Зеленски кажа дека е спремен да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин на преговори за завршување на војната, но на прашањето дали е спремен да се откаже од кој било дел на Украина за постигнување мир кажа дека „не е спремен да даде дел од својата земја“.
Во разговорот со Скот Пели од Си-би-ес Зеленски кажа дека никогаш не би го признал Крим како руска територија и покрај тоа што полуостровот во 2014 година беше припоен кон Руската Федерација.
Пели напомена дека претседателот на САД Џо Бајден и лидерите на НАТО изразиле огорчување поради „руските злосторства во Буча“ и го праша Зеленски што би требало да направат следно, на што тој одговори: „Мора да ѝ испорачаат оружје на Украина“.
Зеленски порача дека Украинците го бранат правото на живот.
„Никогаш не мислев дека тоа право е толку скапо. Тоа се човечки вредности, Русија да не бира што би требало да правиме ние и како јас ги остварувам своите права. Тоа е право кое ми го дале Бог и моите родители“, кажа Зеленски.
Украинскиот претседател кажа дека е спремен да го даде животот за својата земја.
„Не сакам да глумам херој. Го сакам своето семејство. Сакам да живеам уште многу години, но меѓу бегањето и тоа да сум со својот народ, нормално дека сум спремен да го дадам својот живот за својата земја“, кажа тој.