и Украина, третиот и четвртиот најголем производител на жито во светот, доведе до зголемување на цените на храната и ги загрози глобалните резерви, пишува Ројтерс.

Во текот на речиси 15-те недели војна Русија окупираше големи делови од украинскиот брег, а нејзините воени бродови ги контролираат Црно и Азовско Море, блокирајќи го извозот на украинските земјоделски производи и предизвикувајќи глобален пораст на цените на житото.

Украина и Западот ја обвинуваат Москва дека ги користи залихите храна како оружје, додека Русија, од друга страна, тврди дека главни виновници се украинските поморски мини и меѓународните санкции против Москва.

На прес-конференцијата со Лавров, Чавушоглу рече дека вчерашните разговори во Анкара, на кои не учествуваше украински претставник, биле плодни и дека е можно повторно воспоставување извоз на украинското жито долж морскиот коридор.

Обединетите нации, заедно со Киев и Москва, работат на плановите за обновување на извозот на жито од пристаништата на Украина во Црно Море, а можно е Турција да обезбеди поморска придружба и безбеден премин.

Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш вчера изјави дека високи претставници на ОН разговарале со Анкара, Брисел, Киев, Москва и Вашингтон во изминатите десет дена, но не сакаше да ги „загрози шансите за успех“ со дополнителни коментари.

„Ова е еден од оние моменти кога е неопходна тивка дипломатија - и од тоа може да зависи благосостојбата на милиони луѓе низ светот“, им рече Гутереш на новинарите.

Чавушоглу рече дека планот на ОН е „разумен и остварлив“ и дека „Украина и Русија треба да го прифатат“.

Русија ја повика Украина да ги отстрани мините од областа во близина на црноморското пристаниште Одеса со цел да се овозможи безбеден извоз на житото. Рускиот претседател Владимир Путин вети дека Русија нема да ги користи деминираните коридори за да ја нападне Одеса, но агенцијата АП потсетува дека Путин претходно годинава тврдеше и дека нема да ја нападне Украина.

Лавров вчера изјави дека Русија е подготвена да ги официјализира гаранциите во однос на Одеса. Тој вети дека Русија нема да ја „злоупотреби“ поморската предност доколку украинските пристаништа се деминирани и дека ќе ги преземе неопходните чекори за да се осигури дека бродовите ќе минуваат слободно.

„Спремни сме да ја гарантираме безбедноста на бродовите што ги напуштаат украинските пристаништа... во соработка со нашите турски колеги“, рече Лавров.

Москва, исто така, инсистира на правото да ги претресува бродовите што доаѓаат во пристаништата за да се увери дека не носат оружје наместо жито, што, според украинскиот амбасадор во Турција, е неприфатливо.

Украина, исто така, рече дека ветувањето на Русија дека нема да ги користи безбедните поморски коридори за напад на Одеса не е веродостојно.

Претседателот на Здружението на украински трговци со жито ги критикуваше и напорите на Турција да преговара за договор со Русија за обновување на украинскиот извоз, велејќи дека Анкара не е доволно моќна да дејствува како гарант против Русија.

„Турција не е доволно моќна во Црно Море за да ја гарантира безбедноста на товарот и на украинските пристаништа“, рече претседателот на здружението, Серхиј Ивашченко. Тој изјави и дека отстранувањето на мините од украинските пристаништа може да потрае два до три месеци, а во тоа треба да учествуваат турската и романската морнарица.

Украинскиот лидер Володимир Зеленски оваа недела изјави дека Украина разговарала со Велика Британија и Турција за идејата дека морнарицата на трета земја ќе гарантира безбеден премин за извозот на жито од Украина преку Црно Море.

Русија и Турција исто така би имале корист од планот за извоз. Агенцијата АП посочува дека истиот коридор ќе ѝ овозможи на Русија безбедно да ги извезува своите прехранбени производи и ѓубрива, додека Турција тврди дека ќе го олесни и заштити транспортот на житарки во Црно Море, што ѝ овозможува да ги исклучи другите шпедитери.

Чавушоглу, исто така, вчера рече дека е „легитимно“ да се ублажат санкциите против рускиот извоз на земјоделски и некои други производи.

„Ако треба да го отвориме украинскиот меѓународен пазар, сметаме дека е легитимно да се отстранат пречките за рускиот извоз“, рече Чавушоглу. „Ако целиот свет треба да извезува производи од Украина и Руската Федерација, тогаш треба да се воспостави метод“, рече тој, додавајќи дека се надева дека „техничките подготовки“ ќе бидат можни што е можно поскоро.

Иако извозот на жито е изземен од западните санкции, Русија тврди дека санкциите ја спречуваат да испраќа жито на западните пазари.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, вчера изјави за новинарите дека руските залихи жито може да се испорачаат на меѓународните пазари само доколку се укинат санкциите. Тој посочи дека „сѐ уште нема позначајни преговори“.

Претставници на ЕУ вчера нагласија дека блокот не вовел санкции за храната.

„Кремљ ги користи залихите храна како оружје и за своите постапки плете мрежа од лаги во советски стил“, изјави вчера претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел.

Во силосите нема место за житото од годинашнава жетва

Силосите за жито на територијата што ја контролираат украинските власти се до половина полни пред годинешната жетва, што значи дека посевите би можеле да останат неожнеани доколку Русија продолжи да ги блокира пристаништата, изјави вчера претседателот на Украинската асоцијација за житарки.

На територијата контролирана од Украина се складирани околу 30 милиони тони жито, што е повеќе од половина од вкупниот капацитет од 55 милиони тони, изјави Микола Горбачов на меѓународната конференција во Лондон, додавајќи дека територијата контролирана од Русија има капацитет за складирање на 13 до 15 милиони тони.

Без пристап до црноморските пристаништа, Украина во најдобар случај ќе може да извезе 20 милиони тони жито следната година, рече Горбачов, додавајќи дека најверојатно повеќе ќе има семки сончоглед отколку пченка и пченица.

Украина, која во 2020/21 преку море има извезено 44,7 милиони тони жито во странство, во моментов се обидува да извезува по патиштата, реките и железницата, но логистичките тешкотии го ограничуваат количеството на максимум два милиони тони месечно.

„Можам да ви кажам дека нема да најдеме решение за извозот без пристап до пристаништата во Црно Море“, изјави Горбачов во Лондон.

„Жетвата почнува за еден месец. Имаме силни складишни капацитети за пченица и јачмен. Проблемот ќе се појави во ноември кога ќе почне жетвата на пченката“.

Горбачов процени дека половина од посевите на пченка ќе останат неожнеани доколку Русија ја задржи блокадата на црноморските пристаништа. Горбачов рече дека преговорите меѓу Турција и Русија веројатно нема да доведат до безбедносните гаранции потребни за транспорт на украинското жито по морски пат и ги повика Соединетите Држави, Велика Британија и Франција да обезбедат безбеден коридор за бродовите што превезуваат украинско жито.

„Не верувам дека некоја компанија ќе товари украинско жито ако Русите потпишат нешто со Турците. Осигурувањето не покрива такви ризици. Потребни ни се меѓународни гаранции, само во тој случај ќе почне транспортот на житото“, рече тој.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Доколку чувствуваме дека нашиот труд ќе биде награден со успех, ќе ѝ приоѓаме на околината со апетит, доверба и храброст.

повеќе

Од општи формулации кон конкретни разговори.

повеќе

„Вчерашниот ден измина, утрешниот допрва доаѓа, го имаме само денес - да започнеме“.

повеќе