Украинското обвинителство соопшти дека евидентирало повеќе од 12.000 воени злосторства за кои се осомничени повеќе од 600 лица откако Русија ја нападна Украина на 24 февруари.
„Следната недела ќе биде лансирана специјална публикација „Книга на крвници“, систем со кој ќе се собираат податоци за воени злосторства, криминалци од руската војска“, рече Зеленски во видео порака, пренесе Ројтерс.
Тој истакна дека тоа ќе биде клучен елемент во неговото ветување да се повикаат на одговорност руските војници кои, според украинските власти, се одговорни за убиства, силувања и грабежи.
„Ова се конкретни факти за конкретни лица виновни за конкретни сурови злосторства против Украинците“, рече Зеленски, наведувајќи го киевското предградие Буча, каде, според истражителите, беа пронајдени докази за масовни егзекуции.
Русија тврди дека направила сè за да избегне гаѓање на цивили во „специјалната воена операција“ во Украина. Руските власти ги отфрлија снимките од настаните во Буча како „лага“ на украинските власти откако руските сили го напуштија градот кон крајот на март.