Бидејќи на конфликтот не му се гледа крајот, Зеленски кажа дека не исклучува мировни преговори со својот колега во Москва.
„Освен ултиматум, ништо не сум слушнал од сегашниот претседател на Руската Федерација. Но не ја затворам вратата. Кажав дека ќе бидеме спремни да разговараме со Русија – но со друга Русија. Онаа која е навистина спремна за мир. Онаа која е спремна да признае дека се окупатори. Мора сè да вратат. Земјата, правата, слободата, парите. И што е најважно, правдата“, кажа Зеленски.
Кажа и дека е загрижен поради неодамнешните „матни пораки“ на републиканските пратеници за помошта за Киев пред меѓуизборите во САД и кажа дека негов приоритет е зачувување на двопартиската поддршка.
„Благодарни сме на двопартиската поддршка. Навистина би сакале оваа двопартиска поддршка да остане и по изборите. Постоеја матни пораки објавени во американските мејнстрим медиуми, особено од страна на републиканците... дека мора да бидат внимателни околу поддршката на Украина – и дека можеби во одреден момент поддршката би можела да биде намалена. За нас тоа е многу загрижувачки сигнал“, наведе Зеленски.
Тој додаде дека силната поддршка од Соединетите Американски Држави е од витално значење за одржување на единството на Западот со Киев додека војната влегува во зимата.
„Кога САД финансиски нè поддржуваат, тогаш и Европа се придружува на таа поддршка. И ние тоа силно го чувствуваме, бидејќи победа во оваа војна над рускиот терор е можна само со обединета поддршка“, кажа тој.
Зеленски одбил да даде детали за плановите за воените операции.
„За овие планирани воени акции се разговара во тесен круг, а потоа се изведуваат во тишина. И навистина сакам да имам непријатно изненадување за непријателот, а не нешто на што се спремни“.