Се отвораат барови, училишта, продавници...

Земјите низ цела Европа продолжуваат да ги попуштаат мерките

Италија и Шпанија денес продолжуваат да ги олеснуваат мерките за контрола на коронавирусот.

Во Италија ќе бидат отворени повеќето продавници, вклучувајќи ги баровите и фризерниците, првпат по два месеци карантин.

Во земјата ќе остане во сила мерката за социјално растојание. 

Шпанија планира да ги олесни мерките надвор од Мадрид и Барселона, а првпат ќе се дозволи собирање до 10 луѓе. Овие одлуки го следат секојдневниот пад на бројот на мртвите и новозаразените во тие држави.

Италија во неделата забележа најниска дневна бројка на смртни случаи од март. Тие потврдија дека 145 луѓе починале како резултат на инфекција со коронавирусот во изминатите 24 часа. Тоа е значителен пад во однос на рекордниот број 900, колку што починаа на 27 март. Во Шпанија дневниот број на жртви падна под 100 првпат од воведувањето на строгите мерки.

Сепак, експертите предупредуваат дека треба да се биде претпазлив за да се спречи втор бран на заразата.

Католичката црква се подготвува да одржи миса, но и таму социјалното растојание ќе биде една од основните мерки и ќе биде задолжително да се носат заштитни маски.

Експертите, од друга страна, предупредуваат на опасностите од големите собири. Во Шпанија повеќето луѓе ќе бидат без карантин до крајот на оваа недела. Од денеска тие можат да седат надвор во барови и ресторани, а ќе биде можно да се организираат семејни собири, но со најмногу десет лица.

Во Мадрид и Барселона, заедно со северозападните делови на земјата, повеќето од рестриктивните мерки остануваат во сила, но малите продавници ќе можат да почнат со работа. Шпанија е многу блиску до запирање на преносот на вирусот, објави во неделата шефот за вонредни ситуации, Фернандо Симон.

Што се однесува на другите европски земји, Белгија денеска почнува со отворање на основните и средните училишта, но под строги мерки на заштита. Португалија, Грција, Данска и Ирска се исто така меѓу земјите што планираат да ги олеснат мерките.

Вработените дезинфицираат лежалка на плажа во крајбрежната зона на Атина, на 16 мај 2020. Фото: ЕПА

Во Полска, Германија и Данска се отвораат кафулињата, рестораните, хотелите, салоните за убавина, а почнуваат да работат и горните одделенија од основните училишта.

Во Полска сите отворени објекти ќе мора да се придржуваат до режимот на санитарни мерки и да го почитуваат пропишаното физичко растојание во рестораните, кафулињата и баровите.

Спортските сали исто така се отвораат денеска, со ограничување на максималниот број на корисници, а се зголемува и бројот на лицата што може да бидат на спортски терени на отворено и да патуваат со јавен превоз во исто време.

Полска во текот на викендот го зголеми бројот на луѓето што можат да присуствуваат на миса и ја укина задолжителната самоизолација за луѓето што влегуваат во Полска а се занимаваат со медицина.

Како следен чекор, Полска, меѓу другото, планира делумно отворање на училиштата, а мерките за социјална оддалеченост, како и обврската да носат маски во јавноста, остануваат во сила.

Голем број германски сојузни држави денеска продолжуваат да укинуваат некои рестриктивните мерки и ги отвораат рестораните, баровите, кафулињата и некои хотели.

Германското здружение во овој сектор ги критикуваше недоследните правила за отворање во различни сојузни држави, па дури и во рамките на самите провинции.

Така, во Берлин баровите викендов беа затворени, додека во сојузната држава Бранденбург, која го опкружува Берлин, пабовите беа отворени.

Како и да е, низ цела Германија во овие објекти мора да се почитува правилото за физичко растојание од 1,5 метар, а повеќето вработени мора да носат заштитни маски.

И Данска со почетокот на неделата ги отвора кафулињата и рестораните, а горните одделенија на основните училишта почнуваат да работат.

Според упатствата на Министерството за индустрија, претприемништво и финансии, на групи до 10 лица им е дозволено да се собираат во угостителските објекти, а растојанието од најмалку еден метар мора да се почитува и на затворено и на терасите на отворено.

Локалите што послужуваат храна или пијалаци ќе смеат да работат до полноќ.

Учениците од шесто до десетто се враќаат на своите клупи, а се отвораат и книжарниците. Градинките и основните училишта до петто одделение се отворени од средината на април.

Црквите и другите верски објекти исто така се отвораат.

Данска во март воведе рестриктивни мерки и планира да ги отвори своите граници во почетокот на јуни.

Досега во светот се пријавени речиси 5 милиони случаи на заразата, според Универзитетот Џон Хопкинс, а починале околу 317.000 луѓе.

Бразил ги претекна Шпанија и Италија и стана четвртата земја во светот со потврден број случаи на зараза. Американците, од друга страна, стравуваат од економска криза. Шефот на Федералните резерви рече дека американската економија нема да излезе од кризата до 2021 година.

Велика Британија објави 170 нови смртни случаи во изминатите 24 часа, што е најмал број од воведувањето на карантинот. Во исто време, Индија го продолжи својот карантин до 31 мај, но постепено олеснува некои мерки.

Објавено

Понеделник, Мај 18, 2020 - 13:28

Доколку нешто радикално не се промени, не можеме да очекуваме дека нашата економија брзо ќе се нормализира и ќе излезе од сегашната криза.

повеќе

Како да разликуваш дали „Македонец” означува етничка припадност или државјанство? Според потребата на моментот!

повеќе