Телевизискиот новинар Нија Авдели разговарал со наводниот „оперативен претставник“ на криминалната група во Грција, кој пред камерата на ЕРТ ги потврдил гласините дека за 300 евра заинтересираните можат да извадат потврда за вакцинација од Бугарија без да бидат вакцинирани. Се вели дека клиентите на шемата доаѓаат главно од северна Грција.
Во извештајот се вели дека Бугарија ги срушила сите негативни рекорди на смртност во Европската Унија и регистрира четирицифрен број случаи на ковид-19 дневно, додека сè погласни се обвинувањата дека матичните лекари издаваат потврди без да пропишат соодветни дози вакцини.
Се потсетува дека во Бугарија вакцинациите се вршат од матични лекари надвор од контролирана средина, т.е. сам со пациентот, за разлика од центрите за вакцинација, каде што тоа се прави во присуство на 6-7 лица. Се чини дека ова овозможува тргување со сертификати без вистинска вакцинација, коментира телевизискиот канал.
Според „посредникот“, кој го пренесува ЕРТ, за 300 евра и кратка посета на Софија секој може да добие европски сертификат за вакцинираност.
„Одиш во Бугарија, ти даваат сертификат, го проверуваш името, проверуваш дали сѐ е правилно напишано, плаќаш и си одиш“, објаснува посредникот и додава дека проверката се врши преку скенирање на кодот при што се појавува точното име на заинтересираното лице и зелен знак што значи дека вакцинацијата е завршена.
Целата процедура, како што изјавил, трае 15 минути, само треба лично да се отиде во Софија и да се плати 300 евра.
Посредникот вели дека тој лично знае за најмалку 100 сертификати издадени на Грци од севрна Грција во последните три месеци.
Грчките власти велат дека внимателно ги следат вакцинираните Грци со постојани адреси во Грција што презентираат потврди од Бугарија и Романија. Неодамнешните законски измени предвидуваат тешки кривични и финансиски санкции за незаконски дејствија поврзани со тестирање и вакцинација.